Лице в лице интервју

Дигитално насилство врз новинарките: Зошто жените плаќаат повисока цена во медиумите?

Време на читање: 4 минути

Марија Митевска е новинарка и претседателка на Женската медиумска мрежа „Еднаква“. Таа зборува за тоа како дигиталното насилство ја менува медиумската сцена за жените и како нападите не се виртуелна шега, туку ја чинат нашата земја дел од медиумската слобода.

Авторка на текст: Бјанка Станковиќ
Авторка на видео содржини и фотографии: Натали Китаноска

Навреди, сексистички коментари, закани и организирани кампањи за дискредитација. Дигиталните напади  и насилство кон новинарките стануваат сè поагресивни и поштетни. Онлајн насилството не е изолиран инцидент на лична основа, туку секојдневие што го поткопува нивниот интегритет, но и демократијата во државата воопшто.

Како одговор на оваа реалност, неодамна се создаде Женската медиумска мрежа „Еднаква“. Целта е да ги обедини, поддржи и зајакне жените во медиумите. Во ова интервју, Марија Митевска, новинарка и претседателка на мрежата зборува за тоа колку е важна заедничката борба против онлајн насилството и кои чекори треба да се преземат за да се заштити интегритетот и достоинството на новинарките.

Според досегашните споделени искуства од колешките во професијата, какви форми на дигитално насилство врз новинарки најчесто забележувате?

– Најчестата форма на дигитално насилство која се забележува се навреди и погрдни зборови за личниот изглед. Потоа се и закани, сè со цел да се наруши личниот интегритет на новинарките и да се дискредитира нивната работа. За жал, ваквите форми на дигитално насилство се нормализираа и станаа секојдневие. Воопшто не се пријавуваат во редакциите и кај уредниците. Женската медиумска мрежа „Еднаква“ се надева дека ќе ја промени оваа пракса. Доколку не пријавуваме и не реагираме, дигиталното насилство може да прерасне во закана по безбедноста, а потоа и физички напад. 

Како онлајн нападите, дигиталното насилство и онлајн вознемирувањето врз новинарките се разликува од нападите врз новинарите?

– Се разликуваат по тоа што обидите за јавна дискредитација на новинарките најчесто се само поради тоа што се жени. Секогаш започнуваат со навреди и погордни зборови за личниот изглед. Ова не е случај со нивните колеги. Воедно, жените во медиумите, во однос на мажите, почесто се цел на напади, притисоци, сексизам, мобинг. Тоа го потврдува и статистиката и истражувањата.   

Како овие дигитални напади влијаат врз професионалниот и приватниот живот на новинарките? Сведочите ли на автоцензура, повлекување од јавниот простор, напуштање на професијата?

– Во вашето прашање е содржан и одговорот. Во зависност од тоа каква форма се дигиталните напади, може да предизвикаат несигурност во начинот на извршување на работата и во сопствената личност. Со тоа, влијаат врз професионалниот и приватниот живот на новинарките. Тоа може да значи и повлекување од јавниот простор на некое време. Во некои случаи може да предизвикаат и страв за сопствената безбедност, потоа и автоцензура, а во најлош случај напуштање на професијата.

Каква е психолошката и емоционалната штета кај новинарките кои се мета на дигитално насилство? Дали имаат пристап до соодветна поддршка?
– Една од целите на Женската медиумска мрежа „Еднаква“ е токму да го регистрира секој вид на дигитално насилство и да биде простор каде секоја новинарка или жена вработена во медиумите најпрво ќе има простор каде ќе биде ислушана и ќе добие поддршка. Потоа со помош на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), кој е наш партнер, ќе се пружи и поддршка во институционалната борба кога има потреба за такво нешто. 

Како би ја оцениле улогата на медиумите? Дали редакциите им обезбедуваат доволна поддршка на новинарките кои се мета на дигитални напади?

– Медиумите имаат важна улога во заштита на интегритетот и дигнитетот на новинарките, но мислам дека не прават доволно во обезбедувањето на поддршка. Нема обуки за тоа како новинарките би можеле да се заштитат себе си на интернет просторот. Поголемиот дел од медиумите немаат правни тимови или адвокати каде новинарките би можеле да пријават дигитално насилство и да добијат совет како да постапуваат во тој случај. Новинарките, со чест на исклучоците, се оставени најчесто сами да се справуваат со дигиталните напади. Затоа и се наметна потребата да се самоорганизираме, да ја формираме мрежата и да ја кренеме свеста за овој проблем на едно повисоко ниво. 

Како „Еднаква“ ќе делува за да се зајакне солидарноста и да се подигне свеста за дигиталното насилство врз новинарки?

Одиме чекор по чекор. Се формиравме неодамна, но целта ни е да ја обединиме женската сила во медиумите. Преку зачленувањето во мрежата да се солидаризираме и со тоа посилно да делуваме кон секоја форма на дигиталното насилство. Но, и за сите проблеми со кои се соочуваат жените во медиумите. Пред сè да го регистрираме секој случај, да реагираме дека тоа е неприфатливо. За најтешките случаи, да бараме и институционална разрешница.
Веќе и орагнизиравме кампања на социјалните мрежи со која јавно проговоривме за најчестите проблеми со кои се соочуваме, меѓу кои и онлајн вознемирувањето. „Еднаква“ неодамна по средба со медиумски работнички упати и препораки за поедноставување на пријавување онлајн насилство и вознемирување во МВР и подобра институционална реакција. 

Кои се вашите препораки до институциите, како треба да изгледа ефикасен систем за заштита на новинарките во дигиталниот простор?

Институциите досега не се покажаа ефикасни во разрешување на физичките напади врз новинарите и новинарките. Како тогаш да зборуваме за заштита во дигиталниот простор кој сè уште не е регулиран?!
Првиот чекор е новинарките да пријават во надлежните институции. Полициските и правосудните органи треба целосно да ги истражат дигиталните напади и за нив да има соодветна разрешница. Само така во иднина ќе може поефикасно да се справуваме со овој проблем. Во спротивно, дигиталните напади само ќе се зголемуваат, а со тоа ќе трпи слободата на медиумите. 



Illustration: Freepik

Содржината е креирана во рамки на проектот „Reporting Digital Rights and Freedoms“ кој се спроведува со финансиска поддршка на Европската унија.
Изнесената содржина е одговорност на „Паблик“ и на „Лице в лице“ и не мора да ги одразува ставовите на ЕУ.



Прочитајте повеќе:

Напишете коментар