Актуелно, Доза вести

Биљана Божиновска, фармацевт: Раната детекција е клучна за успешно лекување на меланомот!

Време на читање: 4 минути

Луѓето можат да го намалат ризикот преку избегнување директно сонце од 10 до 16 часот, редовно користење на креми со висок СПФ (минимум SPF 30), носење заштитна облека и редовни дерматолошки прегледи – особено кај лица со висок ризик, вели нашата соговорничка, м-р фармацевт Биљана Божиновска, која ни дава стручни одговори на клучни прашања поврзани со меланомот, неговата превенција и третман, како и практични совети за безбедност на сонце во текот на летните активности.

Анета Ристеска

Со приближувањето на летната сезона и периодот на одмори, кога поголем дел од населението поминува повеќе време на сонце, особено е актуелна темата за заштита од рак на кожа. Меланомот, иако претставува само околу 5 отсто од сите видови рак на кожа, е одговорен за најголемиот број на смртни случаи поврзани со ракот на кожа.

Зголемената изложеност на УВ зрачење, особено во летните месеци, ја прави превенцијата од меланом приоритетна тема за јавното здравство. За да разговараме за најважните аспекти на оваа болест – од ризик факторите до најновите третмани, како и за предизвиците во избирањето на соодветна заштита во времето на информациска преоптовареност – се обративме кон експерт.

Наш соговорник е м-р фармацевт Биљана Божиновска, која ни дава стручни одговори на клучни прашања поврзани со меланомот, неговата превенција и третман, како и практични совети за безбедност на сонце во текот на летните активности.

Кои се главните ризик фактори за развој на меланом и како можат луѓето да го намалат својот ризик?

Главните ризик фактори вклучуваат честа и долготрајна изложеност на УВ зрачење, чести сончеви изгореници, особено во детството, светол тен, голем број младежи (невуси), генетска предиспозиција и лична или семејна историја на меланом.
Луѓето можат да го намалат ризикот преку избегнување директно сонце од 10 до 16 часот, редовно користење на креми со висок СПФ (минимум SPF 30), носење заштитна облека и редовни дерматолошки прегледи – особено кај лица со висок ризик.

M-р фармацевт Биљана Божиновска / Фото: AnniMedia

Како се разликува меланомот од другите видови рак на кожа, и зошто се смета за поопасен?

Меланомот потекнува од меланоцитите – клетките што создаваат меланин. За разлика од базоцелуларниот или сквамозниот карцином, меланомот има поголем потенцијал за брзо ширење (метастазирање) на други органи. Токму поради оваа агресивност, тој предизвикува најмногу смртни случаи од сите карциноми на кожа, и затоа бара особено внимание и рана интервенција.

Кои се најновите методи за рана детекција на меланом и колку е важна раната дијагноза?

Раната дијагноза е клучна – процентот на излекување е над 90% доколку меланомот се открие во најрана фаза. Денес, дерматолозите користат дерматоскопија, дигитална дермоскопска анализа, па дури и вештачка интелигенција за следење на промените на младежите. Секое сомнително променување на форма, боја, граница или големина на постоечки младеж треба да се прегледа.

Каков е тековниот напредок во третманот на метастатски меланом, особено во поглед на имунотерапијата и таргетираната терапија?

Во последната деценија, имунотерапијата (со анти-PD-1 и CTLA-4 инхибитори) направи огромен напредок, овозможувајќи долгоремисии кај некои пациенти. Исто така, таргетираната терапија (особено кај пациенти со BRAF мутација) дава прецизен пристап кон уништување на канцерогените клетки. Овие терапии се покажаа како револуционерни во однос на претходните хемотерапевтски пристапи.

Кои се главните предизвици во едукацијата на јавноста за меланом и како здравствените работници можат подобро да ги информираат пациентите за превенција и рано откривање?

Предизвик е сè уште ниското ниво на свест, особено меѓу младата популација и лицата кои сакаат интензивно сончање. Здравствените работници треба да соработуваат интердисциплинарно – дерматолози, фармацевти и матични лекари – и преку јавни кампањи, едукативни панели (како „Кожата памети“) и работа во заедницата, да ги информираат граѓаните за важноста на заштитата од сонце и самопрегледите на кожа.

Кои се најефективните стратегии за превенција на меланом и како би требало да се приспособат препораките за превенција кај различни ризични групи?

Најефективната стратегија е комбинација на физичка заштита (облека, капа, очила), избегнување на директно сонце и редовна употреба на дерматолошки испитани SPF производи. Кај деца и адолесценти е важно навреме да се едуцираат за здрави навики. Кај постарите лица треба почеста дерматолошка проверка, а кај оние со историја на изгореници или фамилијарна историја – следење од специјалист. Фармацевтите имаат клучна улога во давање совети за соодветна заштита и насочување кон лекар кога е потребно.

Во услови на засилена маркетинг промоција од фармацевтските и козметичките компании, како пациентите можат да направат разлика меѓу вистински ефективни производи за заштита од сонце и оние кои се само добро рекламирани?

Пациентите треба да се водат според следниве критериуми:

· Производот да има широкоспектарна заштита (од UVA и UVB зраци) 

· SPF факторот да биде минимум 30, а за чувствителна кожа и деца – SPF 50

· Да постојат клинички и дерматолошки тестови кои го потврдуваат ефектот

· Да е формулиран без потенцијално штетни состојки (како оксибензон)

Затоа е важно пациентите да се консултираат со фармацевт, матичен лекар или дерматолог, кои можат да препорачаат производи со медицински или органски состав, базирани на научни докази.

Колку се веродостојни мобилните апликации кои скенираат состојки во козметичките производи и често алармираат дури и за реномирани брендови? Дали овие технологии можат да создадат неосновани стравови кај потрошувачите?

Апликациите можат да бидат корисна алатка, но не треба да бидат единствен извор на информација. Многу од нив не земаат предвид дозирање, контекст на употреба, ниту нови научни истражувања. Затоа може да создадат непотребен страв и да дезинформираат потрошувачите. Најдобро е пациентите да се консултираат со здравствен стручњак, кој ќе даде балансирана и научно заснована препорака.

Photo: Freepik

Напишете коментар