Доза вести

Изведена мултиорганска трансплантација на органи – пациенти добија срце, црн дроб, бубрези

Време на читање: < 1 минута

Министерството за здравство информира дека вчера е направена уште една мултиорганска трансплантација на органи при што еден пациент доби срце, еден пациент доби црн дроб, двајца пациенти добија бубрези, а во наредните денови пациенти од Универзитетската клиника за ортопедија ќе имаат шанса да добијат и коскени ткива.

Во допис до медиумите министерот Илир Демири упатува огромна благодарност до семејството на донорот коешто се одлучи да ги донираат органите од нивниот близок и притоа да спасат најмалку четири животи.

-По добиената согласност во вторникот, вчера во раните утрински часови започнаа трансплантациите на срце, црн дроб, бубрези и коскени ткива. Упатувам огромна благодарност до семејството на донорот кои повторно не потсетија на важноста, на емпатијата и на хуманоста и во најтешките моменти од животот. Нивната одлука денес значи нов живот за некого, од вчера спасуваме најмалку четири животи. Дарувањето органи е највисокиот чин на алтруизам кои сите нас не прави подобри луѓе спасувајќи човечки животи. Голема благодарност и до сите медицински тимови кои овие 48 часа работат со пациентите и се грижат за нивното здравје, истакнува Демири.

Министерството за здравство посочува дека од 2020 година досега се трансплантирани вкупно 77 витални органи – 11 срца, четири црни дроба, 38 бубрези и 24 коскени ткива.

Напишете коментар