Креативна инклузија: Ученици со попреченост изработија хотели за инсекти кои сега се дел од ЗОО Скопје

„Ако се земе предвид дека околу 80 проценти од дивите растенија и повеќе од 150 важни култури зависат од опрашувањето на инсекти, овие засолништа се од исклучителна важност. Оттаму изградбата на хотели за инсекти во последниве години е сè популарна“
Ученици со попреченост беа дел од едукативни еколошки работилници изминатиов период, и изработија хотели за инсекти. Денеска во Зоолошката градина во Скопје, со почеток во 10.30 часот ќе бидат поставени изработените творби.
– Направените хотели ги поставуваме во период кога инсектите најмногу се движат и бараат место за хибернирање, одмор или размножување. Очекуваме дека првите станари ќе се вселат многу брзо и ќе бидат во својот хотел од соништата – вели едукаторката Маја Димитрова.
Ќе биде презентиран и прирачник за инсекти кој го изработија студентите од Машинскиот факултет во Скопје, отсек индустриски дизајн.
– Промените во природата предизвикани од човекот не само што им отежнуваат на инсектите да најдат храна, туку и, и покрај нивната мала големина, инсектите, како дивите пчели и бубачките сè почесто имаат проблем да најдат места за гнездење. Ако се земе предвид дека околу 80 проценти од дивите растенија и повеќе од 150 важни култури зависат од опрашувањето на инсекти, овие засолништа се од исклучителна важност. Оттаму изградбата на хотели за инсекти во последниве години е сè популарна – вели едукаторката Димитрова.
Таа појаснува дека инсектите имаат свои услови и свои потреби како тие живеалишта треба да бидат направени.
– Материјалите кои ги користевме беа погодни за нив: дрвени подлоги, плитки гајби, цевки од трска или бамбус, шишарки, струготини од дрво, глина…Внатрешноста на хотелите се заштити од ветар, дожд и снег како тие безбедно би можеле да се гнездат и да го одгледуваат своето потомство. Од предната страна ги покривме со жичана мрежа за да ги заштитиме од предатори како што се птиците.

Работилниците за изработка на овие хотели беа инклузивни и на нив учествуваа ученици од повеќе училишта: ОУ „Невена Георгиева Дуња“, ОУ „Св. Климент Охридски“, ДСУ за рехабилитација и образование „Свети Наум Охридски“ како и студентите од Машинскиот факултет отсек индустриски дизајн.
Активностите се дел од проектите на Националната галерија на Македонија, која и годинава организира значајни настани, не само за подигнување на јавната свест за лицата со аутизам туку и за подигање на колективната свест и одговорност за управување со природата воопшто.
