Изложбата „Тука, но некаде другаде“ отвора нови перспективи за припадноста

Во четврток, 24 октомври, во 19 часот, во галеријата Мала станица во Скопје ќе се отвори изложбата „Тука, но некаде другаде“.
Изложбата ги истражува темите на мобилност, движење и припадност преку лични и универзални човечки искуства, прикажувајќи дела од седум истакнати уметници: Невена Алексовски, Елена Чемерска и Ивана Мирчевска, Ана Чворовиќ, Андреа Кнезовиќ, Илија Прокопиев и Ленка Ѓоројевиќ. Кураторка на изложбата е Јана Старделова.

Изложбата комбинира локални и регионални перспективи, истражувајќи интимни приказни за раселеност и транснационални идентитети. Делата поставуваат прашања за колективноста и променливото чувство на припадност кај оние кои ги минуваат границите. „Тука, но некаде другаде“ повикува на размислување за луѓето, а не за географиите, и нуди алтернатива на омразата и стравот преку солидарност и промени во заедниците.


„Уметничките дела ја истражуваат комплексноста на чувството на вдоменост на повеќе од една локација. Транснационалните наративи одекнуваат низ делата, покренувајќи идеи за припадноста кои ги преминуваат границите и ги поврзуваат поединците со повеќе простори и заедници. Наместо да го романтизираат концептот на домот, тие ја проучуваат лиминалноста и „изнаоѓаат начин да направат простор за нашето вистинско јас“. Неизбежно, ранливоста е вткаена во личните приказни: себе-прифаќањето во процесот на прилагодување на новите средини е патување само по себе“, вели кураторката Јана Старделова во најавниот текст за изложбата.
Повеќе информации се достапни на линкот.
Изложбата ќе биде отворена до четврти ноември.




Невена Алексовски е активна во областа на цртањето, сликарството и илустрацијата. Таа работи како педагог во областа на современата уметност и раководи со педагошката програма на Здружението ŠKUC. Живее и работи во Љубљана.
Елена Чемерска е визуелна уметница и истражувачка чија уметничка практика ги истражува односите помеѓу естетиката, материјалноста и политиката. Во 2021 година, ѝ беа доделени наградите „Принц Клаус“ и „ДЕНЕС“, награда за млади визуелни уметници. Живее и работи во Скопје.
Ана Чворовиќ работи со темите на миграцијата и раселеноста. Нејзините инсталации ја истражуваат психодинамиката на местото, конкретно во контекст на војната, миграцијата, социо-економското осиромашување и процесите на глобализација. Чворовиќ има освоено бројни награди, вклучувајќи ја и наградата „Шелаг Клует“ (2021) и грант за уметничко усовршување од здружението „a-n“ (2018). Живее и работи во Лондон.
Андреа Кнезовиќ е концептуална визуелна уметница и истражувачка чии истражувачки интереси се фокусираат на политиката на грижа, нејзините институционални импликации и митолошки аспекти. Таа е добитничка на БАК стипендија за позиционирана пракса. Живее и работи во Амстердам.
Ивана Мирчевска е интердисциплинарна уметница и истражувачка која работи на подвижни слики, текст и инсталација. Ивана е добитничка на наградата „ДЕНЕС“ за млади визуелни уметници (2022). Живее и работи во Скопје.
Ленка Ѓоројевиќ критички ја испитува и толкува амбивалентноста на позицијата на (уметничкиот) субјект во контекст на производството, репрезентативните, идеолошките и симболичните наративи и стратегиите на доцниот капитализам. Во соработка со Матеј Ступица, ја освои наградата „ОХО“ во 2015 година. Живее и работи во Љубљана.
Илија Прокопиев е визуелен уметник, графички дизајнер, куратор и издавач, со седиште во Скопје и Љубљана. Тој е соосновач на студиото Приватен принт (PrivatePrint). Во 2011 година ја освои наградата „ДЕНЕС“ за млади визуелни уметници со делото „Студии за многу големи цртежи“.