Форум за младинско претприемништво спои 120 учесници од регионот
Со цел поттикнување градење партнерства во регионот помеѓу сите чинители за младинското и ученичкото претприемништво, се одржа регионалениот форум во организација на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).
Учествуваа над 120 учесници од граѓански организации, претставници на институциите и бизнис секторот, младинскиот сектор, млади претприемачи и успешни ученички и младински компании од Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина и Турција.
Учесниците имаа можност да дискутираат за регулативната рамка за младински и ученички компании во регионот на Западен Балкан и Турција, како и потенцијалот за стратешки партнерства за младинско претприемништво.
Младинското претпиемништво е едно од многуте решенија за намалување на младинската невработеност. Се надевам дека од овој форум и од партнерствата кои ќе се формираат овде ќе проозлезат креативни и иновативни решенија за унапредување на програмите кои го поттикуваат претприемачкиот дух кај младите и креираат овозможувачка околина за младинско претприемништво. Но најважно, се надевам дека овој форум ќе ги инспирира сите чинители дека големите цели се постигнуваат само заеднички и дека само преку значајно учество на младите можат да се надминат пречките со кои тие самите се соочуваат, истакна на отварањето на форумот, Мариана Ангелова, генерален секретар на НМСМ.
Форумот беше организиран во рамки на „BY LEAP“ проектот (Балкански млади: Поврзување на едукацијата, способностите и партнерскиот потенцијал во регионалните практики за вработување). Главната цел на проектот е да придонесе за младински претприемачки можности и да ги зајакне перспективите за вработување на младите од Западен Балкан.