Од хејт до храброст: Зошто тишината не е одговор на говорот на омраза

Фото: @meduzaplatform
Сѐ почесто, активистите, особено активистките, кои се гласни за човекови права стануваат мета на координирани онлајн напади. Зборуваме со Калиа Димитрова, главна и одговорна уредничка на феминистичката платформа „Медуза“. За личното искуство со говор на омраза, емоционалната цена на дигиталното насилство и зошто тишината не е решение.
Дигиталните права се директно поврзани со обврски. Но, кога се работи за говор на омраза на интернет и повредување на туѓите права, како сите да си ги забораваат обврските. Има бранови на говор на омраза кои некогаш се посилни, некогаш се намалуваат. Кај нас најсилни и најорганизирани се нападите кога слободоумноста е на потег, и на улиците и на социјалните мрежи.
Пред самото одржување на Парадата на гордоста годинава, видов стори каде што една лична навреда беше упатена лично кон активистка. Коментарот гласеше:
„Дедо ти се превртува сега во гробот“
Одговорот беше со мирен, достоинствен и емпатичен тон. Тој начин на одговор ме инспирираше да отвориме подлабок разговор: Како се справуваме со омразата? Колку боли, колку се повторува и што правиме понатаму?
Подоцна, кога „Лице в лице“ објави видео од атмосферата на скопскиот „Прајд“, сведочевме на огромна количина говор на омраза – во коментарите. Свесни за нашата одговорност, нема да ги премолчиме, туку ќе едуцираме. Работиме на превенција, информирање и охрабрување за пријавување на говор на омраза.
Во таа насока е и нашиот разговор со активистката Калиа Димитрова.
Калиа, се сеќавате ли на моментот кога го добивте коментарот „Дедо ти се превртува во гробот“? Што ви помина низ глава во тој миг? Како одлучивте да не возвратите со ист тон, туку сосема спротивно?
Тоа што ми се виде „интересно“ во овој коментар, а всушност е доста честа пракса кога жените, особено оние кои се повидиливи во јавниот простор, се нечиј таргет, е дека пробуваат да нѐ дисциплинираат и замолчат со тоа што истакнуваат дека нашето делување или јавно постоење на некој начин претставува срам за нашите семејства и/или претци, особено мажи.
Несомнено се работи за „стара школа“ тактика, кајшто ги користат нашите приватни животи и релации за да ни укажат дека правиме некаква (во нивни очи) трансгресија од моделот на женскост кој е прифатлив и пожелен. Со таков вид на коментари и навреди се обидуваат да нѐ стават назад на нашето место. Истовремено, коментарот е напишан под претпоставка дека постои некое едногласно братство, кое има униформен став по прашањето како жените треба да се однесуваат или изгледаат. По таа линија, човеков со коментарот, кој верувам дека не ме ни познава, се поставува како да знае нешто повеќе за дедо ми од мене. Мене ваков вид на узирпација во мојот полу-личен простор, односно профил на социјални мрежи, од страна на мажи кои се најчесто или ботови или анономни профили без истакнато име и презиме или фотографија, повеќе не ме повредуваат лично.
Преку работата на „Медуза“, за жал, се навикнав да се соочувам со истото. Научив да поставувам јасни граници, односно никогаш да не влегувам во диксусии, расправи и објаснувања кои само ќе ми одземат време и енергија за работата која всушност треба и сакам да ја правам. Понекогаш не можам да одолеам да не свртам на хумор, што исто така е и веројатно мој механизам за справување.
Истовремено, профилот на „Медуза“ понекогаш се соочува со сериозни и интензивни форми на говор на омраза. Во тие моменти сфаќам дека е тотално нездраво што имам прифатено дека и ова е дел од работата. Едноставно не треба да биде! Кога машките онлајн хорди ќе се соберат во напад на некоја авторка или тема на „Медуза“, тешко ми е да останам со мирна глава. Се разбеснувам, пред сѐ, зашто говорот на омраза нималку не се третира сериозно од институциите, а и те како сериозно влијае на нашите животи и чувство на безбедност.

Кои форми на говор на омраза најчесто се застапени и дали забележувате зголемување на хејтот во одредени периоди, како пред и по „Прајдот“?
Веќе со години Хелсиншкиот комитет за човекови права посветено ги следи трендовите на говор на омраза и активно работи на застапување за соодтветен институционален одговор. Непосредно пред Парадата на гордоста Скопје Прајд се забележува интензивен говор на омраза на социјалните мрежи, кои неретко вклучуваат и секакви закани за насилство. Ова е важно да се истакне, зашто не сум сигурна дали луѓето сфаќаат дека насилството почнува во јазикот. Колку повеќе сме десензитизирани кон тоа одредена група да е мета на навреди, клевети, пцовки и закани, толку сме и поапатични кон фактот таа група да е жртва на насилтво или дискриминација во „реалниот“ свет.
*Коментарите се од видеото кое „Лице в лице“ го објави од „Прајд 2025“
Која е емоционалната цена на мета на говор на омраза на социјалните мрежи? Како активистите да се заштитат себеси – психолошки, емотивно, дигитално?
Моето искуство е дека со тек на време стануваш дебелокожец. Ова е нешто од што воопшто не се гордеам и не мислам дека е било какво решение. Како и многу девојки и жени кои се бават со јавна работа, сум добивала секакви пораки и коментари, а некои од нив биле и закани за сексуално насилство. Тоа резултирало во чувства на константен страв и параноја, а тие чувства е тешко да го напуштат телото. Сфаќаш дека живееш во некој постојан грч, а никој не треба да живее така. Не знам како да се заштитиме себе во вакви услови каде и самите институции кои ги плаќаме за да нѐ заштитуваат, создаваат совршени услови за омразата, офлајн и онлајн, да се храни и репродуцира.
Силни системи на поддршка, во форма на пријателства и други афирмативни заедници се веројатно најважното нешто што човек може да го негува во оваа борба која во огромна мера има за цел да ни го девалвира вредносниот систем и вербата во себе.
Како реагирате кога гледате дека институциите, медиумите или јавноста, молчат кога се шири говор на омраза?
Понекогаш се нервирам, понекогаш пријавувам, понекогаш се карам. Најчесто, пробувам да го одржам фокусот кон работата на „Медуза“, која ме полни со надеж зашто го прави буквално обратното од тоа што го прават заедниците кои ги „спојува“ омразата.
Што би му/ѝ порачале на некој што првпат се соочува со онлајн напад поради својот идентитет, став или поддршка за некоја маргинализирана група?
Да пријави, да каже некому, да не го нормализира тоа однесување! Најважно од сѐ, да не го интернализира. И иако понекогаш сме мета на онлајн напади и тоа знае да е трауматично само по себе. Сепак, наша обврска е да бидеме гласни и храбри, особено во време како денес. Тишината и повлекувањето не решаваат ништо.

Содржината е креирана во рамки на проектот „Reporting Digital Rights and Freedoms“ кој се спроведува со финансиска поддршка на Европската унија.
Изнесената содржина е одговорност на „Паблик“ и на „Лице в лице“ и не мора да ги одразува ставовите на ЕУ.
- Зборуваат со непознати, гледаат сè: како да ги заштитиме децата кога интернетот е секогаш чекор пред нас?
- Од хејт до храброст: Зошто тишината не е одговор на говорот на омраза
- Млади организираат хуманитарен фестивал за настраданите во Кочани
- Интернетот не е играчка: Заштитата на децата на интернет почнува со разговор, не со забрана
- Крушево домаќин на изложба за инклузија: 32 портрети што слават различности