Конференција е-Општество 2025: Интегритетот во сржта на дигиталната трансформација
Целта на конференцијата е да се истражи како да се обезбеди интегритет како темел на дигиталните процеси, создавајќи безбедни, транспарентни и одговорни системи кои ги штитат граѓаните и ги унапредуваат демократските вредности.
Меѓународната конференција е-Општество.мк ќе се одржи на 10 декември 2025 година во хотел „Холидеј ин“ во Скопје. Настанот, кој овој пат го има своето 21-во издание, ќе се одржи под наслов „Интегритетот во сржта на дигиталната трансформација“.
Оваа година, конференцијата ќе ја стави во фокус темата за интегритетот и довербата во дигиталната ера, анализирајќи како брзиот технолошки напредок влијае врз демократската отпорност, човековите права и безбедноста во современото општество.
Дигиталната трансформација носи огромен потенцијал за иновации, ефикасност и инклузивност, но истовремено ги изложува општествата на ризици од манипулации, кибер закани и неетичка употреба на технологијата- се наведува во најавата на организаторите, фондацијата „Метаморфозис“.
Целта на конференцијата е да се истражи како да се обезбеди интегритет како темел на дигиталните процеси, создавајќи безбедни, транспарентни и одговорни системи кои ги штитат граѓаните и ги унапредуваат демократските вредности.
Што е на агендата
Агендата на конференцијата вклучува интерактивен квиз „Колку сме отпорни на антидемократски влијанија?“, кој ќе им овозможи на учесниците да ја тестираат својата свесност и способност за градење отпорност кон манипулативни и штетни општествени наративи.
Во рамките на сесијата „Отпорност на информативни и сајбер закани како фактор за стабилност и безбедност во регионот“, експерти ќе дискутираат за предизвиците што ги носи дигитализацијата, од кибер напади и дезинформации до начини за јакнење на регионалната и меѓународната соработка во оваа област.
Присутните ќе имаат можност да се запознаат и со Националниот центар за вештачка интелигенција „Везилка“, прв од ваков вид во земјава, создаден со цел развивање на национален екосистем за одговорна и доверлива примена на вештачката интелигенција. Посебна дискусија ќе биде посветена на темата „Човечноста во ерата на вештачката интелигенција“, каде ќе се разгледаат етичките и правните аспекти на употребата на ВИ технологијата, ризиците од „регулација по експериментирање“ и потребата од рани заштитни механизми за фер и инклузивна дигитална иднина. На агендата се и паралелни панел-дискусии за демократизација на податоците и онлајн измами во дигиталната ера, посветени на заштитата на граѓаните и институциите од новите форми на дигитални закани.
Програмата ќе ја заокружи доделувањето на официјалните награди „Илија Жупаноски“ за новинари, граѓански организации и поединци кои придонесуваат во справувањето со дезинформациите во земјата. Настанот ќе заврши со премиерата на документарниот филм „Во потрага по вистината“, продукција на „Western Balkans Anti-Disinformation Hub“.
Посетителите ќе можат да ја следат конференцијата во живо преку платформата e-society.mk, а регистрацијата за учество е на овој линк.
- Балканскиот медиумски камион пристигнува во Скопје: Квизови, игри и разговори за вистинитите информации
- Денови на медиумска писменост 2025: Кажи НЕ на лажните информации
- Конференција е-Општество 2025: Интегритетот во сржта на дигиталната трансформација
- Момент за промена: Со секоја честитка од „Лице в лице“ ја менуваме заедницата кон подобро
- Вертикални форми на населување на градот Велес