Доза вести

Кога работата е единствен дозволен излез од дома

Секојдневни психички малтретирања, бркања од дома, понижувања. Ваков беше мојот брак – полн со нешто што не би смеело да се случува во семејството. Насилство. Семејно насилство.
Пороците на поранешниот сопруг – комар, опоиди, агресија, љубомора беа нешто со што секојдневно живеев. Ме присилуваше да седам по цел ден дома. Можев да одам само на работа, тоа беше мојот единствен излез од домот.
Мојот живот се вртеше во магичниот круг на насилството, полн со страв, навреди и стрес.

Сега се чувствувам многу поинаку.

Главен фактор за тоа е мојата социјална менторка, која ми е голем мотиватор и огромна поддршка. Благодарение на социјалното менторство, си се видов себе си, не како жртва, туку како силна жена. Социјалната менторка ме насочи да ги видам моите силни страни, да ги зајакнам моите вештини за работата која сакам да ја работам. Поминав низа обуки кои влијаеја позитивно, не само на моите вештини, туку и на мојата личност. Сега работам, дополнително градам портфолио, слушам мотивирачки видеа, излегувам слободно од дома. Мојот живот е поинаков, не само поради тоа што е ослободен од насилството, туку и поради тоа што имам поинаква слика за себе си – како способна жена која ги надминала траумите и знае како да се справи со предизвиците.

За пет години се гледам како многу успешна и независна личност, како успешна жена која ја работи работата која ја сака.


(Тестемонијалот е направен во рамки на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“, кон која се приклучува и Платформата за одржлив развој, „Лице в лице“. Ова сведоштво е едно од неколкуте на жени – жртви кои поминуваат низ програмата „Социјално менторство“ на „Паблик“, со која се зајакнуваат нивните капацитети за влез на пазарот на труд).

Илустрација: Зоран Инадески

(Содржината е дел од кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“, кон која се приклучува и Платформата за одржлив развој, „Лице в лице“, преку регионалната програма на UN Women, финансирана од Европската Унија, за ставање крај на насилството врз жените, „Спроведување норми, менување умови“.)

Напишете коментар