Актив арт, Доза вести

Крушево домаќин на изложба за инклузија: 32 портрети што слават различности

Време на читање: 2 минути

Крушево ќе биде првиот град домаќин на патувачката изложба „Живеј со стил – поддржи различности“, која преку 32 портрети на лица со попреченост ќе ја пренесе пораката за инклузија, достоинство и човечка сила. Отворањето ќе се одржи во Домот на култура „Наум Наумовски Борче“, на 3-ти август 2025 година

Изложбата ја организира здружението „Икуалити“, од каде велат дека со ова имаат за цел да ја променат перцепцијата на општеството за лицата со попреченост – од пасивни набљудувачи во активни носители на позитивни општествени промени. Секоја фотографија носи лична приказна, животна мисија и порака за прифаќање на различностите како вредност.

Изложбата се состои од 32 портрети на лица со попреченост, секој со уникатни способности, порака и животна мисија. Низ креативна визуелна приказна за вистинската сила, достоинството и човечноста, нашите браќа, сестри, пријатели или соседи од пред објективот ќе се обраќаат многу директно, рушејќи ги меѓучовечките ѕидови, разбивајќи табуа и испраќајќи силна порака за општество кое има потенцијал да живее хармонично, инклузивно, свесно – објаснуваат од „Икуалити“.

Со цел надминување и јакнење на културната интеграција меѓу различни општествени групи, изложбата ќе биде поставена и во 8 градови:

  • Гевгелија (НУ Музеј, 8-ми август)
  • Ресен (Дом на култура „Драги Тозија“, 15-ти август)
  • Велес (Народен музеј, 24-ти септември)
  • Крива Паланка (Градски музеј, 7-ми октомври)
  • Свети Николе (Народен музеј, 15-ти октомври)
  • Виница (Дом на култура „Тошо Арсов“, 30-ти октомври)
  • Делчево (Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“, 7-ми ноември)

Изложбата претставува повик за рушење на стереотипите и табуата, за поглед кон индивидуата – надвор од ограничувањата, и за градење инклузивно општество кое знае да препознае, вреднува и слави различностите.

Напишете коментар