Од кров до заедница: извидниците од Штип градат Дом на млади и бараат поддршка
Членовите на Извидничкиот одред „Еквинокс“ од Штип спроведуваат кампања за прибирање средства кои им се неопходни за завршување на внатрешното уредување на објектот кој треба да функционира како нивен дом, во склоп на Домот на млади. Просторот е наменет за активности на деца и млади извидници, но и како отворено место за учење, креативност и градење заедница.
Средствата се собираат преку платформата „Why donate“ и кампањата е достапна на овој линк.
– Сега е моментот, сега е вистинското време да нè поддржите. Платформата е едноставна, безбедна и проверена за донации од Македонија и странство. Секоја поддршка, голема или мала, за нас е огромен чекор напред. Благодарни сме за секој што ќе застане зад нас – велат извидниците од „Еквинокс“.
Собраните пари ќе бидат искористени за поставување подови, прозорци и врати, електрична и водоводна инсталација, како и за уредување на кујна и тоалет. Целта е објектот да стане целосно функционален и безбеден, за младите да добијат простор во кој ќе можат да творат, да се надградуваат и да развиваат општествено одговорни вредности.
– Не обновуваме само ѕидови. Градиме место каде младите ќе растат, ќе учат и ќе сонуваат заедно – велат извидниците, нагласувајќи дека Домот на млади треба да стане место на безбедност, солидарност и личен развој.
Иницијативата е отворена за поддршка од граѓани, компании и организации кои сакаат да придонесат кон создавање на функционален младински простор во Штип.
Иницијативата за обнова започна летово, кога извидниците од „Еквинокс“ во период од десет дена, целосно волонтерски, го обновија кровот на објектот. Работејќи под високи температури, тие ја поставија основата за оваа, следна фаза – внатрешното уредување и ставање на просторот во функција на младите.
- Економската независност на жената не е прашање на индивидуален избор туку на структурни бариери
- Иштван Фаркаш, продавач на „Лицеулице“ во Нови Сад: „Солидарноста не е милостина“
- Дебатиравме дека нема ноќен живот во Скопје… па танцувавме како да сме го имале цел живот
- Македонските зелени иновации во подем: трутово млеко, тестенини од печурки и 3Д печатење од отпад – идеи што можат да ја променат економијата
- Не го добиваш тоа што го заслужуваш, го добиваш тоа што ќе го испреговараш