„Хари и Даут – живите легенди на скопје“ меѓу нас
„Можеби и не сте помислиле дека се бездомници, бидејќи ништо во нивниот изглед и однесување не асоцира на тоа. Иако животните стории им се разликуваат, судбините на објацата се поврзани со комплициран склоп на околности, семејни конфликти и нивни сопствени одлуки кои, како што самите велат, доколку би можело да се врати времето, веројатно би биле поинакви. Тоа се луѓе со висока свест за себе и за околината, кои токму затоа што поминале низ ситата и решетата на животот, го имаат искуството, но и сочувството за сличните на нив. Самите помогнати од Црвениот крст и од други организации, често претставуваат врска помеѓу овие институции и нивните „другари“ бездомници, обезбедувајќи им привремено сместување, посредувајќи за добивање лични документи, меѓусебно делејќи храна или голтка ракија од исто шише. Маката ги спојува луѓето на необични начини, а солидарноста изгледа е најголема токму меѓу оние кои имаат најмалку“.
Ова е дел од кусиот предговор „Скопје како дом на оние кои го немаат“ на Илина Јакимовска наменет за новоизлезената книга „Хари и Даут- живите легенди на Скопје“, подготвена од истражувачката Александра Ристовски, а издание на Македонското студентско етнолошко друштво, (МСЕД), Скопје.
Разговорите со Хасан Аметовски – Хари и Даут Таир, преточени се во редови кои силно допираат до сите нас, потсетувајќи нѐ на важноста и силата на волјата и на подадената рака. Но, и на тоа што им е потребно на овие наши сограѓани, не сожалување, туку работа, извор на достоинствен приход, и да не бидат етикетирани како криминалци само затоа што немаат постојан дом.
„Порано, во старото Скопје, условно така да кажам, старото Скопје, меѓу илјада луѓе ќе најдеш еден нечесен. Сега, во денешно време, меѓу илјада луѓе дали ќе најдеш еден чесен. Значи, ќе ја употребам фразата на Диоген, доколку би живеел во денешницава, на човекот ќе му треба рефлектори од Скопска Црна Гора и од Водно за да го осветли градов, за да најде човек. Ќе најде некого ама многу се ретки. За жал. Меѓутоа моја среќна околност е што познавам многу луѓе кои што се со добра душа и хуман карактер, кои не се штедат себе си за да помогнат на маргинализираните лица…“, вели Хари во дел од својата исповед.
Даут, пак, познат како Паша, како тинејџер, самостојно, научил да свири гитара, така ја запознал и својата сопруга, основал сопствен бизнис… но, животот му донел и многу други непредвидливи, тешки предизвици.
На прашањето „Ако можеш да го вратиш времето наназад, што би сменил“, Даут одговра дека би променил многу нешта.
„Значи, воопшто не би помислил на нечесно работење. Би обрнал внимание на комплетен живот, не би барал многу пари, затоа што знаат да го расипат човекот, многу. Јас сум пример за тоа. Да имаш многу, па да немаш, тоа била најтешката работа“, раскажува Даут.
Издавањето на книгата „Хари и Даут – живите легенди на Скопје“ е со поддршка од Град Скопје.