Актуелно, Доза вести, Лице в лице

Не секој работодавач ги заслужува моите менторирани лица

Време на читање: 6 минути
- банер -

НИЗ ПРИЗМА НА МЕНТОР ЗА ВРАБОТУВАЊЕ: РАЗГОВОР СО МАГДАЛЕНА ЧАДИНОСКА КУЗМАНОСКИ

Свеста кај работната сила се менува, работниците се поинформирани, па сега и бизнисот има предизвик да најде работници и да ги задржи. Порано само  работникот се трудеше да го задржи работното место, а сега и бизнисот мора да се труди да го задржи работникот. Мене, која борбата за социјална правда ми е на прво место, многу ме радуваат овие промени.

Менторството за вработување сè почесто игра клучна улога во успешното интегрирање на вработените на пазарот на трудот, особено на оние кои подолго време се надвор од него.
Преку насочување и поддршка, менторите ги зајакнуваат потенцијалните работници да ги развијат своите вештини и самодоверба, со цел тие да се вклопат во работната средина и да постигнат континуиран успех. Во интервјуто со менторката за вработување, Магдалена Чадиноска Кузманоски, се нагласува важноста на менторите кои, покрај техничката подготвеност на вработените, ја обезбедуваат и потребната емоционална и професионална поддршка за долгорочно вработување.

Менторите, како посредници меѓу бизнисите и потенцијалните вработени, го олеснуваат процесот на селекција и прилагодување на двете страни. Компаниите сè повеќе ги препознаваат придобивките од поддршката на ментори, бидејќи менторираните лица доаѓаат подготвени, мотивирани и во состојба да придонесат за квалитетот на работните процеси. Менторството, на ваков начин, не само што обезбедува квалификувана работна сила, туку истовремено создава услови за одржливост и лојалност на вработените.

Повеќе – во интервјуто со Магдалена Чадиноска Кузманоски.

Зошто на бизнисите им се потребни ментори за вработување и  што добиваат бизнисите од овие професионалци?

- банер -

Во последно време преку моето делување како менторка за вработување сè повеќе среќавам бизниси. Претежно тоа се големи компании, кои освен кон профитот, се свртени и кон грижа за луѓето, кон благосостојбата на вработените и обезбедувањето соодветни услови за работа за вработениот да се чувствува како дел од тој систем. Голем дел од бизнисите во своите редови веќе имаат професионалци кои се грижат за овој дел, но, драго ми е што веќе ја препознаваат алката што недостасува. Тоа што недостасува го носат менторите за вработување кои ги процениле афинитетите и капацитетите на лицето што треба да влезе на пазарот на труд и согласно тоа ги насочиле на работна позиција каде што тоа може да го реализира својот потенцијал и да се чувствува убаво во она што го работи. Во суштина преку менторството за вработување фирмите добиваат подготвена и поддржана работна сила. Сите ментори сме стручни работници кои дополнително ја поминавме програмата Менторство за работна интеграција на „Паблик“. Се стекнавме со вештини и знаења, како да го препознаеме и правилно да го насочиме најголемиот потенцијал кај лицето, како да препознаеме кое вработување е најсоодветно за него… Или пак, ако движиме обратно, односно од бизнисот кон менторираните лица, тогаш знаеме како да препознаеме според моменталната понуда, атмосфера и услови за работа, кое лице од тие што ги менторираме е соодветно за тој бизнис. На кратко, менторот треба да направи усогласување меѓу побарувачката, односно потребата на бизнисот и понудата – лицата кои се во процес на менторирање и се активни баратели на работа. На овој начин на бизнисот му нудиме подготвена работна сила, која поддржана на самото работно место, навистина може да придонесе во квалитетот на работните процеси, и најважно од сè, се трудиме тоа вработување да е одржливо, односно вработеното лице да се задржи на работното место.

Какво е вашето искуство со бизнисите?

Поради природата на работата, имам можност често да се гледам со многу претставници од бизниси, па оттука и искуството е разновидно. Има бизниси кои навистина сакаат и се обидуваат да најдат решение како да им бидат поддршка на вработените, како да ги подобрат условите за работа, како да се подобри атмосферата за работа и секако, една од поважните работи, како да се зголеми платата. Овие бизниси се оние кои се поинформирани и посвесни дека благосостојбата на вработените влијае на благосостојбата на фирмата, на квалитетот на извршување на работите итн. Но, секако дека има и бизниси фокусирани исклучиво на профитот кои што  вработените ги гледаат само како ресурс за побрзо стигнување до профит. Она што многу ме радува е  што свеста и кај работната сила се менува, работниците се поинформирани, а и имаат повеќе опции. Сега и бизнисот има предизвик да најде работници и да ги задржи. Порано само работникот се трудеше да го задржи работното место, а сега и бизнисот мора да се труди да го задржи работникот. Мене борбата за социјална правда ми е на прво место и многу ме радуваат овие промени.

Бизнисите дефинитивно се трудат да најдат решение, некои затоа што навистина сакаат, а некои затоа што мораат, но бараат начин, а ова им оди во прилог на сите засегнати страни. Ни треба време за некоја малку поидеална слика, но сметам дека има позитивни промени ако споредиме со тоа како беше порано.

Зошто на сè повеќе млади лица им се потребни ментори за вработување?

На младите лица им е потребна професионална ориентација. Премногу динамичен стана пазарот на труд и премногу нови можности се нудат. Понекогаш е лошо кога немаме избор, но исто така може да биде „проблем“ па и кога имаме многу голем избор. Младите лица се многу информирани, тоа многу ме радува. Но, тие се без искуство и работно и животно. Потребно им е само некој да ги поттикне, или да им донесе поинаква перспектива на работите. Секако дека има и млади лица кои немаат баш достапни информации во однос на можностите за пазарот на трудот, па со нив работиме на еден поинаков начин – најпрво добиваат информации што сè е можно, па потоа одлучуваме каде ќе се движиме. Со младите најчесто работиме на подигнување на самодовербата, на меки вештини, на градење работни навики, но и ги поттикнуваме да истражуваат, да видат низ друга призма, ги охрабруваме. На пример, имав случај кога младо лице се гледаше себеси во сектор на угостителство, но, како келнер. Во тој момент, поради недостаток на информации и самодоверба, само до тука можел да се види себеси во оваа област. По неколку месеци го отворив прашањето што друго е можно за него, како може да напредува. Посака да се обиде да работи во кујна, но, со многу скепса. Го поддржав, најдовме стрплив работодавач и еве, сега е успешен готвач кој што одлично напредува во својата професија и има одлична плата.

Како го препознавате идеалниот работодавач за вашите менторирани лица? 

Идеален работодавач за одредено лице најдобро се препознава ако пред сè добро го познавате менторираното лице. Ако сте направиле добра проценка, ако сте истражиле и сте ги запознале темпераментот, карактерот, очекувањата, вредностите и моменталните способности на лицето. Ова е од една страна. Потоа, кога барате вработување за лицето, треба да ја истражите и компанијата и така да го направите усогласувањето. Секогаш се обидувам да се ставам на нивно место, да влезам во нивни чевли и ако условите не се соодветни, ако јас не би останала на нивно место под тие услови таму, не го оставам ни лицето.

Еднаш изјавивте дека има бизниси каде што не гледате отвореност и тогаш заклучувате дека таа компанија не е подготвена за вашето менторирано лице. Што значи бизнисот да не е подготвен?

Бизнисот не е подготвен ако не покажува интерес за инклузивност, нема механизми за поддршка на различни вработени, или пак одредени реални потреби на вработените ги доживува како привилегија. Не се ретки примерите каде што е видлива несензитизираноста за ранливоста на поединци или групи во колективите. Ако компанијата не е отворена за различности, менторираното лице не би имало шанса за успешна интеграција.

Работите и со лица кои што имаат поголеми предизвици да влезат и да се задржат на пазарот на труд – лица со попречености, жени жртви на насилство, жени од ромска популација кои немаат поддржувачка средина од своите семејства, а имаат желба да работат… Што е клучно во вашата поддршка кон овие лица? Како создавате успешни приказни?

Клучно е да создадеме доверба и безбедно опкружување за овие лица. Нашата цел не е само тие да се вработат, туку и да се задржат и да напредуваат на работното место. Пристапот го градиме во  во согласност со ранливоста, а успешните приказни произлегуваат од поддршка која е прилагодена на нивните специфични потреби и од искусувањето позитивни промени. Овие промени ги мотивираат и ги водат напред.  Навистина  можеме да се пофалиме со многу успешни приказни. Некаде се тоа мали чекори, а некаде се заеднички истрчани маратони за кои на почетокот, ни лицето, а некогаш ни јас не сум верувала дека можеме да стигнеме до таму.

Која е разликата меѓу социјално менторство за работна интеграција и менторство за вработување млади лица? 

Социјалното менторство се однесува повеќе на лица кои се од ранлива категорија, на кои животот во тој момент или подолг период им е исполнет со разни предизвици. Ваквите состојби бараат потемелна и холистичка поддршка пред и воопшто да се охрабрат да излезат на пазар на труд. Некои не се доволно мотивирани, некои имаат нарушена самодоверба, некои пак не можат да се вклопат во постоечките услови на пазарот на труд. Последново пред сè се однесува на жените жртви, самохраните родители и до некаде и на лицата со попречност. Бизнисот сè уште не е доволно едуциран, подготвен и емпатичен за овие сограѓани и  затоа тука мораме многу внимателно да постапуваме. Додека, пак, менторството за вработување може да се однесува на било кој граѓанин вклучувајќи ги и младите лица или долгорочно невработените, кои немаат некои посебни предизвици, туку поради склоп на разни околности не се снаоѓаат доволно добро во овој момент при избор на вработување. Со нив треба да се постават јасни цели и фокус, заеднички да го поставиме индивидуалниот план, заеднички и да го менуваме ако е потребно, со цел да го извлечеме максимумот во тој момент. И двете програми, за лица кои навистина сакаат да се вклучат или се подготвени да направат промени кај себе и во животот, веќе сведочиме дека се многу успешни.

Фотографија: Ирина Крстевска

Напишете коментар