Женска медиумска мрежа „Еднаква“: Борбата за родова еднаквост не е завршена

„Еднаква“ е отворена платформа за секоја новинарка, медиумска работничка и другите жени вработени во медиумите. Сите заинтересирани може да се зачленат со едноставно, преку пополнување на прашањата од овој линк.
Женската медиумска мрежа „Еднаква“, која се формираше неодамна и функционира како неформално тело, укажува дека борбата за унапредување на родовата еднаквост преку правично вреднување на работата, еднаков пристап во поделба на раководните позиции, поголеми и подостоинствени плати и за безбедна работна средина која нуди солидарност, почит, поддршка и разбирање, не е завршена.
– Во услови кога се соочуваме со зачестени, неосновани напади на новинарките на социјалните мрежи со цел да се дискредитира нивната работа, бараме и поголема институционална поддршка за елиминирање на сите форми на вознемирување, закани и оцрнување – велат од „Еднаква“.
Пораката беше испратена по повод Меѓународниот ден на жената – 8-ми март, кога се испраќаат пораки дека во борбата за родова еднаквост жените во медиумската индустрија не се сами и затоа со оваа цел неодамна беше формирана и оваа мрежа.
– Овој ден сакаме да го искористиме да ги повикаме сите колешки да се зачленат во мрежата. Целта ни е во име на сите гласно да говориме за проблемите во фелата, но и заеднички да се бориме за своите права и за подобрување на положбата и позицијата во медиумите, а со тоа и во општеството -велат новинарките.
„Еднаква“ е отворена платформа за секоја новинарка, медиумска работничка и другите жени вработени во медиумите. Сите заинтересирани може да се зачленат со едноставно, преку пополнување на прашањата од овој линк.

Женската медиумска мрежа „Еднаква“ се приклучува на кампањата на Меѓународната федерација на новинари „Родово еднакви медиуми за родово еднаква иднина“ во:
Осуда на секој облик на бришење на правото на слобода на изразување на жените и маргинализираните групи;
Поддршка за медиумите кои се придржуваат до правично, непристрасно претставување на општеството и сите негови родови;
Поддршка на еднаков родов пристап до водечките улоги во медиумите;
Промовирање на законодавството кое ја штити родовата еднаквост и се бори против родовото насилство;
Осуда на мизогинијата и родовата дискриминација во сите нејзини облици.
