Лице в лице

Фотелјата е одговорност, не привилегија: млади од Струга испратија силни пораки против селективност и злоупотреба на моќ

Дискусија -фотелја - млади Струга политички интегритет Фото Лука Плушкоски

Фотографии: Лука Плушковски
Видеа: Бобан Перески и Натали Китаноска

Дали фотелјата е симбол на моќ – или тест за карактер?
Ова беше прашањето што одекнуваше на вчерашниот настан во „Europe House“ во Струга, каде околу 50 млади од градот покрај Дрим, од Вевчани, но и од Скопје, Прилеп и Виница јасно порачаа: интегритетот не е апстрактен поим од учебник, туку секојдневна одлука што директно го обликува квалитетот на живот на секој/а од нас.

На настанот „Осмели се, инспирирај, промени – политичкиот интегритет низ очите на младите“, во организација на Платформата за одржлив развој „Лице в лице“, во соработка со „АКВА“, средношколци и студенти отворија теми кои се поврзани со селективна правда, нормализирана корупција, злоупотреба на моќ и разочарувањето од празни ветувања.

Настанот ги спои дискусијата и уметноста, отворајќи простор за искрен разговор за тоа што значи политички интегритет и како младите ја доживуваат корупцијата, неправдата и злоупотребата на моќта. Модераторот, Небојша Илијевски, вешто ги анимираше учесниците, поделувајќи ги во групи, за поединечни разговори, како и споделувања а сите присутни. Преку интерактивна дискусија, учесниците активно се вклучија во споделување предизвици, но и решенија. Тие преку лични примери и ставови покажаа висока свесност и критичко размислување.


Интегритет значи да не ја продадеш довербата

Учесниците зборуваа за политичкиот интегритет како честност, искреност и отпорност на корупција – но и како колективна одговорност.

-Трудот се исплати, секогаш- порача Јана, средношколка од Струга, додавајќи дека младите не ги губат вредностите – тие ги губат можностите.

Во дискусијата беа споделени конкретни примери од секојдневието. Учесниците зборува за селективност во повеќе елементи во животот, од ситуации во училиште, до јавната сфера. Други учеснички посочија на „нормализирана“ корупција во здравството – подароци што стануваат правило, а не исклучок.
– Кога бев на лекар последен пат, кај докторот видов „музеј за виски и благо“. Тоа е мито, но често не сме ни свесни за тоа, па секогаш кога одиме на лекар, си носиме и ние по едно поклонче – рече една од учесничките.

Фотелјата – симбол на моќ или на одговорност?

Еден од највпечатливите моменти беше симболичната вежба со фотелја. Една од учесничките седна на столче што ја претставуваше фотелја, позицијата на моќ.

– Се чувствувам поинаку. Извоена сум, како да имам моќ – сподели таа.

Пораката на еден од учесниците пак, беше:

– На политичарите, сите фотелји им ги дале граѓаните, тие им ги купиле. Ако ја користиш за личен интерес, ја предаваш довербата – рече тој.

Една од учесничките, која од годинава е полнолетна и која за првпат ќе има можност да гласа, додаде:
– Фотелјата не е само твое место. Таа ја означува функцијата и одговорноста. Интегритетот значи да работиш за јавниот интерес, не за личниот.

Младите побараа крај на селективноста, самоволието и егоцентричното однесување во политиката, повеќе емпатија и еднаквост во пракса, не само во стратегии и закони.

Можеби најсилната порака од настанот беше едноставна:
– Ние младите не сме апатични. Ние сме критични, информирани и подготвени. Не е дека не знаеме, туку, повозрасните не ни даваат можност да покажеме што знаеме – порачаа неколкумуна од учесниците.

За 10 години, токму оваа возрасна група, ќе биде таа што ќе носи одлуки. Дискусијата отвори прашања: Кога и зошто луѓето се „расипуваат“? Дали вредностите се губат со доаѓањето на позиција? Младите беа јасни – проблемот не е во младоста, туку во системот и културата на неодговорност.

Уметност што зборува гласно

По дискусијата беше отворена изложбата на 15-те највисоко оценети дела од повикот за млади уметници. На настанот присуствуваа добитничките на првото (Андријана Весовска) и третото место (Аника Цветановска), како и уште две авторки (Тамара Спасова и Илијана Ивановска), чии дела беа изложени. Нивните визуелни интерпретации ја прикажуваат корупцијата како лавиринт, моќта како затворен круг, а интегритетот како вредност што директно влијае врз секојдневниот живот.

– Моите дела јасно зборуваат за испреплетеноста на корупцијата. Не се знае кој пие кој плаќа. Потребно ни е да се ослободиме од тој ситем кој нè гуши сите – вели Весовска.



Изложбата ќе биде поствена во ЕУ хаус во Струга до крајот на оваа недела.

Осмели се, инспирирај, промени: Резултати од повикот за млади креативци


Одговорете на прашалник на следниов линк.

Корупцијата не е бројка – тоа е човечка цена: повик за анонимни сведоштва и искуства

Напишете коментар