Дурбин, ЗЕНици, Лице в лице, Школа за медиумска писменост

Како да пливаш во океанот на интернет, а да си заштитен од ајкули?

Време на читање: 10 минути

Неретко некои од инфлуенсерите, блогерите, влогерите, јутуберите, тиктокерите, истаграмџиите намерно или ненамерно ги повредуваат чувствата на младите, ги нарушуваат нивната самоперцепција, самодоверба, создаваат искривена слика за реалноста… Па оттука, ние ќе го ставиме под лупа влијанието на социјалните мрежи врз младите. Колку младите загризуваат на ширење дезинформации на социјалните мрежи?

Сања Јачевска
Фотографии: Ирина Крстевска

Неодамна имаше фама со бизарен предизвик во училишта поради кој многу млади завршија со скршеници. А ова не е изолиран случај, само што другите случувања не добиле доволно внимание  од медиумите. Токму поради неконтролираното време што се поминува на „Тикток“ и предизвикување насилство кај младите, Албанија ја забрани мрежата, што е тема за сосема поинаква дискусија.

Неретко некои од инфлуенсерите, блогерите, влогерите, јутуберите, тиктокерите, истаграмџиите намерно или ненамерно ги повредуваат чувствата на младите, ја прават ранлива нивната самоперцепција, самодоверба, создаваат искривена слика за реалноста…

Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги годинава изработи истражување на медиумската писменост кај учениците во прва и втора година средно образование, кое нè води кон  заклучок дека мнозинството ученици се, генерално, внимателни за тоа кој може да ги следи и види / отвори нивните профили, што укажува на свест за приватноста и за безбедноста на интернет.

Во поглед на тоа што претставува поимот дезинформација, две третини од учениците (66,7 проценти) ја дефинираат дезинформацијата како неточна информација објавена со намера да наштети некому или да излаже. Речиси сите имаат паметен телефон и употребуваат социјални мрежи. Најмногу „Инстаграм“, кој води со 93,1 проценти, на второ место е „Тикток“ со 87,6 проценти и на трето место е „Фејсбук“ со 81,3 проценти. Осум од десет ученика (80,1 проценти) го користат и „Снепчет“. Речиси 60 проценти одговориле дека следат инфлуенсер(к)и / блогер(к)и. 

Го ставаме под лупа влијанието на социјалните мрежи врз младите. Колку тие загризуваат на ширење дезинформации на социјалните мрежи?

Како трендовите на „Тикток“, инфлуенсерите, блогерите и влогерите влијаат врз однесувањето, себеприфаќањето, социјализирањето и менталното здравје на младите?

Навала од инфлуенсери со совршен живот, совршено тело и постојана среќа!

Еден од нашите соговорници, Виктор Цветановски, 26-годишен човек, сподели дека социјалните мрежи ги користи најмногу за одржување на социјалните врски, како извор на инспирација во работата и во секојдневниот живот и, секако, како извор на забава. 

-Лично не следам многу инфлуенсери во вистинската смисла на зборот. Тоа се само луѓе што се занимаваат со мојата професија или луѓе што своите  интереси ги споделуваат јавно.  Често нивната содржина ми служи како инспирација. Како личност што уште од релативно мала возраст е на социјалните мрежи, сметам дека имам добро ниво на медиумска писменост и лесно препознавам дезинформации и слично. Но, поради забрзаното замаглување на линиите меѓу реалноста и вештачката интелигенција, гледам можност тоа да стане потешко – изјавува Виктор. 

Голем дел од инфлуенсерите ги перципира како неискрени. Често вели дека до него доаѓа содржина полна со дезинформации или ставови што влијаат негативно врз помладите или постарите, кои ги перципираат како факти. 

-Поради тоа сум селективен за содржината со која имам врска. Социјалните мрежи, секако, може да имаат и убаво влијание врз нас, но за тоа е клучно да ги користиме на правилен начин, кој би ни донел убави чувства, нови знаења и интереси. Спротивно од несигурност, зависност од пребарување без самоконтрола. Исто, голема последица е губењето на реалните врски, распонот на внимание и поврзаноста со реалниот свет. Затоа сметам дека сега е клучно време да се потрудиме да ги подобриме овие навики – дополнува Виктор. 

Сара, која има 17 години, вели дека  таа и нејзините врсници поминуваат многу голем дел од секојдневието на социјалните мрежи комуницирајќи меѓу себе или гледајќи ја содржината што ја пласираат инфлуенсерите. 

-Секако дека сето тоа многу често кај нас младите создава чувства на несигурност поради постојаната споредба со јавните личности, тоа најчесто се однесува на физички изглед или ги посакуваме работите што ги имаат тие. Понекогаш, можеби, на социјалните мрежи се чини дека сите други имаат совршен живот, совршено тело и живеат во постојана среќа. Но многу е важно  да знаеме дека многумина од нив пласираат само селектиран дел од својот живот, кој го има тоа „совршенство“ и дека и самите тие се луѓе како нас со свои предизвици и несовршеност, кои не ги споделуваат јавно. Поради тоа не треба да се чувствуваме виновно или несигурно само затоа што нашиот живот не изгледа како слика од насловна страница – рече Сара.

Мартина Јачевска, претседателката на младинската организација ГРИТ од Пробиштип, споделува свое искуство од работа со младите. 

– Многупати ги слушаме родителите дека младите треба да ги оттргнат целосно од мобилните телефони и од социјалните мрежи. Ова, според нашето мислење како организација што работи со млади, не е ниту возможно, ниту, пак, би требало целосно да се случи. Тоа што го посакуваме  е младите да научат како правилно, во разумни количини и во своја полза, да ги користат уредите, социјалните мрежи и алатките што се достапни на интернет. Тоа што го гледаме секојдневно низ работата е дека тие најмногу ги користат социјалните мрежи преку кои комуницираат, се информираат и учат. Сепак,  многу ретко знаат како да ги користат апликациите што се достапни на интернет за да го зголемат ефектот на нивното учење или да го развијат критичкото размислување – споделува Мартина. 

Интересно е нејзиното размислување дека младите, многу подобро од повозрасните, можат да ги препознаат лажните информации или лажните профили на социјалните мрежи. Сепак, не се целосно имуни. 

-Во обуките за медиумска писменост што ги имаме спроведувано, речиси никој не знаеше како да провери дали вестите на социјалните мрежи се лажни или некоја фотографија е генерирана со вештачка интелигенција. Често младите знаат да следат различни трендови и инфлуенсери што се појавуваат на социјалните мрежи и да ги прифаќаат само затоа што многу брзо се рашириле и ги следат нивни врсници од различни места низ целиот свет. Тоа што произлегува како потреба од оваа појава е тие да бидат информирани и за последиците, како и да се научат да ја испитуваат соодветноста, образованието, искуството и профитабилноста од дејноста во која се вклучени инфлуенсерите. Односно, да истражат дали инфлуенсерот промовира одредено нешто само за да оствари профит или затоа што, навистина, верува во тоа што го промовира. Што, повторно, значи потреба од способност за критичко размислување – подвлекува Мартина.

60 проценти од младите поминуваат повеќе од пет часа дневно на интернет

Важнoста на социјалните мрежи во животот на младите е очигледна, но колку е, всушност, таа голема покажа неодамнешното истражување на нивото на медиумска писменост кај учениците од прва и втора година средно образование, информира Емилија Петреска-Камењарова, комуниколог.

-Сега е со факти потврдено дека 95 проценти од младите на возраст меѓу 14 и 17 години имаат паметни телефони, кои најчесто ги користат за да пристапат на социјалните мрежи. Всушност, почесто ги користат за оваа намена, отколку за разговарање, при што и разговорите со пријателите и семејството ги остваруваат преку социјалните мрежи (95 проценти). Нивната втора активност на социјалните мрежи (87 проценти) е разгледување текстови, видеа, фотографии. 60 проценти поминуваат повеќе од пет часа дневно на интернет и, притоа, само една четвртина од нив ги земаат содржините на социјалните мрежи со резерва, додека една половина сметаат дека се вистинити – објаснува  Петреска-Камењарова.

Затоа, прашање што се наметнува е: колку се способни да бидат безбедни во просторот на интернет? 

-Добрата вест е дека големо мнозинство (80 проценти) се свесни дека не треба да ги споделат своите адреси (ни домашната, ни електронската) ниту телефонскиот број. Околу две третини се свесни и дека некој може да се преправа дека е на нивна возраст за да се запознае со нив, а повеќе од половината – дека некој може да објави на својот профил нивна фотографија без нивна согласност. И, иако го знаат ова, повеќе од 80 проценти би објавиле фотографија од излегување со пријателите или од одмор, а околу две третини би објавиле семејни фотографии со други малолетни членови на семејството. Всушност, на неколку места во истражувањето се покажува расчекор меѓу нивната потреба да дадат општествено очекуван одговор и склоноста, типична за овој период од развојот, да преземат ризик, да не размислуваат за последиците во иднина, да се приспособат на друштвото – вели таа.

Која е улогата на нас, возрасните, во оваа ситуација? 

-Би рекла – упорно да разговараме со нив, но не од позиција на авторитет (зашто, кој тинејџер не се бунтува против авторитети?!) туку како луѓе што и самите секојдневно ја искусуваат проблематичноста и, истовремено, заводливоста на управувањето низ социјалните мрежи. Зашто нив им е вроден дигиталниот свет (digital natives), но приказната почна со нас – додава Емилија. 

Младите размислуваат дихотомно, црно – бело

Изложеноста на секакви информации, ширењето дезинформации, лажни вести, лажна слика за одредени ликови, неретко е сериозно сфатена и прифатена од младите лица, а тоа се одразува лошо врз нивното ментално здравје. 

Според психолог / психотерапевт Розалија Секулоска, младиот човек е, можеби, повеќе изложен и подложен на сугестија за да ги восприема дезинформациите од социјалните мрежи, за разлика од зрелиот човек, кој во себе има некаков изграден морален и вредносен систем.

-Живееме во материјален и во виртуелен свет. Добивање, споделување, давање и примање информации, без разлика дали се во форма на збор, слика, или аудио запис, никогаш не било побрзо од денес. Ако порано информацијата патувала со денови и месеци од еден крај до другиот крај на светот, сега тоа се случува за една секунда. Од една страна, тоа е добро за сите нас, но секогаш кога зборуваме за целовитост и константност од едната страна е доброто а, од другата страна е лошото. Двата поларитета, доброто и лошото, го формираат целото, а кој поларитет ќе доминира, зависи од многу фактори и влијанија – вели таа.

Секулоска споделува дека дезинформациите, како и информациите, патуваат брзо и стигнуваат до целната група за која се наменети.
– Младиот човек е, можеби, повеќе изложен и подложен на сугестија за да ги восприема дезинформациите од социјалните мрежи. За разлика од зрелиот човек, кој во себе има некаков изграден морален и вредносен систем. Младите размислуваат дихотомно, црно – бело, добро – лошо, точно – неточно, убаво – неубаво и со когнитивната егоцентричност и емотивната и социјалната незрелост, се многу повеќе изложени и подложни на влијание (особено негативно) на информациите од социјалните мрежи – изјавува таа. 

Таа споделува и како влијаат инфлуенерите, трендовите врз однесувањето на младите, нивното ментално здравје, самоперцепција: 

-Сето тоа влијание го нарекуваме социјализација, а таа  е неминовен процес со кој се создава карактерот на човекот. Фактори на социјализација се родителите и другите членови од микро и од макросемејството, врсниците и средствата за информирање. Ако до пред 20 години средствата за информирање биле многу посиромашни и неразвиени, со мал број ограничени информации, денес информациите нè бомбардираат од сите страни. Визуелни, аудитивни, мирисни, вербални, тактилни информации, кои можат да бидат неточни, полуточни, искривени, штетни за вкупното здравје, деструктивни и опасни по живот – истакнува Розалија. 

Според нејзиното мислење, инфлуенсерите можат да имаат многу силно влијание. Младите имаат свои модели на идентификација, таканаречени идоли, особено во периодот на тинејџерството. Тогаш се огледуваат и посакуваат да бидат како нив. Затоа е важно каков е моделот на идентификација. 

-Ако инфлуенсерот пропагира здрав стил на живот, здрави вредности, морал, почит, алтруизам, интелектуален развој и сите тие просоцијални однесувања, тогаш е многу добар и моќен инфлуенсер во позитивна смисла на зборот – вели таа.
Таа објаснува и за тоа дека многу јавни личности, не само што не се добри модели на идентификација, туку се штетни по здравјето и животот на сите нас бидејќи пропагираат најразновидни отстапувања. На пример,  нарцисоидност, зависности од храна, особено анорексија, рекламираат и поттикнуваат на зависноста коцкање, материјализам, егзибиционизам…
– Самиот збор инфлуенесер е влијание, некој што врши влијание. Но постои здраво и нездраво влијание, а тука нема филтер на двата поларитета добро – лошо. Напротив, изложеност на секакво влијание – дополнува Секулоска. 

Убаво е да се има достапност до информации бидејќи така можеме да растеме и да се развиваме. Наше е да одредиме колку време и какви информации ќе примаме, истакнува таа. 

-За младите е многу покомплицирано бидејќи тие примаат сè што ќе им дојде како информација и самата состојба на когнитивна и социоемоционална незрелост ги прави да бидат ранлива група. Отсекогаш било невозможно да се спречат дезинформациите. Но, постојат начини во алатките на поставувањата на телефоните на децата, а, од друга страна, е воспитувањето од родителите. Преголемо оставање на социјалните мрежи без надзор и контрола на тоа што се гледа е опасно и штетно за младиот детски ум. Кај децата што се во раст и развој се случува екранизација, а со тоа стагнација во когнитивниот и вербалниот развој. Кај тинејџерите се врши поинакво моделирање на карактерот, со други вредности и идеали. На возрасните им преостанува да зборуваат, контролираат и да го ограничуваат времето и видовите информации, но и самите тие да бидат позитивен модел на идентификација. Да поттикнеме создавање повеќе позитивни и здрави инфлуенсери и други јавни личности, кои би биле позитивни модели на идентификација – подвлекува Розалија.

Лажно идеализирање доведува до ниска самопочит

Социјалните медиуми денес се предизвик. Од една страна, нудат многубројни можности и начини на комуникација, меѓусебно поврзување, истражување, размена на мисли и идеи, можност луѓето низ светот полесно да се поврзат, да запознаваат различни култури и религии и да здобиваат нови пријателства. Од друга страна, поради новите предизвици што се промовираат и споделуваат на платформите, многу често младите наседнуваат и се вовлекуваат во опасност, смета Ивана Гегоска, асистентка на Институт за социологија, Филозофски факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. 

-На одредени платформи доминираат слики и видеа од луксузни дестинации како еден вид посакуван живот како детерминанта за успех. Многу често сме сведоци на слики обработени со филтри и разни апликации за совршено лице и шминка. Тоа поттикнува лажно идеализирање, кое може да доведе до ниска самопочит. Сѐ повеќе се губи заштитата на приватност, се бара потврда за припадност, но истовремено младите се изложени на притисок да бидат совршени и популарни. На социјалните медиуми, секако, може да се забележат и содржини и објави што се поучни и реални, кои служат како реклама за одредени производи достапни за цела јавност. Но, поради лажните промовирања и содржини што ги преплавуваат социјалните медиуми, луѓето имаат развиено недоверба и скептицизам. Тоа може да се забележи преку различни типови коментари во облик на говор на омраза, исмејување, навреди кон личноста што објавува итн. – изјавува Гегоска.

Свесно или несвесно, објавите на социјалните медиуми влијаат на формирање на ставовите на младите, посебно ако некоја информација е поттикната од страна на влијателна личност. Таа советува дека, пред да се изнесе секоја информација, мора  да се размисли какво влијание може да има врз популацијата, а посебно врз младите.

-Пред да се поверува во некоја информација што протекла во јавноста, потребно е да се истражи, анализира и да се селектира. Покрај анализа на авторот, текстот и содржината, потребно е да се проверат и сликите или видеата што се дел од содржината, т.е. дали се новонастанати или, пак, се „зајмени“ од некој минат настан. Постојат мрежи што имаат можност за пријавување содржина, па може да се земе како една алатка за спречување ширење лажни, невистинити информации – вели Гегоска.

– Социјалните мрежи се моќна алатка, која нуди пристап до информации, инспирација и вмрежување, но истовремено носат и ризици од дезинформации, притисок за перфекција и губење продуктивност. Важно е да ги користиме свесно, филтрирајќи го тоа што нè инспирира и што го поддржува нашиот личен развој, вели Марија Живковиќ, 22 години.

Мартина Јачевска, ГРИТ

Во обуките за медиумска писменост што ги имаме спроведувано, речиси никој не знаеше како да провери дали вестите на социјалните мрежи се лажни или некоја фотографија е генерирана со вештачка интелигенција.

Емилија Петреска-Камењарова, комуниколог

Големо мнозинство (80 проценти) од младите се свесни дека не треба да ги споделат своите адреси (ни домашната, ни електронската) ниту телефонскиот број. Околу две третини се свесни и дека некој може да се преправа дека е на нивна возраст за да се запознае со нив, а повеќе од една половина – дека некој може да објават на својот профил нивна фотографија без нивна согласност.

Розалија Секулоска, психолог/психотерапевт

Преголемо изложување на социјалните мрежи без надзор и контрола на тоа што се гледа е опасно и штетно за младите детски умови. Кај децата што се во раст и развој се случува екранизација, а со тоа стагнација во когнитивниот и вербалниот развој. Кај тинејџерите, пак, се врши поинакво моделирање на карактерот со други вредности и идеали.

Ивана Гегоска, социолог

Свесно или несвесно, објавите на социјалните медиуми влијаат на формирање на ставовите на младите, посебно ако некоја информација е поттикната од страна на влијателна личност.

Oваа содржина на „Лице в лице“ се реализира во рамки на Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за генерирање медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалогот“ со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината е единствена одговорност на Здружението на граѓани за истражување, комуникации и развој „Паблик“- Скопје и не мораат да ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

Напишете коментар