Докторка на науки на 26 години: Ѓорѓина за машинското учење и патот во науката
Млада научничка од Македонија, Ѓорѓина Цениќ, ни раскажа за патот од прескокнато одделение до меѓународна научна сцена, студиите во странство и силата на самодовербата.
На шест годишна возраст решавала математички задачи наместо приказни за добра ноќ. На седум прескокнала одделение, а на 26 ја одбранила докторската дисертација пред меѓународна комисија. Патот на младата Ѓорѓина Цениќ не е приказна за „чудо од дете“, туку за моќна дисциплина, самосвест, љубопитност и истрајност во свет што постојано се менува. Од Скопје до Љубљана, од основите на математиката до машинското учење и оптимизацијата, таа гради кариера во една од најдинамичните научни области денес. Тоа го прави без помпа, но со јасна визија: науката да има смисла, вредност и реална примена. Во ова интервју, таа искрено зборува за изборите што ја обликувале, за сомнежите, слободата во истражувањето и за тоа зошто љубопитноста е најважната сила што еден млад човек може да ја има.
На само 26 години станавте доктор на науки во една од најсложените и најдинамичните современи дисциплини, машинско учење и оптимизација. Како изгледаше тој пат од влез во образовниот процес, па сè до моментот кога стоевте пред меѓународната комисија во Љубљана и ја браневте докторската дисертација?
– Основното образование го започнав во 2005 година, на шестгодишна возраст. Тогаш имав малку понапредни основи по математика за мојата возраст, најмногу благодарение на родителите. Наместо приказни за добра ноќ, татко ми често ми задаваше математички задачи, а мајка ми ме учеше да читам. Во другите области бев прилично просечна, но имав добра работна навика, бев дисциплинирана и брзо учев.
Во прво одделение на почетокот бев многу мотивирана, но релативно брзо ми стануваше здодевно кога истите концепти се повторуваа повеќепати или кога веќе ми беа познати. Со текот на времето тоа почна да се одразува и на моето однесување – се повлекував, поретко учествував во дискусии и помалку одговарав на прашања. Учителката ја забележа промената и по завршувањето на прво одделение, на наставничкиот совет предложи да го прескокнам второто и да продолжам директно во трето. Така и се случи.
Од тогаш, образованието ми стана централна оска и нешто во што вложував целосно. Во 2016 година, на 17 години, ја завршив гимназијата „Орце Николов“ во Скопје и се запишав на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Таму, покрај темелните инженерски предмети, постепено почнав да се ориентирам кон областите што комбинираат математика, програмирање и аналитичко размислување.
Летото 2020 година добив понуда да аплицирам за стипендија за мастер студии на Меѓународната постдипломска школа „Јожеф Стефан“ во Словенија и се преселив таму. Тоа беше нова средина и нов ритам, но и простор каде што навлегов многу подлабоко во машинското учење. Најмногу се занимавав со истражување во обработка на природни јазици и модели за процесирање на текст.
За време на мастер студиите јасно почувствував дека истражувањето навистина ми лежи и дека имам голема поддршка во групата во која работам, и дека сакам да одам чекор понатаму. Во 2022 година се запишав на докторски студии и паралелно започнав поинтензивно да се занимавам и со оптимизација. Паралелно со мастер и докторските студии, дополнително работев со цел да стекнам и практично искуство и да научам како научните идеи да се претвораат во решенија што имаат конкретна примена.

Низ целото образование немам направено пауза, континуитет што резултираше со тоа да докторирам на 26 години. За време на докторските студии имав можност да ја презентирам својата работа на повеќе светски конференции, и токму тие искуства многу ми помогнаа да ја изградaм самодовербата како истражувач.
Затоа, кога стоев пред меѓународната комисија на одбраната на докторатот, не го доживував тоа како „испит“, туку како само уште една презентација – се чувствував сигурна, подготвена и спокојна.
Годините посветени на истражување, искрено, беа и најрелаксирачкиот период за мене. Истражувањето не го доживувам како товар, напротив, имам чувство како да се занимавам со хоби. Затоа и докторатот не го доживувам како титула, ниту пак е нешто кон што сум се стремела, туку беше можност да придонесам со нешто свое, макар и мало, во едно поле што брзо се развива.
Вашата приказна може да се опише како комбинација од талент, дисциплина и љубов кон науката. Кој момент во детството или младоста за вас беше пресвртна точка, моментот кога сфативте дека науката е вашиот свет?
– Би рекла дека во детството и младоста имав две поголеми пресвртни точки, кои на различен начин ме обликуваа. Двете круцијални одлуки ги донесов набрзина, без да бидам свесна за нивната тежина и без многу размислување за последиците. Првата беше прескокнувањето на второто одделение. Сè уште јасно се сеќавам на моментот кога мајка ми ми се јави за време на летниот распуст и ми кажа дека наставничката предложила да преминам директно во трето одделение, па ме праша дали би сакала да го направам тоа. Таа беше загрижена дека ќе ги оставам зад себе пријателствата и ќе ми биде тешко да се вклопам. Јас тогаш не ја сфатив нејзината грижа сериозно, повеќе размислував: „супер, ќе завршам побрзо“.
Со тек на време, сфатив дека промената на средината и тоа што се најдов во генерација постари деца силно влијаеше врз мене. Потешко се вклопував, помалку се дружев, станав поинтровертна и уште повеќе се насочив кон учењето и образованието.
Втората пресвртна точка беше селењето во Словенија. Се преселив во периодот на ковид, па повеќе од година дена голем дел од времето го поминав затворена и оддалечена од семејството и пријателите. Во таа изолација, науката ми стана „излез“ и простор во кој можев да ја насочам енергијата. Работев речиси по цели денови, и тогаш навистина сфатив дека истражувањето е нешто на што можам целосно да се посветам.
Изминативе пет години имав можност да ја објавам мојата работа во повеќе научни списанија и да ја презентирам на меѓународни, светски конференции. За мене, тоа е потврда дека сум на вистинскиот пат и дополнителен мотив да продолжам уште посериозно.

Студиите во странство носат огромни можности, но и предизвици. Што ви беше најтешко во овој процес, што најмногу ви недостигаше од дома и што најмногу ве обликуваше како личност?
– Студиите во странство носат многу можности, но првите чекори се убедливо најтешки. Кога се преселив, дадов отказ од работата во Македонија. Аплицирав за стипендија и се преселив без целосна сигурност како ќе се одвиваат работите. Резултатите од стипендијата ги добив дури неколку месеци по преселувањето, па тие први месеци беа исполнети со неизвесност. Дополнителен предизвик беше и тоа што се преселив токму во периодот на ковид-пандемијата.
Поради ограничувањата, првата година ја поминав во изолација, што ја направи интеграцијата во новата средина многу потешка. Тој првичен период најмногу ме обликуваше. Ме направи многу посамостојна и ме научи да си верувам на себе и на сопствените способности, дури и кога немам јасни гаранции дека работите ќе испаднат како што сум замислувала.
Во исто време, ме научи и многу повеќе да ја ценам поддршката од родителите – сите тие мали, секојдневни нешта што ги прават за нас за да ни го олеснат животот, а кои често ги земаме здраво за готово додека сме дома.
Денес се чувствувам многу посигурна во себе, поотворена кон нови можности, многу помалку се грижам за потенцијалните негативни исходи или разочарувања, и имам чувство дека, во професионална смисла, малку нешта навистина можат да ме афектираат.

Машинското учење и оптимизацијата звучат апстрактно. Како дојдовте вие до овој научен фокус и зошто е важно ова поле за вас? Како би им го објасниле на оние кои не се во оваа фела?
– Мојот интерес за машинското учење и оптимизацијата се разви постепено, низ студиите и истражувачката работа. Со тек на време, сè повеќе ме привлекуваа проблеми кај кои нема едноставен, „точен“ одговор, туку мора внимателно да се балансираат повеќе фактори и ограничувања. Токму таму овие области имаат централна улога. За оние кои не се од оваа област, наједноставно би го објаснила вака: машинското учење е како да му дадеш на компјутерот многу примери и да му дозволиш сам да „сфати“ како функционира нешто. На пример, како да препознае слика или да предвиди одреден исход.
Оптимизацијата, пак, е процес на барање на најдоброто можно решение во дадени услови, слично како кога планираш патување и се обидуваш да ја најдеш најдобрата комбинација на време, цена и удобност. Заедно, тие ни помагаат да носиме подобри и поодговорни одлуки во свет кој станува сè покомплексен.
Дел од мојата работа е насочен и кон автоматизирање на користењето на овие алатки и нивно доближување до пошироката јавност. Целта е тие да станат подостапни и полесни за употреба, така што и луѓе без длабоки технички познавања ќе можат да ги користат во секојдневието и при носење одлуки.

Многу млади во Македонија се двоумат дали да продолжат образование во странство. Што би им порачале? Што треба да знаат пред да тргнат на таков пат?
– Би им порачала дека образованието во странство може да биде огромна можност, но и голем личен предизвик, и дека е важно да тргнат со реални очекувања. Тоа не е само промена на универзитет или град, туку често и промена на начин на живот: нов јазик, нови луѓе, нова култура, нови правила и нов ритам. Во почетокот може да има чувство на осаменост или несигурност, и тоа е сосема нормално. Треба да бидат подготвени да се осамостојат и да преземат одговорност за себе. Многу работи што дома се решаваат полесно, стануваат твоја обврска: организација на секојдневието, трошоци, сметки, бирократија, здравствени работи. Не е секогаш лесно, но токму тоа искуство носи зрелост и самодоверба.
Важно е да знаат и дека условите и можностите значително се разликуваат во зависност на професијата и степенот на образование. За некои области навистина има повеќе ресурси, подобра инфраструктура и образование, или поотворени кариерни патеки во странство, додека во други може да постојат добри услови и дома. Затоа е корисно да се истражи конкретната средина: кои се менторите, кои се проектите, какви се условите за развој и што реално може да се добие од тој чекор.
Пред да заминат, би било добро да размислат што точно сакаат да постигнат: дали бараат посилна академска средина, специфична област што ја нема дома, менторство, истражување, или едноставно ново искуство. Запознавањето со практичните работи (финансии, стипендии, административни процедури, сместување, здравствено осигурување, дозволи за престој) исто така го олеснува процесот понатаму и може да избегне главоболки.
Еден од најважните фактори што често се потценува се луѓето. Да се вложи труд во запознавање колеги, да се гради круг на поддршка и да се најде „свое место“ може да направи разлика помеѓу да се чувствуваш отуѓено и да се чувствуваш како дома.
Сепак, најголемиот совет што би им го дала е да не слушаат сечиј совет и да не се водат слепо по туѓи искуства (особено не според моето). Јас лично не ги следев повеќето од советите што ги давам денес.
Корисно е да се има позитивни примери во јавноста, затоа што ти даваат чувство дека нешто е возможно и ти ја намалуваат несигурноста пред големите одлуки. За мене лично тоа беше мојот помлад брат, кој на 18 години се исели во Унгарија и заврши меѓу најдобрите студенти во генерацијата, а сега е на докторски студии во Германија.
Но, луѓето често раскажуваат од своја перспектива. Нечиј пат може да бил тежок, нечиј многу лесен, но тоа не значи дека истото ќе се повтори и кај вас. Секој има различни цели, карактер, околности и можности. Важно е да си ја слушаат сопствената интуиција, да донесат одлука што има смисла за нив во тој момент, но и да го дадат максимумот од себе за таа одлука да резултира позитивно и да се исплати.
И на крај краишта: заминувањето не значи бегање, ниту пак останувањето значи неуспех. Двата избори може да бидат правилни, ако се направени свесно и според личните цели. Најважно е да изберат средина во која ќе растат, академски, но и лично.
Како се гледате себеси во следните 10 години? Кои научни проблеми би сакале да ги решите, што ве води напред?
– Тоа е тешко прашање за мене бидејќи ретко правам планови на подолг план. Најдобрите одлуки во животот ми произлегле од непромислено прифаќање на шансите што ми ги понудил животот.
Истовремено, областа во која работам е доста динамична и непредвидлива, и бара доста адаптирање и постојано учење. Затоа, наместо да си поставувам конкретна позиција или титула за десет години однапред, се гледам себеси како истражувач што и понатаму со истата љубопитност и посветеност ќе се соочува со сложени и предизвикувачки проблеми.
Она што ме води напред е желбата да разберам или развијам нешто ново, да придонесам со работа што има вистинска вредност и да бидам отворена за неочекуваните патишта што науката, и животот, ќе ги понудат.

Во академскиот свет, менторството е пресудно. Што мислите дека е најважно што младите истражувачи треба да го добијат од еден ментор?
– Младите истражувачи можат да бидат многу различни луѓе, со различни навики, мотивации и потреби. Затоа, според мене, да се биде добар ментор не значи да се има еден „универзален“ пристап, туку да се умеe да се препознае каков стил на менторство му одговара на секој студент. Некои студенти имаат потреба од повеќе водење, јасно структуирани задачи и прецизни насоки. Други, пак, најдобро напредуваат кога им се дава поголема слобода и простор сами да го истражуваат проблемот.
И ритамот на комуникација е различен: некој сака почести состаноци, редовни кратки извештаи и континуирана повратна информација, додека за друг тоа може да биде непотребен притисок. Исто така, некои се почувствителни и им одговара помек, поддржувачки пристап, а други претпочитаат директна, јасна и строга критика.
Ова најдобро го согледав преку мојот ментор, д-р Томе Ефтимов, кој внимателно го приспособува пристапот кон секој студент според неговите потреби и стил на работа. Кај мене, уште од самиот почеток препозна дека имам силна самоиницијативност и сопствени идеи за тоа што сакам да го истражувам, па затоа ми даде голема слобода и доверба да работам самостојно. Токму таа автономија беше пресудна да останам мотивирана и навистина да уживам во истражувањето низ целиот период на мастер и докторските студии. Исто така ме поттикнуваше да целам високо, да ги таргетирам највисоко рангираните конференции и журнали, и секогаш беше позитивен кога резултатите не беа идеални. Таквата поддршка ми даде чувство на сигурност да ризикувам, да пробувам нови идеи и да не се плашам од критика.
Најважното што младите истражувачи треба да го добијат од ментор е комбинација од доверба, насока и човечка поддршка: некој што ќе им помогне да изградат самодоверба, истражувачка дисциплина и високи стандарди, но и ќе им биде „стабилна точка“ кога процесот ќе стане тежок. Таквиот ментор не само што води кон резултати, туку создава истражувачи што знаат да размислуваат самостојно и со радост да учат.

Вашиот успех ќе инспирира многу млади во Македонија. Кога би можела да им оставите една мисла или реченица што ќе ја понесат во иднината, која би била таа?
– Би им рекла да не се плашат да бидат различни и свои, да си веруваат на сопствената љубопитност и идеи, дури и кога тие не се вклопуваат во очекувањата на околината. Највредните постигнувања често доаѓаат токму од храброста да се оди по сопствен пат, со упорност, искрен интерес и љубов кон тоа што го работат.
Што би им порачала на девојките кои сакаат да навлезат во машинско учење, технологија или истражување, но се соочуваат со сомнежи, стереотипи или недоволна поддршка? Што е најважната сила што треба да ја изградат во себе?
– Најпрво би им порачала дека чувството на сомнеж не значи дека не припаѓаат тука. Напротив, тоа е многу често кај луѓе кои се амбициозни, љубопитни и свесни колку е сложена областа во која влегуваат. Машинското учење, технологијата и истражувањето не се „машки“ области, туку области што бараат упорност, креативност, логичко размислување и желба за учење, квалитети кои не зависат од полот. Јас лично досега не сум се соочила со стереотипи и сомнежи поради полот. За време на додипломските студии имавме прилично балансиран однос помеѓу машки и женски студенти, а во истражувачката група во која работам денес доминираат жени. Тоа не е случајно, туку резултат на генерации храбри жени кои се избориле за своето место во овие области и со својата работа покажале дека припаѓаат таму. За жал, ситуацијата не е иста насекаде низ светот. На девојките кои денес се двоумат би им порачала да не дозволат сомнежите (свои или туѓи) да ги дефинираат нивните можности. Најважната сила што треба да ја изградат во себе е самодовербата: вербата дека нивната љубопитност, знаење и упорност се доволни, без разлика на стереотипите. Со истрајност, работа и поддршка меѓу себе, тие не само што ќе го најдат своето место во машинското учење, технологијата и истражувањето, туку и ќе го направат патот полесен за оние што доаѓаат по нив.

Која е Ѓорѓина приватно? Како го минувате слободното време, имате ли некое хоби?
– Ѓорѓина приватно е прилично здодевна личност. Најголем дел од енергијата ми оди во науката, па не ми останува секогаш многу време за хобија. Кога ќе украдам малку слободно време, најмногу ми значи да поминувам време со најблиските и да патувам, да сменам средина, да видам нови места и да си ја „ресетирам“ инспирацијата. Ме опушта и готвењето, сакам да експериментирам и да пробувам нови рецепти. Со спорт се занимавам исклучиво заради здравјето, но искрено, не ми претставува посебно задоволство.
Фотогрфии: Приватна архива на Ѓорѓина Цениќ.
- Заштитено: Иштван Фаркаш, продавач на „Лицеулице“ во Нови Сад: „Солидарноста не е милостина“
- Луѓе кои ја движат промената: инспиративни пристапни приказни за трансформација и зајакнување
- Отворен повик за млади фотографи: „Сликите на вкусот“ ги обединува креативците од Балканот
- Инклузивна изложба на графики по повод Меѓународниот ден за подигање на свеста за лицата со аутизам
- „Саранда“ во Жеровјане, место каде различностите се мешаат, токму како и вкусовите на сладоледот