Готвење како терапија: уметничко патување за позитивни мисли и креативност
Кој кажа дека уметноста е само на платно, во театар и на сцена?
Уметност може да биде секојдневната интеракција помеѓу луѓето. Уметност може да биде начинот на кој секој ден ги поздравуваме соседите. Секако, под „фолдерот“ уметност, ја вклопуваме и кујната.
За следново, 55. издание на „Лице в лице“, имавме бура на идеи за тоа како да бидеме покреативни во разбистрување на мислите и разбивањето на табуата за менталното здравје. Така, дојдовме и до креативното готвење.
– Готвењето ме опушта – вели нашата фотографка, Ирина Крстевска.
Тоа е моментот кога решивме дека „Готвењето како терапија“ ќе биде една од нашите полиња на интерес, кога зборуваме за темата ментално здравје.
Чекор 1: База
Сè започнува со наједноставните состојки – куп брашно, малку зачин и јајца. Со мешање на состојките добиваме нешто ново. Во готвењето паста, најважно е да се задржиме на добра текстура, емоција и креативност. Затоа, работиме со раце, не со алатки. Тука доаѓа нешто налик на танц, дијалог помеѓу мислите и состојките.
Чекор 2: Боите на креативноста
Некој кажа дека храната е здодевна…
Дали треба секогаш да следиме некој рецепт, за да може храната да изгледа исто? Откако тестото е готово, време е за игра со боите.
Како сликар кој ја избира својата палета на бои, избираме живописни нијанси кои го одразуваат нашиот внатрешен свет. Ние креиравме со црвена, жолта и нијанси на сина боја.
Чекор 3: Алхемијата на готвењето
Кога тестото е веќе во зовриената вода, имаме доказ дека енергијата не се губи. Само се менува! Готвењето е алхемија, процес на претворање на едноставни состојки во нешто необично. Но, тоа е и метафора за животот. Топлината на водата е како предизвиците со кои се соочуваме – таа нè обликува, ги истакнува нашите вистински бои, нè прави посилни и поживи.
Чекор 4: Чинија со среќа
Со вака зготвена храна, не само што го храниме нашето тело, туку и душата. Овој оброк, создаден од креативност и внимателност, е потсетник дека работата менува и креира.
Како што работевте со брашното, работете и на себе!
Едноставен водич!
Потребни состојки:
Брашно
Јајца
Вода
Љубов
Креативност
Фотографии: Ирина Крстевска