Доза вести, Зелена република, Одговорно претприемништво

Македонските зелени иновации во подем: трутово млеко, тестенини од печурки и 3Д печатење од отпад – идеи што можат да ја променат економијата

Фотографија од учесниците на настанот на АРНО - зелени иновации

Македонските иноватори покажуваат дека и локално, создаваат идеи со глобален потенцијал. Од храна со додадена вредност до технолошки материјали од отпад, вчерашниот настан „Иновативна зелена економија преку македонски примери“, во организација на здружението АРНО, понуди силен доказ дека циркуларната економија не е веќе концепт, туку реалност што се развива пред нашите очи.

Настанот ги обедини организациите „Ековита“ од Неготино, „Јавор Зрновци“ и „Ино Тех Клуб“ од Штип, кои преку грантовата шема на проект на АРНО, успеале да создадат конкретни прототипи на зелени производи.

Во воведното обраќање, Ирина Јаневска од АРНО посочи дека проектот не е само теорија, туку функционална регионална инфраструктура.

– Проектот е мозаик, секој партнер има своја улога и свој центар. Ако пораснеме во простор и тим, би ги презеле сите добри практики – би донеле и печки за глина, и ЦНЦ машини и други алати – истакна Јаневска.

Таа додаде дека локалниот центар за поправки, „Ништо ново“, кој го основаше организцијата, веќе бележи значителен интерес:

– За 11 месеци работа организиравме 45 работилници посетени од 550 лица, а интересот е постојано тродупло поголем од капацитетот. Некогаш не објавуваме јавно работилници за да ги услужиме веќе пријавените. Благодарни сме и што со грантовата шема се поддржаа македонските зелени иновации, бидејќи нашата земја има најмногу добиени грантови во регионот. – сподели Јаневска.

Од отпад до вредност: иновации што инспирираат

Организацијата „Јавор Зрновци“, го претстави „Трутовото млеко“, производ што го искористува потенцијалот на трутовите, кои вообичаено се отстрануваат од пчелните семејства.

– Богатство се трутовите, а ние ги фрламе. За оваа пролет веќе имаме многу пчелари кои го воведуваат овој нов производ, а научната јавност е целосно запознаена. Тука не запираме, веќе развиваме и протеинска лимунада, бидејќи нашата крајна цел е да придонесеме за создавање поздрава нација – рече Благојче Најдовски од Зрновци.

Во технолошкиот сегмент, „Ино Тех Клуб“ демонстрираше како отпадната пластика може да стане ресурс. Тие развија функционален филамент за 3Д печатење, создаден во лабораторија на Технолошко-металуршкиот факултет.

– Горди сме што го претставуваме првиот функционален рециклиран филамент за 3Д принтање кој не е само прототип, туку доказ дека од отпад може да се создаваат иновативни и конкурентни материјали – порача Верица Јорданова, додавајќи дека овој успех ја позиционира земјата на мапата на циркуларната економија.

Социјалната димензија на зелената економија ја потенцираше организацијата „Ековита“, која преку својот ИНО Хаб развива производи со вклучување на ранливи групи.

– Преку проектот набавивме соларна сушара и обучивме самохрани родители и млади невработени лица за производство на храна со додадена вредност. Гаџунот е наша иновација, тоа е маџун со габи. Мушрони се тестенини од печурки, со низок гликемиски индекс, погодни и за дијабетичари – изјави Кристина Тодорова, нагласувајќи дека следниот предизвик е пласманот на пазарот.

Што следува?

Од АРНО велат дека вистинската работа допрва започнува. Очекувањата се насочени кон понатамошна поддршка од општините, државните институции и меѓународните донатори. Организацијата гледа голем потенцијал во Законот за социјално претприемништво кој, покрај верификација, треба да донесе и конкретни средства за поддршка на вакви идеи кои прават добро и за животната средина и за самите заедници.

Напишете коментар