Во спомен на жртвите на холокаустот и на кобната Кристална ноќ, која се смета за почеток на погромот и злосторството врз Евреите низ Европа, вчеравечер (9 ноември) во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија се одржа промоцијата на книгата „Куферот на Хана“ од Карен Левин.
Наградуваната книга за деца „Куферот на Хана“, од канадската авторка и новинарка Карен Левин, на македонски јазик е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, а е објавена во соработка со Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија. Изданието е дел од едицијата „Читанки“ и е наменето за деца над 10-годишна возраст, преку кое, на суптилен образовен начин, ќе се едуцираат за тешката судбина на Евреите и за холокаустот.
На промоцијата на книгата се обратија Горан Садикаријо – извршен директор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, м-р Жаклина Мучева – од Фондот и Бисера Бендевска, уредничка во „Арс Ламина“. Извадок од книгата читаше Теодора Велковска, ученичка во ОУ „Војдан Чернодрински“ од Скопје.
Горан Садикаријо во својот говор потсети на случувањата од 9 и 10 ноември 1938 година, кога во цела Германија и во делови од Австрија се случи Кристалната ноќ (или Ноќ на скршено стакло), чин на масовно прогонство на Евреите од нивните домови.
– Денес се навршуваат 83 години од Кристалната ноќ или Ноќта на скршеното стакло. Ноќ во која во нацистичка Германија, анектираната Австрија и окупираните делови на Чехословачка биле запалени над 1000 синагоги, уништени над 7500 еврејски дуќани, уапсени и депортирани над 30.000 луѓе во концентарционите логори Дахау, Заксенхаузен, Бухенвалд, а убиени над 100 Евреи. Овој ден, 9 ноември 1938, се смета за почеток на масовниот прогон кон Евреите, единствено затоа што биле Евреи и неформалното отпочнување на холокаустот. Холокаустот е всушност трагедија на човештвото. Тоа е трагедија поради спалените шест милиони Евреи – невини жртви, трагедија поради способноста да се осмисли и изврши такво злосторство, но и трагедија поради отсуството на храброст кај оние кои беа неми и пасивни набљудувачи на тоа злодело. Должност на секое демократско општество е трагичните настани од Втората светска војна и уништувањето на Евреите, нивната култура, да останат како опомена на човештвото ова безумие да не се повтори никогаш веќе. Преку едукацијата треба да ја пренесеме колективната меморија од генерација на генерација за концептот „холокауст – никогаш веќе“, да биде начин за надминување на омразата, десничарскиот и левичарскиот екстремизам и тоталитарната идеологија. Кога велиме „Никогаш веќе“, тоа значи дека ние се обврзуваме да сториме сè што е во наша моќ за да се спречи дискриминацијата од секаков вид, ксенофобијата, шовинизмот и говорот на омраза – истакна Садикаријо.
„Куферот на Хана“ е необична вистинска приказна што ја оживува историјата на холокаустот и има цел да ги образува младите читатели за овој мрачен период кога било извршено едно од најголемите историски злосторства кон еден народ.
М-р Жаклина Мучева, правејќи паралела со приказната од книгата, во своето излагање потсети на страшната судбина на децата во холокаустот. Зборуваше за гетото Терезин, што се наоѓало близу Прага и каде што престојувала Хана Бради, девојчето од романот, пред да биде депортирана во Аушвиц.
– Повеќе од 30.000 луѓе умреле во самото гето од студ, глад, болести и ужасни услови за сместување и хигиена. Само неколку стотици деца преживеале од околу 15.000 депортирани во Терезин. Од гетото Терезин биле испратени 63 транспорти со 87.000 затвореници, повеќето од нив во логорот за истребување Аушвиц – Биркенау. „Логорот-гето“ во Терезинштат постоел три и пол години, од 24 ноември 1941 година до 9 мај 1945 година. По завршувањето на Втората светска војна, бегалците и раселените лица барале исчезнати деца низ Европа. Барањето продолжува и денес… Една ваква потрага нѐ води и до приказната за Хана Бради. Имено, во 2000 година, директорката на еден мал образовен Центар на холокаустот во Токио, Фумико Ишиока, добива една многу важна пратка за изложбата што ја подготвува. Меѓу другите артефакти испратени од музејот „Аушвиц“, пристигнува и еден празен куфер. На него стои испишано името на сопственичката: Хана Бради, 16 мај 1931, сираче. По ова почнува потрагата по приказната за Хана, која ја води до братот на Хана, Георг Бради, кој го преживеал логорот – раскажа Мучева.
Децата кои го посетувале Центарот во Токио, имале наплив од прашања: Која била Хана Бради? Од каде потекнувала? Како изгледала? Како станала сираче? Што ѝ се случило?
Поттикната од љубопитноста на децата и од сопствената потреба да стигне до одговорите, Фумико се впушта во детективска работа, трагајќи низ светот по делчиња од сложувалката за животот на Хана.
– Холокаустот е тешка тема за обработка со децата, но „Куферот на Хана“ од Карен Левин е одличен начин родителите и наставниците да ги запознаат децата на возраст над 10 години со овој злосторнички чин. Станува збор за интерактивна книга предвидена да се споделува и да се дискутира, а читателите треба да разговараат за прашањата што се изнедруваат од приказната. „Куферот на Хана“ не ја открива само приказната на Хана Бради за нејзиниот краток живот и за животот на нејзиниот брат Георг кој го преживува холокаустот, туку го покажува и влијанието на куферот врз децата од „Мали крилја“ во Јапонија. Куферот во Јапонија служи како образовна алатка што ги подучува децата на толеранција, почит и сочувство. Далечните и анегдотални сеќавања на Георг Бради, преживеаниот брат на Хана, ја оживуваат нејзината приказна и ни овозможуваат поглед одблизу на девојчето со топло срце, чијашто радост од животот и очекувањата за иднината ги покоси нацистичкото злосторство. Како еден од најдобрите експонати во музеите, куферот на Хана покажува како фактите и предметите можат да се поврзат за да оддадат почит на односната тема на многу личен и начин полн со љубов – рече Бисера Бендевска, уредничка на книгата.
Таа додаде дека „Куферот на Хана“ е интернационален феномен. Правата за оваа книга се продадени во 40 земји низ светот. Книгата доживува драмска адаптација, а и адаптација во документарен филм, чијашто премиера била во 2009 година.
– И покрај тоа што „Куферот на Хана“ не е книжевно дело, постапката што ја применува авторката, овозможува и од методолошки аспект да се разгледува како такво. Имено, таа наизменично ги менува ракурсите во претставувањето на двете хроники – приказната на Фумико Ишиока од Токио и приказната на Хана Бради во Чехословачка – рече на крајот Бендевска.
Карен Левин (родена 1955 година) е канадска радиопродуцентка и писателка. За своите радиодокументарци „Изгубена невиност: Децата од Втората светска војна“ и „Убиство во соседството“ има добиено две награди „Пибоди“, во 1989 и во 2001 година. Повеќе од 30 години има работено за Канадската радиодифузна корпорација („Си-би-си“).
Нејзиниот радиодокументарец „Куферот на Хана“ освои златен медал на Меѓународниот радиофестивал во Њујорк. Во 2002 година ја објави книгата заснована на тој радиодокументарец. Книгата стана интернационален бестселер и има добиено повеќе престижни признанија како: книжевната награда „Сиднеј Тејлор“, за повозрасни читатели, Наградата за книга на годината на Канадското библиотечно здружение за деца, наградата „Флора Штиглиц Штраус“ и Меморијалната награда на Исак Фришвасер, за детска литература. Влезе во потесниот избор за признанието „Норма Флек“ и за наградата на Генералниот гувернер за литература за деца на англиски јазик. Книгата доби и театарска адаптација, во режија на Емил Шер, а за неа беше снимен и документарен филм, во 2009 година, „Во куферот на Хана“.
Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.