Финале на натпреварот за роботика и вештачка интелигенција РобоМак 2023
Утре, 13 мај, во 17 часот, во Градското кино „Милениум“, ќе се случи финалето на овогодишното издание на РобоМак 2023, организирано од македонската секција на ИЕЕЕ и Факултетот за електротехника и информациски технологии ФЕИТ Скопје.
„Факултетот за електротехника и информациски технологии ги повикува сите студенти, ентузијасти и љубители на роботиката да присуствуваат на финалниот натпревар на меѓународниот натпревар по роботика и вештачка интелигенција „RoboMac 2023”. Учесниците на натпреварот имаат можност да работат во тимови, да ги употребат своите знаења и вештини, истите да ги надоградат и усовршат, да соработуваат со студенти од земјата и странство, со цел да го освојат првото место во својата категорија, повикуваат организаторите.
Категориите во кои учесниците ќе се натпреваруваат се: RoboArm Challenge, ChatBot Challenge, Colour Coded Challenge, Self Racing Cars, AI Agents.
RoboArm е предизвик во кој натпреварувачите селектираат и сортираат предмети со роботска рака, додека пак во ChatBot Challenge гласовно конртолираат робот со инструкции на македонски јазик, нешто што до сега не е направено. Категориите Self Racing Cars/Colour Coded Challenge се состојат во тоа што треба успешно да изминат патека, со разлика што во Colour Coded Challenge натпреварувачите составуваат и лемат сопствен робот. AI Agents претставува турнир во мини фудбал каде секој од играчите е контролиран од модел на вештачка интелигенција направен од страна на натпреварувачите.
За дополнителни информаци за категориите посетете ја официјалната страна и инстаграм профилот на robomac.mk.
RoboMac е организиран од Студентскиот огранок на УКИМ при Македонската секција на ИЕЕЕ како и студенти волонтери од ФЕИТ.