Менторство создаде поцврста и поиздржлива Виолета: Придонесувам за семејниот буџет и го работам тоа што го сакам
Виолета Кузмановска, како менторирано лице, не крие дека почетокот бил најтежок, дека сакала во неколку ситуации да се откаже, но, семејната и менторска поддршка, ѝ дале сила да издржи и да си направи организација што ќе ѝ донесе едно поинакво и поквалитетно секојдневие.
Анета Ристеска
Страв од ново. Загриженост дали ќе се одговори на барањата и очекувањата од неа. Дилеми дали ќе ја задржи одговорноста кон старите лица дома за кои се грижи, но, пред се’, кон своето дете со попреченост. Рој прашалници дали ќе биде доволно добра да ја помине обуката, дали ќе биде доволно посветена да научи се’ што е потребно…
Ова се мислите кои ѝ се вртеле низ глава на Виолета Кузмановска од Куманово, мајка на три деца, која пред да се вклучи во програмата за социјално менторство за работна интеграција, водена од менторката Сандра Крстевска Саревска, работела само како домаќинка, при тоа, многу ретко излегувајќи од дома.
– Кога ѝ понудив да се вклучи, Виолета многу се двоумеше и постојано прашуваше дали може да се откаже ако не може да продолжи. На почетокот имаше проблеми со поставување на граници помеѓу професионалниот и приватниот живот, како и со организирање на времето. Но, со заедничка работа и поддршка, моја и од нејзиното семејство, таа го надмина сето тоа. Сега е една од најдобрите негувателки за стари лица, (ангажирана преку Црвениот Крст), и е многу често барана, споделува менторката Сандра.
Виолета сега редовно оди на работа и успешно менаџира со семејниот живот веќе три години. Поттикот добиен со социјално менторство направи да се изродат бројни бенефити.
– Овој приод направи чудо од оваа жена. Ја засили, ја направи поцврста, поиздржлива, и уште поголем борец. Работи со љубов, додава Крстевска Саревска.
И Виолета прави разлика од фазата ‘почеток’, и постигнувањата денес.
– Се сеќавам дека зборувавме колку е важно за позитивна промена дека прво треба да излезам од дома, а дека потоа коцките сами ќе се редат. Моите најважни лични цела беа детето да ми биде згрижено, и да не морам да мислам што ќе биде со него после мене, раскажува Кузмановска.
Не крие дека почетокот бил најтежок, дека сакала во неколку ситуации да се откаже, но, семејната и менторска поддршка, ѝ дале сила да издржи и да си направи организација што ќе ѝ донесе едно поинакво и поквалитетно секојдневие.
-Сега придонесувам во семејниот буџет, детето ми е весело затоа што „мама оди на работа“, а јас сум исполнета затоа што работам нешто што го сакам, а тоа е грижа за стари лица. Излегувам секој ден од дома и кога се враќам успевам сите обврски да си ги завршам. Повесела сум, животот го гледам со други очи, споделува Виолета.
Вели, „сите треба да се грижиме едни за други“.
– Сега јас за стариве лица, утре сакам, исто така, некој да се грижи и за моето дете, да не биде никој фрлен на страна, секој да биде секој признаен и почитуван како што доликува, порачуваа таа.
Нејзиниот пример е показател дека социјалното менторство и работниот ангажман играат клучна улога во трансформацијата на животите на лицата кои се наоѓаат во ранлива состојба.
Овој процес носи, не само економска стабилност, туку и значајно подобрување на квалитетот на животот. Кузмановска сега придонесува во семејниот буџет, ужива во работата која ја исполнува и има обновена животна енергија. Социјалното менторство ја зацврстило, направило поиздржлива и и’ дало можност да го реорганизира својот живот за подобра иднина.
Овој пример е уште еден доказ дека менторството за вработување, не само што ја зајакнува индивидуата, туку создава и позитивен импакт врз целото општество. Овозможува рамноправност, почит и грижа, поставувајќи основа за еден посолидарен и инклузивен свет.