Газа, таа медитеранска (анти)оаза
РЕПОРТАЖА ЗА ТОА ШТО НЕ МОЖЕМЕ ДА ГО ПРОЧИТАМЕ ВО ВООБИЧАЕНИТЕ МЕДИУМИ
Не е лесно за жителите да ја напуштат Газа, нивното право на слободно движење е ограничено и често е предмет на арбитрарни одлуки без соодветно објаснување. Тие знаат да се „пофалат“ дека живеат во најголемиот затвор на планетава, обесправени однатре од еден авторитарен режим, а блокирани однадвор – од окупаторот, кој со нив постапува безмилосно, под изговорот „во име на безбедноста на Израел“
Жана Русо
Превод: „Лице в лице“
Во должина од 40-тина километри, на источниот брег од Средоземно Море, во еден правоаголник со површина колку урбаниот дел на Скопје, живеат два милиона Палестинци – жители на Газа. Верувам, повеќето од вас слушнале за Газа, оној – Појасот Газа. Често ја имаше во вестите, уште во 1980-тите, во времето на Јасер Арафат, постојано претставена преку слики на униформа, војна и жртви. Таму често беше споменуван и Израел, по добро или по лошо – зависи кој ги читаше вестите.
Голем наталитет, ретки ресурси
Газа е едно од најгустонаселените места на планетава. Сепак, само 30-ина проценти од сегашните жители гордо велат дека потекнуваат од таму. Другите две третини се водат како бегалци – дојденци. Иако родени во Газа, мнозинството се потомци на семејства што биле присилно раселени за време на неколкуте конфликти и војни со Израелците меѓу 1948 година и 1967 година. Нивните поранешни живеалишта сега се наоѓаат во Израел. Сите што имаат статус на бегалци се под посебна заштита на UNRWA (UN Relief and Works Agency for Palestine Refugees in the Near East) и најчесто зависат од помошта на оваа агенција, која работи од 1950 година.
Жителите на Газа се едно од помладите населенија во светот. Повеќе од 40 проценти од населението е помладо од 15 години, а само три проценти надминале 65 години. Наталитетот е голем, а ресурсите за нормален живот сѐ поретки. Според изјави на високи претставници на Обединетите нации дадени во последнава декада, Газа станува место каде што нема услови за живот.
Главниот административен центар, Газа Сити, е најразвиеното подрачје во појасот. Плански изграден во блокови со дотраена инфраструктура, потсетува на запуштена југословенска провинција во 1990-тите години. Покрај него има уште неколку урбани центри, помали градови со асфалтирани улици во општините по должината на појасот. Камповите со бегалци ги има насекаде. Низ годините, привремените шатори и колиби се претворени во збиени населби од цврста градба, најчесто пренаселени згради од сива тула без фасада и со импровизирани прозорци. Оваа сива „архитектура“ е најчестата глетка во појасот. Невработеноста во Газа во 2019 година достигна 45 проценти, вклучувајќи 70 проценти од младите, a повеќе од 30 проценти од луѓето живеат во сиромаштија. Со последните рестриктивни економски мерки преземени поради ковид-19, овие проценти се во пораст.
Газа се протега на 365 квадратни километри и последните официјални податоци од 2014 година укажуваат дека има 1.816.000 жители. За илустрација, урбаниот дел на Скопје има 337 км2 и четири пати помалку жители. Извор: Center for Disease Control, United States of America
Газа се протега на 365 квадратни километри и последните официјални податоци од 2014 година укажуваат дека има 1.816.000 жители. За илустрација, урбаниот дел на Скопје има 337 км2 и четири пати помалку жители. Извор: Center for Disease Control, United States of America
Заедно со Западниот Брег, Газа е дел од палестинските територии окупирани од Израел. Таа е под постојана опсада. Повеќеслојни безбедносни огради и бетонски блокови се изградени по должината на нејзините копнени граници, стратегиски опколени од израелските безбедносни сили на северот и на истокот, додека израелската морнарица внимателно се грижи некој да не го напушти појасот по воден пат, на запад. Оддалечувањето на локалните рибарски бротчиња од копното е ограничено на 12 до 24 километри, во зависност локацијата. Не секогаш доволно за квалитетен улов, а рибарењето е еден од главните извори на приход во осиромашената Газа. Бродови не смеат ниту да се доближат на помалку од два километри до границите со Израел и со Египет.
На југот се наоѓа границата со Египет, долга дванаесет километри, со еден граничен премин, кој оперира со ограничен капацитет и работно време. Поради ограниченото работно време, често се случува луѓето што ја преминале едната контрола, да „заглават“ на самиот граничен премин, во неутралната зона, преспивајќи под отворено небо. Затоа, многумина го користат преминот само кога мораат и кога нема да добијат дозвола за излез преку Израел.
Правото на слобода на изразување – сериозно ограничено
Од 2007 година Хамас, радикална политичка и милитантна опција, ја има власта во појасот. Иако не се признаени од повеќето меѓународни фактори и се етикетирани како терористичка организација, тие до денес успеваат да ја задржат контролата. Нивното авторитарно владеење не дозволува многу турбуленции.
Правото на слобода на изразување и асоцијација се сериозно ограничени, најчесто во спротивност со човековите права. Комуникацијата и соработката со Израелците се смета за сериозно кривично дело. Иако голем дел од населението не се согласува со политиката на власта, тие се конформирани, од страв за личната безбедност и за безбедноста на нивните најблиски.
Во Западниот Брег – исто така окупирана територија, палестинските власти (ПВ) имаат административна и безбедносна контрола во урбаните подрачја, кои опфаќаат околу 20 проценти од целата територија. Палестинските власти се единствениот формално признаен политички ентитет од Израел, а и поголемиот дел од светот. Иако е факт дека Газа е под контрола на Хамас, пристапот до правата на жителите често зависи и од некои одлуки на ПВ.
Хамас е радикално политичко и милитантно крило, кое во 2007 година успева на избори да ја преземе власта од Фатах. Тоа не е единствената радикална „факција“ во Газа. Структурите на движењето на Палестинскиот исламски џихад знаат да бидат уште порадикални. Често ракетните напади кон Израел доаѓаат токму од нив.
На израелските граѓани со еврејско потекло им е забрането да влегуваат во кој и да е дел од окупираните територии. Така, можноста за комуникација и градење мир е оневозможена. Некој ќе помисли дека со ова некој смислено го одржува конфликтот.
Според израелските власти, Газа претставува сериозен безбедносен ризик за населението во Израел. Тоа е поткрепено со аргументи како повремените ракети лансирани од територијата на Газа, како и пуштањето на запалени летала – змаеви преку границата кон Израел.
Право на слободно движење?! Што беше тоа?
Не е лесно за жителите на Газа да ја напуштат Газа, нивното право на слободно движење е ограничено и често предмет на арбитрарни одлуки без соодветно објаснување. Тие знаат да се „пофалат“ дека живеат во најголемиот затвор на планетава, обесправени однатре од еден авторитарен режим, а блокирани однадвор – од окупаторот, кој постапува безмилосно со нив под изговорот „во име на безбедноста на Израел“. Многу лесно ќе налетате на млади луѓе на дваесетина години што никогаш не ја напуштиле Газа. Постарите, пак, се сеќаваат на времето кога студирале во Рамала или Ерусалим или, пак, раскажуваат по некое искуство од израелските затвори.
За еден Палестинец – жител на Газа да ја напушти територијата и да помине (транзитира) во Израел, потребни се неколку дозволи. Првата е од локалните власти, Хамас, втората од палестинските власти, а последната и најтешка за добивање е таа од израелските власти. Дозвола може да се побара доколку некому му е потребно лекување надвор од Газа, за вршење бизнис и трговија или, пак, за таканаречени хуманитарни случаи. Ретки се тие што имаат привилегија да добијат дозвола за посета на семејство и на роднини што живеат во Западниот Брег. Чекањето одговор за дозвола е како да чекате резултати од локалната лотарија. Некои ќе бидат повикани на „интервју“ со израелските службени лица, на што Хамас гледа како на закана, па затоа ќе завршите на „разговор“ и кај нив. Повеќето баратели на дозвола за излез остануваат со „кратки ракави“, а тие среќните ги чека нова авантура.
Пеш, без втор чифт чевли
Граничниот премин Ерез, единствениот за проток на луѓе меѓу Газа и Израел, работи секој работен ден од 7.30 до 15.30 часот за жителите на Газа што сакаат да преминат кон Израел, се разбира, со претходно добиена дозвола и најава на точниот датум кога излегуваат. За викенд и надвор од работното време нема излегување, дури ниту за итни медицински случаи.
Кој сака да помине во работното време, може да го стори тоа само пеш. Автомобили што се сопственост на Палестинци не можат да ја поминат границата. Таа привилегија им припаѓа само на претставниците на меѓународната заедница. Прво мора да се помине контролниот пункт на Хамас, каде што, веројатно, ќе бидете испрашувани зошто и каде одите, да не сте случајно соработник со Израелците. Потоа одите накај пунктот контролиран од ПВ, каде што добро ќе се изначекате додека не бидете повикани да поминете. Секој од претходните има право да ви „буричне“ во торбите. Потоа, треба да ги поминете израелските контроли, кои личат како да се качувате на „ер форс ван“ (AirForce One), а не да поминувате обична граница. Израелските власти имаат составено цела листа предмети што не смеат да се изнесуваат од Газа. Меѓу другото, забранети се: патни торби од цврст материјал, полначи за телефони и друга електронска опрема, лаптопи, козметика, како и втор чифт чевли. Небулоза, нели?! Секој што преминува мора да помине скенери слични на тие од најригорозните аеродромски терминали и да биде темелно претресен. Жителите на Газа велат дека сето ова е системски направено за да го направи нивниот живот потежок, а не поради вистински „безбедносен ризик“.
Правото на здравје и ограниченото движење
Здравствениот систем во Газа нема капацитети да лекува посериозни заболувања или, пак, да врши потребни испитувања и дијагнози. За овие услуги е потребно да се отпатува до Рамала или Ерусалим, со претходно добиена дозвола од израелските власти. Поради долгите процедури се случува луѓе да починат чекајќи дозвола. Некои, пак, не ја ни добиваат поради „безбедносни причини“. Децата со потешки заболувања добиваат дозвола да се лекуваат надвор од Газа, но без придружба од нивните родители. Има случаи кога вашиот најблизок може да почине во болница во Ерусалим, без да го видите, да се поздравите.
Како до авионски превоз?
Палестинците што сакаат да патуваат авионски треба да изберат еден од најблиските три аеродроми, Тел Авив (Израел), Аман (Јордан) и Каиро (Египет). Ако си Палестинец од Газа, речиси не постои веројатност да добиеш дозвола да леташ од Тел Авив. Па и да стигнеш до аеродромот, поради сигурносните контроли, едни од најстрогите во светот, сметај дека ќе го пропуштиш летот. За да стигнеш до Каиро, ќе треба да патуваш некогаш и до два дена. Таму одиш само ако немаш друг излез. Затоа, повеќето жители на Газа се решаваат да аплицираат за дозволи да стигнат до Аман. За ова, Израелците итро имаат измислено превоз наречен „тунел-шатл“. Влегуваш во комби со сертификат на израелската страна од граничниот премин, излегуваш на границата со Јордан. Можноста за контакт на жителите на Газа со локалното израелско население, или, пак, нивна инфилтрација во Израел е сведена на минимум.
Тајни тунели до израелска територија
Замислете дека сте студент и сте добиле стипендија да студирате на некој реномиран европски или американски универзитет. Веќе имате виза за престој во земјата и уредна покана. Има само една пречка, како да добиете дозвола за излез од Газа? Од каде ќе полетате? Иако некои успеваат да се школуваат во странство, многумина млади ја пропуштаат својата шанса само поради тоа што не добиваат дозвола за движење.
Поради лошата економска состојба, многумина се обидуваат да пребегаат во други земји или да стигнат до Западниот Брег, каде што имаат повеќе шанси да најдат работа. Поради малите шанси да се добие дозвола за излез, некои се решаваат да пребегаат преку оградата. Палестинците уште одамна имаат ископано тајни тунели, кои водат до израелска територија. Една од задачите на израелските безбедносни сили е да ги откриваат и затрупуваат тие тунели. Некои, пак, успеваат и да ја пробијат оградата ризикувајќи да бидат застрелани од снајперисти, стратегиски поставени од другата страна. Самото приближување до оградата носи ризик со себе. Забрането е движење во појасот од триста метри во близина на оградата. Само за тоа можете да добиете куршум во ногата, а не, пак, да се осмелите да ја преминете и да бидете фатени од другата страна.
Пристап до основни услуги – луксуз
Во Газа пристапот до струја за домаќинствата и за претпријатијата е луксуз. Достапна е меѓу четири и десет часа во денот. Централното напојување на електричната мрежа доаѓа од единствената електрична централа што работи на дизел-гориво. Иронично, дизелот мораат да го купат од Израел, со донации од земји што го поддржуваат Хамас. Израел, исто така, ѝ продава струја на Газа и решава колку и кога ќе продаде. За време на воените ескалации, или некој „непослушен“ потег на Хамас, сопира сиот увоз на дизел и на струја, па населението е жртва на рестрикции поради штедење ресурси.
Во Газа нема вода за пиење. Всушност има, во пластични шишиња и јавни цистерни, увезена од соседните Израел и Египет. Водата што циркулира во водоводниот систем е загадена, измешана со фекалните води. Пречистителните станици не работат, поради недостигот од струја. Новиот погон за отсолување на морската вода изграден со меѓународни донации, никако да почне да работи поради истата причина. Интересно, супермаркетите се солидно снабдени со производи увезени од Израел и од Египет. Некои изгледаат поимпресивно од повеќето скопски супермаркети. Се разбира, тие користат сопствени генератори на струја за да го одржуваат квалитетот на производите.
Супермаркет во Газа. Добро опремен, со производи увезени од Израел или Египет. Турскиот производ важи за квалитет.
Лансирање ракети – израз на незадоволство
На улиците се зборува дека земјата под Газа е еден џиновски мравјалник, лавиринт од тунели длабоко под површината за да не бидат лесно откриени од скенерите на израелските безбедносни сили. Тајните локации на влезовите и на излезите, како и камуфлираните платформи за лансирање им се познати само на одбрани луѓе од милитантните крила активни во Газа, како и на високи политички претставници. Некои тунели водат кон Израел и кон Египет.
Од небото над Газа деноноќно се слуша брмчење од моторите на беспилотните летала – дронови на израелската војска. Тие снимаат сè што се случува во појасот, секое движење и невообичаена активност давајќи им предност добро да се подготват за наредната интервенција. А интервенции има редовно, кратки, хируршки прецизни инфилтрации на специјалци со цел да уапсат некого или да дојдат до некоја информација.
Милитантите од Газа повремено лансираат ракети како израз на незадоволство од некоја постапка на израелските власти. Тие се исфрлаат без навигациски систем и најчесто завршуваат во околните ненаселени зони, а некои паѓаат и во Газа. Тие што добиваат траекторија кон населено место во Израел најчесто се соборуваат од ефикасниот противракетен систем „Железна купола“. Ретко се случува ракета да експлодира во урбана зона и да повреди некого на израелска територија. Најчесто се пријавуваат мали повреди и психолошки трауми здобиени поради звукот на сирените и брзањето да се влезе во најблиската скривница.
За возврат, израелската авијација знае да одговори хируршки прецизно, со авионски ракети со поголема разорна моќ. Секојдневниот конфликт е размена на оган и бомбардирања што не влијаат директно на населените места во Газа. Цели се само милитантни позиции, најчесто без жртви.
Посериозен ефект имаат повремените таканаречени „ескалации“, или мали војни, за време на кои не би сакале да сте таму. Земјата се тресе со интензитет на 5,5 по Рихтер од израелските ракети, додека повеќекатници во Газа Сити за момент стануваат куп шут и прав. Авијацијата знае да цели на цивилни објекти – станбени згради, наводно, под сомнение дека таму има утврдување на милитантите од Газа. Станарите на зградата добиваат предупредување дека нивната зграда ќе биде срамнета со земја, па имаат дваесетина минути да ја напуштат. Предупредувачки шок-бомби ја затресуваат зградата без да ја оштетат давајќи им до знаење на станарите да се евакуираат. За жал, за време на овие авионски напади во Газа гинат и цивили, меѓу кои и деца, чиишто живеалишта се погодени без никакво предупредување. Во Газа нема скривници, за време на нападите луѓето се прибираат по дома, со надеж дека некоја ракета, без разлика од кого е лансирана, нема да заврши во нивната дневна соба. Некои, едноставно, навикнати на бомбите – гледаат телевизија.
Правилата наметнати од окупаторот се дека никој од страната на Газа не смее да се доближи на повеќе од 300 метри до оградата, во таканаречената бафер-зона. Во делот покрај оградата, некаде и до длабочина од еден километар на страната на Газа, на локалното население му е забрането да сади и одгледува растенија со висок раст, за тие да не бидат користени како засолниште при вооружените судири. Израелските власти редовно се „грижат“ тој дел од почвата да е попрскан со хербициди за да бидат сигурни дека нема да израсне некоја повисока грмушка.
Најмногу цивилни жртви, убиени или ранети Палестинци, има за време на протестите против окупацијата, покрај безбедносната ограда на истокот. На неколку собирни места по должината појасот, многумина, претежно млади мажи и деца, сакаат да го истакнат својот патриотизам и протестираат пред добро утврдените израелски тенкови, војници вкопани во ровови или, пак, снајпери. Демонстрантите немаат огнено оружје, често користат прачки за да префрлаат камења преку оградата или, пак, пуштаат запалени балони, импровизирани летала што западниот ветар ги носи кон околните израелски земјоделски површини, со надеж дека ќе им наштетат на локалните фармери.
Политиката на „пукај за да осакатиш“ (Shoot to maim), промовирана од израелските безбедносни сили, а применета од снајперистите е таа што има цел да предизвика трајна физичка пречка кај демонстрантите. Често, возрасни и деца страдаат од боева муниција како резултат на прекумерна употреба на сила, само затоа што се доближиле до оградата во знак на протест против окупацијата. Најчесто страдаат нозете, рацете, но тука се и повредите на телото и на главата поради кои често се пријавуваат смртни случаи. За илустрација, за една година поради протести на оградата животот го имаа изгубено повеќе од 160 лица, од кои 30 деца, а повеќе од 24.000 беа повредени, од кои 1.200 со трајни повреди и со потреба од долготрајна рехабилитација.
Колективно казнување
Поради „непослушноста“ на милитантните групи во Газа, израелските власти знаат да го казнат целото население. Често тие ги засилуваат веќе постојните рестрикции кон жителите, како на пример, затворање на премините за проток на стока и на луѓе, намалување на дозволената дистанца за рибарење, или, пак, целосна забрана за движење во морето, запирање на набавките на гориво, пренос на струја и слично.
Рибарење на суво
Голем дел од жителите на Газа се занимаваат со рибарење. Дополнителните рестрикции на веќе ограничената зона за рибарење тешко се поднесуваат. Морската вода на крајбрежјето на Газа е загадена од отпадни и фекални води, затоа не се практикува рибарење блиску до брегот. Тие што ќе отидат малку подалеку се пречекувани од израелската морнарица, која не се двоуми да отвори оган, па потоа да ги уапси. Нивните бродови и мрежи се запленуваат, а ако се оштетени никој не им ја надоместува штетата.
Надеж во брилијантните млади умови!
Ќе беше добро на крајот да можам да завршам со реченица што нуди трошка надеж за подобра иднина на жителите на Газа. Се напрегам за да пронајдам барем една логично остварлива прогноза – приказна во која Газа ќе се претвори во една мала оаза на медитеранот, каде што човековите права ќе добијат вистинско значење. Тешко е! Со противник како Израел и вкоренет традиционализам, локална автократија и национализам, лажна тврдокорност, конзервативна политика, репресија.
Омразата е огромна и заемна. Стравот од непознатото, базиран на информации од вестите во 19 часот, кои знаат да ги истакнат само лошите страни на „другиот“, недостигот од комуникација поради системските и физичките бариери. Сето ова е една пречка кон промена, кон прогрес. Лидерите на двете страни како намерно да промовираат политика што ги ограничува контактот и комуникацијата меѓу Палестинците и Израелците.
Кога ќе ја видите и доживеете Газа, па и целата Палестина, добивате чувство дека израелските власти не го вреднуваат животот на еден Палестинец. Ги третираат како граѓани од пониска класа, на кои не им припаѓаат правата што ги имаат Израелците.
Иако повеќето Израелци, по своја волја, го игнорираат палестинското страдање и постојано прекршување на човековите права, ги има и такви што се обидуваат да го променат ова. Малку се, но стануваат сè помногубројни и погласни. Токму таму ја гледам надежта. Во брилијантните млади умови, Израелци и Палестинци кои ги запознав во времето поминато во регионот.
Израелци и Палестинци, кои не гледаат преку превезот на омразата, не чувствуваат страв да зборуваат со другиот, да го разберат. Ним им треба повеќе простор да се изјаснат во етерот задушен од изјави на политичките лидери, полни со национализам. Тие веќе имаат јасна идеја за иднината на Блискиот Исток, без војни и страдања. Ним им е потребна поддршка од меѓународната заедница, за да го отпуштат со децении затнатиот вентил, полн со отпадоци од ретроградните доминантни ставови на заедницата.
(Авторот на фотографиите ѝ е познат на редакцијата. Фотографиите се користени со дозвола)