Доза вести, Лице в лице

Дигитални права и слободи: Онлајн омраза, измами и нарушувања на приватноста

Време на читање: 3 минути

Дигиталните права и слободи се под се поголем притисок од злоупотреба и повреди на мрежите. Истражувањата на светско ниво покажуваат дека многу новинарки на глобално ниво се соочуваат со онлајн омраза и закани. Всушност, 73% од новинарките пријавиле дека имале искуство со онлајн насилство додека работат (UNESCO).

Во Западен Балкан ситуацијата е исто така загрижувачка: истражувањето на Safe Journalist документирало 34 напади на женски новинарки во Босна и Херцеговина, 32 во Србија, 13 во Косово, 10 во Северна Македонија и 8 во Црна Гора од 2015 година наваму. Овие напади обично вклучуваат „сексистички навреди и вербални напади, закани со силување и други родово базирани навреди“ кои ретко ги доживуваат машките колеги. Таквите вознемирувања придонесуваат за автоцензура и страв меѓу новинарките.


Во последниот извештај на БИРН за дигитални права се истакнуваат прекршувања како притисоци во врска со онлајн изразувањето, манипулацијата и повредите на приватноста, кои се најчести за земјава. Од септември 2023 до август 2024 година, БИРН регистрира 366 случаи на кршење на дигиталните права во земјава.
Сајбер нападите од големи размери продолжуваат да го нарушуваат регионалниот онлајн простор. Зголемени се проблемите со дистрибуција на интимни фотографии и видеа без согласност, онлајн измамите (фишинг итн.), како и пораст на содржината генерирана од вештачка интелигенција.

Податок од анализа на ПИНА пак, посочува и дека новинарките се соочуваат со огромно онлајн вознемирување – над 81 проценти од новинарките во земјава се соочиле со некаков вид на онлајн вознемирување поради нивната работа Нападите во дигиталниот простор преоѓаат и во закани со физичко насилство 24,1% и закани по живот 19,5%. Загрижувачки е и податокот што дури 36 проценти од испитаничките сметаат дека се соочиле и со организирани напади.

Во глобално истражување на ICFJ/UNESCO, речиси три четвртини од новинарките пријавиле дека се цел на онлајн насилство.

Искуства со дигитални измами кај граѓаните

Извештајот на БИРН потврдува загрижувачки пораст на онлајн измами и фишинг-напади во регионот. Во Албанија, на пример, полицијата регистрираше пораст од 22,35% во сајбер-криминалните дела во 2023 година (од 225 случаи во 2022-ра до 312 во 2023-тата).

Дел од тие напади беа и масовни „смишинг“ кампањи (измами кои доѓаат по СМС порака), што се претставуваа како пораки од Албанската Пошта: стотици граѓани добија СМС-пораки за наводно пристигната пратка и беа пренасочени на лажна страница, каде им се бараа лични и банкарски податоци.

Слично, во Северна Македонија, БИРН потврди дека илјадници луѓе беа измамени преку пирамидални инвестициони апликации кои ветуваа брза заработувачка преку вклучување пријатели, а потоа пропаднаа.

И во Косово се преземени мерки против организираните измамници: во една од истражните акции беше уапсен 33-годишен маж кој управувал со илегална онлајн-платформа на која се нудеа украдени сметки, кредитни картички и други лични податоци. Овие примери го илустрираат растечкиот тренд на онлајн-финансиски измами и фишинг-активности во балканските земји.

Нарушување на онлајн приватноста и злоупотреба на лични податоци

Истражувањето на БИРН укажува дека во Албанија, Северна Македонија и другите балкански држави институциите повеќепати беа мета на сајбер-напади, поради што граѓанските лични податоци често излегуваат во јавност (на пример преку измами или фишинг).


Во Србија истрагите открија дека е-пошта на државни претпријатија беше компромитирана и ставена на црниот пазар за само 100 долари, при што се изнесуваа скенирани банкарски исписи, договори и други документи. Во Турција, пак, јавноста откри видео на кое се гледа дека личните податоци на милиони граѓани (адреси, броеви од лични карти и слично) се продаваат онлајн за само неколку долари. Дури и во Хрватска беа регистрирани крупни инциденти: на пример, нападот врз најголемата болница во Загреб привремено го парализираше нејзиниот ИТ-систем. Соопштено е дека медицинските досиеја на пациентите не биле украдени. Овие настани укажуваат дека и во земји како Албанија, Хрватска, Србија и Турција се појавуваат бројни случаи на протекување и злоупотреба на лични информации, што дополнително ја еродира довербата во онлајн-сферата.


„Лице в лице“ креираше два прашалника за различни целни групи.

Кликни на фотографијата за да стигнеш до прашалникот.
Кликни на фотографијата за да стигнеш до прашалникот.

Содржината е креирана во рамки на проектот „Reporting Digital Rights and Freedoms“ кој се спроведува со финансиска поддршка на Европската унија. Изнесената содржина е одговорност на „Паблик“ и на „Лице в лице“ и не мора да ги одразува ставовите на ЕУ.

Напишете коментар