Актуелно, Доза вести, Инклузивно општество

ЛИЦЕ В ЛИЦЕ СО РАМАЈАНА РЕЏЕПИ: Сакав да докажам дека продажбата не е само машка работа!

Време на читање: 3 минути

Нејзината приказна е жив доказ дека секој има потенцијал да го промени својот живот, без разлика од каде доаѓа, и дека секој ден е нова шанса за пораст и развој. Рамајана сега ја инспирира својата заедница во Шуто Оризари и ги охрабрува младите девојки да не се ограничуваат од стереотипи и традиционален поглед, туку да веруваат во себе и во своите способности

Магдалена Чадиноска-Кузманоски

Со Рамајана, сигурно, сте се разминале на улица многу пати или, пак, ви го понудила актуелниот број на списанието „Лице в лице“. Но, ја знаете ли приказната на Рамајана?

Брат ми ми беше инспирација

Рамајана Реџепи е млада девојка што го носеше товарот на ранливоста, кој и многу повозрасни од неа не би можеле да го издржат. Можеби една од посреќните животни можности за неа било тоа што се приклучила кон Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари. Taму ја запознава личноста што е најзаслужна за позитивните промени кај неа, Ирена Велкоска или, како што ја вика  Рамајана – наставничката Ирена.
Ирена била нејзината поддршка за здобивање животни навики, за описменување и за насочување кон еден поинаков живот и, секако, за поврзувањето на Рамајана со „Лице в лице“. Оттука, како што вели често и Рамајана, почнало сè!

Се приклучила со голема желба за продажба, инспирирана од нејзиниот брат, кој веќе бил продавач на списанието, но и, како што вели, од еден инает за да им докаже на сите тие што ѝ велеле на почетокот дека ова е машка работа. Така Рамајана стана и една од првите девојки од нејзината заедница што реши да се приклучи во тимот на „Лице в лице“.

Денес, кога разговараме за почетоците, се присетува како на почетокот сè ѝ било чудно. Многу автомобили, многу светилки, многу луѓе што брзаат негде, многу исти улички, кафулиња и ресторани каде што изградила пријателски односи и се чувствува прифатено и да испие сокче, но и да го понуди списанието.

– Кога првпат станав дел од „Лице в лице“, многумина ми велеа дека продажбата на списанието е машка работа. Но, тоа само ми даде дополнителна мотивација да докажам дека можам. Научив нови вештини, го открив Скопје  – улиците, плоштадот, местата каде што денес се чувствувам прифатено – вели таа.

Со социјалното менторство научив да се развивам професионално

Рамајана ја доби целосната поддршка и од Дневниот центар од Шуто Оризари и од тимот на „Лице в лице“, но, сепак, тоа што донесе најмногу успех е нејзината желба за промена.
Мисијата на „Лице в лице“ не е само лицата да се приклучат кон продажба и да се здобијат со одредени вештини што ќе помогнат во процесот на продажба, туку и да здобијат работни навики и вештини, кои ќе им помогнат полесно да се вработат и да излезат на отворен пазар на труд.

Тие лица кај кои  ќе се согледа дека имаат желба за позитивни промени и кај кои постои подготвеност  за отворениот пазар, се приклучуваат кон програмата на „Паблик“ – Социјално менторство за работна интеграција. Во неа, преку директна работа и поддршка од ментор се работи на препознавање, уважување и напредување на вештините. 

Таков беше и примерот со Рамајана.
Таа, сега, со работните навики што ги здоби во „Лице в лице“, е успешно вработена. Работи на линија за пакување леб во познат бизнис со стабилни приходи и просперитетна иднина. Покрај нејзиното лично животно искуство, значително се  подобри и се промени и квалитетот на животот на нејзиното потесно семејство. Финансиската стабилност што ја постигна им овозможи поголема сигурност и подобри услови на нејзините најблиски. Рамајана стана позитивен пример во својата заедница потврдувајќи дека со упорност, отвореност за учење и со посветеност се можни големи промени и успех.

-Менторството за мене значи многу повеќе од здобивање вештини. Ми даде насока, мотивација и поддршка кога најмногу ми требаше. Наставничката Ирена беше мојот водич уште од Центарот за деца на улица, а преку Програмата за социјално менторство научив како да се развивам професионално – споделува таа.

Нејзината приказна е доказ дека секој има потенцијал да го промени својот живот, без разлика од каде доаѓа, и дека секој ден е нова шанса за пораст и развој. Рамајана сега ја инспирира својата заедница и ги охрабрува младите девојки да не се ограничуваат од стереотипи и традиционален поглед, туку да веруваат во себе и во своите способности. Приказната на Рамајана е уште еден потсетник дека не постојат граници, постојат само можности!

Напишете коментар