Кампањата на „Лице в лице“ за матичните броеви избрана за најдобра во Ливерпул
„Лице в лице“ доби награда за најдобра кампања на годинешните награди што ги доделува Меѓународната мрежа за уличен печат кои се доделуваа завчеравечер во Ливерпул. Оваа награда се доделува за иницијативи со значаен општествен импакт.
Дел од натпреварот беа над 90 списанија од 35 земји од целиот свет.
Списанијата се натпреваруваа во шест категории: најдобра насловница, најдобар напис, најдобра кампања, најдобра поддршка за продавачот, најдобар придонес од продавач, најдобра фотографија, „Лице в лице“ беше меѓу петте финалисти и во категоријата Најдобра насловна страница со насловница посветена на економското зајакнување на жените, дизајнирана од Ружица Мандичевска Руки.
Кампања што ја започна „Лице в лице“ доби и значајна медиумска поддршка и соработка со здруженија кои обезбедуваа бесплатна правна помош. По долгите правни битки, проблемот остана нерешен сѐ до мај 2023 година, кога смртта на Мемет Камбер предизвика јавно негодување и засилени напори за застапување.
Во јуни 2023 година, по овие напори, беше усвоена измена на Законот за матична евиденција, овозможувајќи им на лицата родени во земјата конечно да добијат лични документи.
Една година подоцна, повеќето продавачи ги добија своите документи, а земјата се приближи кон тоа да стане првата во Европа што ќе стави крај на бездржавјанството. Ова движење што го започна „Лице в лице“ на списанието му ја донесе и и државната награда „Мето Јовановски“ за човекови права во декември 2023 година.
Пред оваа иницијатива, социјалните ментори беа ангажирани за да обезбедат поддршка на младите продавачи на „Лице в лице“, водејќи ги кон отворен пазар на труд и исполнување на нивното право на работа. Тоа вклучуваше шест месеци интензивна поддршка, со цел продавачите да најдат можности за вработување и да се интегрираат на пазарот на труд, притоа излегувајќи од системот на социјална зависност и станувајќи активни учесници способни да заработуваат за живот.
Оваа награда претставува признание на посветеноста на „Лице в лице“ на социјалната правда и постојаните напори за поддршка на оние на кои им е најпотребна.