Зелена република, Лице в лице, Лице в лице интервју, Одговорно претприемништво

ИНТЕРВЈУ СО МАРТА МОЈСОВА: „Спин“ – втора шанса и за мебелот и за природата

Време на читање: 5 минути

Подигнувањето на екосвеста кај луѓето е главната цел на „Спин“. Во Македонија најголемиот дел од стариот мебел завршува како дел од отпад, па најголемата предност при репарирањето е намалување на отпадот. Како што знаеме, за жал, некогаш стариот мебел завршува и како огревно дрво или, пак, се пали на отворени депонии со што се испуштаат токсични супстанции, кои се многу штетни по здравјето на човекот. Со реупотребата на парчињата ние влијаеме и на намалување на загадувањето на воздухот

Анета Ристеска
Фотографии: приватна архива на Мојсова

Консумеризмот постојано налага новото да го замени старото, но трговската марка „спин“ се издвојува како гласник на одржливост и еколошка свест. Со фокус на реупотреба и репарација на стар мебел, „Спин“, не само што го задржува културното и сентиментално значење на уникатните парчиња, туку и директно придонесува за намалување на отпадот и загадувањето. Креативниот пристап на овој мал бизнис овозможува старите, навидум непотребни предмети да добијат нов живот и свеж изглед, што ја истакнува нивната важност во борбата за почист и поодржлив свет.

Водени од идејата за зачувување на традиционалните занаети, „Спин“ соработува со локални мајстори – столари, тапетари и уметници – кои вложуваат свои вештини и страст во процесот на репарирање. Преку оваа синергија на современ дизајн и традиционална изработка, марката создава единствени парчиња мебел, кои ја зачувуваат својата вредност и истовремено нудат еколошка алтернатива на масовното производство.

Во ова интервју со главниот двигател, основачката Марта Мојсова, ќе дознаеме повеќе за визијата на „Спин“, процесот на создавање уникатни парчиња мебел и предизвиците со кои се соочуваат во нивната мисија да го променат односот на луѓето кон реупотребата и зачувувањето на мебелот, истовремено заштитувајќи ја животната средина.

Како дојдовте до идејата за репарирање и реупотреба на мебел и која беше главната инспирација за создавањето на марката „спин“?

Јас работам како дизајнер на ентериер и мебел повеќе од 14 години. Со текот на времето почнав да ја согледувам убавината и во старите парчиња мебел, кои со некаква интервенција можат да станат модерен и уникатен детаљ, а воедно да му дадат топлина на просторот. Потребата да се даде еден еколошки пристап при дизајнирањето станува сè поважна, па спојот на уникатниот дизајн и еколошкиот пристап ги направи првите идеи за „Спин“. Првите работилници и почетоци, всушност, беа со децата од организацијата „Надеж” во Шуто Оризари каде што од стара амбалажа и отпадни материјали се правеше нов дизајн, додатоци за носење и за дома. Потоа продолжија работилници за изведба на парчиња мебел од стара амбалажа и така почна и целата приказна. Почетоците беа 2015 година, кога беа направени неколку изложби со репариран мебел. Во 2016 година добивањето на главната награда на натпреварот „Зелени идеи“ на балканско ниво ми овозможи самостојно да ја регистрирам фирмата „Спин студио дизајн“.


Колку е важно за Вас подигнувањето на екосвеста преку реупотребата на стари предмети и како мислите дека ваквата практика може да придонесе кон глобалната борба со отпадот?
И, воопшто, каква улога игра „Спин“ во намалување на загадувањето на воздухот?

Подигнувањето на екосвеста кај луѓето е главната цел на „Спин“. Во Македонија најголемиот дел од стариот мебел завршува како дел од отпад, па најголемата предност при репарирањето е намалување на отпадот. Како што знаеме, за жал, некогаш стариот мебел завршува и како огревно дрво или, пак, се пали на отворени депонии со што се испуштаат токсични супстанции, кои се многу штетни по здравјето на човекот. Со реупотребата на парчињата ние влијаеме и на намалување на загадувањето на воздухот.


Може ли да споделите кои се најчестите предизвици со кои се соочувате при репарирање мебел и како процесот на реставрација може да влијае на долготрајноста и на квалитетот на обновените парчиња?

Поради макотрпноста и сложеноста на оваа работа и неможноста занаетчиите да си го наплатат трудот, за жал, сè помалку луѓе го работат овој занает. Така, најголем предизвик е наоѓањето занаетчии. Тешко е и да се дојде до поинтересни материјали за работа, па затоа правиме и персонализирани креации со уникатен дизајн. Некогаш материјалите и рачно се ткаат или, пак, мебелот по репарирањето рачно се црта, печати, се резба, се прави уникатен оков итн. Покрај репарацијата, „Спин“ работи и со комплетна реупотреба на стари предмети што би завршиле како дел од отпад, во нов функционален дизајн (на пример од стара када или буре да се направи двосед, од делови од автомобил сме правеле масички, ламби итн.) . Овој дел од изведбата е, исто така, голем предизвик во смисла и на дизајн и на изведбата за да се добие новото парче.

Со целиот труд и стручна работа, реставрацијата го враќа во живот старото парче мебел давајќи му долготрајност и нов изглед, враќајќи го квалитет, но и културната вредност на мебелот.


Дали имате соработка со уметници и дизајнери за создавање уникатни парчиња мебел и како нивните уметнички визии се вклопуваат во Вашата работа?

Многу често во „Спин“ се вклучуваат млади уметници за соработка, како и посериозни афирмирани уметници, кои го ставаат својот печат во дизајнот. Се изработуваат и уникатни материјали за тапацирање. Во нашиот дизајн многу често се наоѓаат отпечатоци на познатата графичарка Дијана Томиќ-Радевска, која е и дел од нашиот тим. Посебно ми е драга и колекцијата на штофови за мебел од природен памук, рачно ткаени од Љубинка Механџиска од Берово, дизајнирани со природни бои според нацрти на „Спин“.

Имавме и неколку работилници со студентите од Архитектонскиот факултет, каде што се направија многу уникатни и современи дизајни. Една од нив беше и работилницата на Неделата на скопскиот дизајн во Сули-ан каде што се работеа дизајни од стара амбалажа. Имавме и работилница за целосна изведба на сценографија во МКЦ од стари отпадни и реупотребени материјали.

Како преку реупотребата на мебел и зачувувањето на традиционалните занаети придонесувате за зачувување на културната и сентиментална вредност на старите парчиња мебел?

Една од најважните идеи и цели на „Спин“ е задржување на сентименталната вредност, која луѓето ја имаат за посебни парчиња мебел. Некогаш мебелот носи спомени и меморија од кои не сакаме да се одделиме, па со репарацијата успеваме да го задржиме мебелот, но со еден свеж и малку поинаков изглед. Во целите на „Спин“ е многу важно и зачувувањето на културната вредноста на ваков тип мебел, кој денеска се заменува со сериско производство, особено на мебел што се работи од пластика, синтетика и слично.


Како ја перципирате улогата на локалните заедници и индивидуалци во процесот на реупотреба на мебел? Дали мислите дека глобалното движење за одржливост и циркуларна економија добива доволно поддршка?

Дизајнот постојано се  менува и ги следи европските трендови. Потребата за будење на еколошката свесност кај човекот е сè поприсутна па почнува сè повеќе да се применува и во дизајнот кај нас. Сè поважно е да се применуваат процесите на репарација, реупотреба и користење еколошки или рециклирани материјали. Потребата за одржливо проектирање и еколошки пристап треба да се применува во секоја индустрија каде што може да се примени.

За жал, кај нас сè уште голем број луѓе и локални заедници не се еколошки свесни за важноста на еколошките процесии, не даваат доволно значење на зелениот – екопристап на работата, кој на нашата територија треба да биде на прво место. Пред неколку години Министерството за култура даваше поддршка за креативни индустрии, посебно во еколошки рамки, но, за жал, веќе неколку години ја нема оваа можност.

Според Вашето мислење, како ќе се развива иднината на мебелот во однос на одржливата практика и дали гледате простор за проширување на Вашиот бизнис во интернационални рамки?

На нашите простори, за жал, не сметам дека се цени доволно одржливата практика. Не се вреднува многу макотрпната рачна работа, во овој случај репарацијата. Со појавата на евтин сериски изработен мебел, многу често клиенти се решаваат за вакво решение. Секако, за враќање во живот на мебел од масивно дрво со ретродизајн или, пак, антиквитети, е потребно многу повеќе време и стручна работа и знаење, отколку сериското производство. Проблем се големите финансиски трошоци за професионални материјали, но, исто така, и транспортот, кој е голема пречка за освојување странски пазари. Во моментов, за жал, не гледам можност за проширување на овој проект во интернационални рамки, но се надевам дека еден ден ќе имаме и таква можност.

Напишете коментар