Лице в лице интервју

Дигиталните права се штитат со свесност и со пријавување

Време на читање: 4 минути

Треба да преземаме мерки за заштита, односно да негуваме дигитална хигиена, како на пример: креирање силни и различни лозинки, користење мултифакторска автентикација, внимавање на сомнителни линкови и мрежи, особено кога користиме јавен Wi-Fi, вели Мартина Дранговска Мартинова, правничка во Македонско здружение на млади правници (МЗМП) во интервју за „Лице в лице“.


Бјанка Станковиќ

Во време кога сè повеќе аспекти од нашиот живот се одвиваат онлајн, заштитата на дигиталните права станува сè поважна тема особено кога тие права можат многу лесно, директно, но некогаш тивко и позадински да се повредат и тоа прекршување да нанесе сериозни емоционални и финансиски последици.
Во интервју со правничката Мартина Дранговска Мартинова од Македонското здружение на млади правници (МЗМП), зборуваме за најчестите злоупотреби на лични податоци и дигитален идентитет, за тоа како жените и девојките сè почесто се мета на вакви повреди, и што можат граѓаните да преземат кога ќе се најдат во ваква ситуација.

Целта на овој разговор е да поттикнеме свесност и информираност, дека дигиталните права не се апстрактна категорија, туку реална заштита што секој граѓанин може и треба да ја побара и оствари. Со практични совети и конкретни насоки, Дранговска Мартинова нѐ информира како да преземеме одговорност за својата безбедност во дигиталниот простор.

Како правници, како Здружение на млади правници, кои се најчестите повреди на дигиталните права во нашата земја што ги имате забележано?

Во последно време сè повеќе ни се јавуваат луѓе коишто се соочиле со некаков вид на злоупотреба на лични податоци на Интернет. Најчесто се работи за фотографии и видеа коишто биле споделени без согласност или пак за кражба на дигиталниот идентитет што значи дека некој друг отворил лажен профил во нивно име или пак неовластено го преземал профилот на другиот со цел да измами други лица и да му нанесе штета на лицето. Меѓутоа нас најмногу не’ загрижуваат ситуациите во коишто се повредени дигиталните права на жените и девојките особено во интимните врски. Се повеќе ни се јавуваат жени и девојки коишто се соочиле со ваков тип злоупотреби. Дополнително, сериозноста на проблемот е уште поголема затоа што овие девојки се соочуваат и со друг вид на злоупотреби, како што се вознемирување, сајбер демнење итн. Тоа се сериозни кривични дела за коишто е неопходно жените и девојките да бидат заштитени. Најчесто, токму овие жртви се соочуваат со чувство на немоќ, не знаат кому да се обратат, каде да побараат помош, и дали, ако пријават, ќе бидат сфатени сериозно. Токму поради тоа, ние како Македонско здружение сме тука за да им обезбедиме совет, насоки и, секако, бесплатна правна помош.

Како граѓаните може да се заштитат од онлајн злоупотреби на нивните права?

Дигиталните права се штитат со свесност, тоа значи дека треба да прифатиме дека приватноста не е нешто што се подразбира, туку нешто што активно треба да го заштитуваме. Оттука, не е важно дали нешто „криеме“ или не, туку е важно да знаеме и да бидеме свесни со кого, каде и зошто ги споделуваме нашите лични податоци на Интернет. Тоа значи дека треба да преземаме мерки за заштита, односно да негуваме дигитална хигиена, како на пример: креирање силни и различни лозинки, користење мултифакторска автентикација, внимавање на сомнителни линкови и мрежи, особено кога користиме јавен Wi-Fi.

Но, пред сè, важно е да ја задржиме таа свесност кога сме онлајн, да внимаваме на што се согласуваме, дали дозволуваме на апликациите пристап до податоци што не се неопходни, како што се контакти, фотографии, камери итн. И, пред сè, да внимаваме со кого и зошто ги споделуваме нашите податоци, да поставиме граници, и со луѓето, и со технологијата.

Што можат да направат граѓаните ако нивните права се прекршени при онлајн злоупотреби?

Најважно е да се пријави. Тоа е првиот совет што би го дала. Ако станува збор за објавување фотографии или видеа без согласност, најпрво треба да се пријави до Агенцијата за заштита на личните податоци. Секако, паралелно со тоа треба да се искористат и сите механизми на самите социјални мрежи за пријавување и отстранување на содржината.

Ако станува збор за посериозни форми на злоупотреба, како демнење, вознемирување, закани и уцени преку Интернет, тогаш треба да се пријави во полиција или до Јавното обвинителство. Брзата реакција е клучна за да се обезбеди заштита на жртвата.

Ако се работи за прекршување на права од страна на институција, тогаш и Народниот правобранител е механизам што може да се искористи.

Најважно е да се разбере дека, иако постојат закони кои нè штитат, одговорноста е и на нас, да пријавиме навремено и целосно, со цел да се овозможи навремена и соодветна заштита.

Која е вашата препорака во врска со заштита од онлајн манипулации и злоупотреби?

Денес е многу лесно на Интернет да се злоупотреби довербата и вниманието. Затоа, првиот совет би бил – не верувајте веднаш. Ако добиете порака од позната личност, линк на кој треба да кликнете, анкета која бара да внесете лични податоци, застанете, размислете и одлучете дали тоа е безбедно.

Вториот совет – внимавајте што прифаќате. На кои услови се согласувате кога преземате апликација и кога ја користите. Со малку читање и информирање, може да се избегне голема штета.

И последно, не споделувајте сè. Она што го споделувате со најблиските, не мора да го знае целиот интернет. Поставете граници и со технологијата, и со луѓето. Постојат закони, постојат механизми и постојат организации како нашата, кои можат да помогнат и тоа е важно да се знае.

Содржината е креирана во рамки на проектот „Reporting Digital Rights and Freedoms“ кој се спроведува со финансиска поддршка на Европската унија. Изнесената содржина е одговорност на „Паблик“ и на „Лице в лице“ и не мора да ги одразува ставовите на ЕУ.

Напишете коментар