Mенторството за работна интеграција ми донесе работа и чувство на среќа
Принципот на работа на програмата е менторираните лица сами да носат одлуки, а ние како ментори да ги насочуваме за да ги препознаат добрите опции за работа за нив, вели социјалната менторка Ирена Туфекчиева, која ни ја споделува приказната за Лена, млада битолчанка која успешно го заокружи процесот на менторирање
Лена М работи како сметководител во приватна фирма во Битола. Како дел од нејзините секојдневни обврски се сметководствените работи, но, и мал дел поврзан со документација во делот на човечките ресурси.
Анета Ристеска
Вработување, но и зголемување на самодовербата, поголеми мотивација и решителност за носење важни одлуки, одлична организираност и подготвеност за развој.
Ова се само дел од бенефитите што ги носи програмата менторство за работна интеграција (социјално менторство), низ која помина и битолчанката Лена М (името на менторираното лице е променето поради заштита на идентитетот) водена од нејзината менторка, Ирена Туфекчиева.
Младата 25 годишна жена е вредна граѓанска активистка која дипломирала сметководство и ревизија на Економскиот факултет во Прилеп. Таа досега никогаш не работела во оваа струка. Но, и воопшто, долги години е надвор од пазарот на трудот. Малиот град, големата конкуренција, недоволниот број работни места, се само дел од причините кои ја оставиле Лена да смета дека наоѓање работа поврзана со сметководство е нешто недостижно и нереално.
Но, оваа демотивација добива обратна насока со влезот во програмата менторство за работна интеграција развиена од страна на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“.
За Лена, посакуваното станува реалност. Патот до реалноста пак, е разодуван со првата поддршка – менторката за работна интеграција, Ирена.
Добро водство и добра волја – чуда прават
Незапирливата лидерска енергија на менторката, како балони ги пука дилемите како ќе се најде работа и како ќе се биде прифатен во новата средина. Ирена има силна волја да биде ветер во грбот на Лена, а овој спој донесе нови можности и перспективи.
– Процесот течеше одлично. Посветеноста на Лена беше постојана низ сите наши средби и разговори кога поминувавме низ алатките за проценување на нејзините вештини, интереси, степен на мотивација. Изработивме и индивидуален план за развој којшто потоа заеднички го оствавривме во предвидените шест месеци. Тоа влијаеше и на мојата мотивација и посветеност како менторка за работна интеграција. Се случија сите посакувани и важни промени кај Лена, а таа остана позитивна и скромна. Навистина уживав во периодот додека работев со неа – раскажува Ирена за процесот низ кој минувале заедно со Лена до нејзиното вработување.
И Лена ја дели истата енергија кон Ирена. Вели дека нејзината менторка ја поттикнала да дејствува поодлучно и похрабро.. Таа не е само менторка за работна интеграција на хартија, туку и во пракса, вели Лена.
– Ирена ми даде правец и ми го покажа патот како да ги постигнам поставените цели, како да ги надминам сите пречки за да успеам. Таа ми најде соодветната работа, но не застанавме тука. Ме мотивираше да се запишам на магистерски студии, една од моите најпосакувани цели. Истовремено, почнав да изучувам и германски јазик на курс, што долгорочно е важно за мојата кариера. Најголемата поука од менторката ми беше за секоја цел да ги поставам позитивните и негативните работи на една вага, но, и како да избалансирам за да успеам да ги остварам замислите – објаснува младата битолчанка, која во моментов го работи тоа што го сака, и е одлично прифатена од работната околина.
Вели дека се чувствува пресреќно, иако сега има многу повеќе обврски.
– Да, имам многу задачи на кои работам сега, ама тоа ме радува и исполнува. Дел сум од деловниот свет, и таа ангажираност ме прави среќна – вели таа.
Лена не застанува тука. Нејзините планови за во иднина се да продолжи да работи во делот на сметководството, но и да се надоградува во делот на човечките ресурси. паралелно Но, пред сѐ успешно и навремено да магистрира на насоката менаџмент и човечки ресурси.
Меѓусебната доверба и посветеноста на двете страни е клуч за успех
Успехот се должи на волјата на Лена, како и на одличното водство на нејзината менторка Ирена која вели дека принципот на работа на програмата на „Паблик“ е менторираните лица сами да носат одлуки, а менторот ги насочува за да ги препознаат добрите опции за работа.
– Така беше и со Лена. Јас само споделив информација со неа за отворената работна позиција како сметководител. Одлуката за аплицирање за тоа работно место беше нејзина, исто како и одлуката за започнување курс по германски јазик којшто дополнително ќе ѝ донесе бенефиции во нејзиниот живот- вели Ирена.
Позитивниот приод на Лена го препознал и нејзиниот работодавач.
– Веднаш ја препознаа нејзината желба за работа. Почна со половина работно време. Квалитет во работата направи брзо да биде прифатена во работната средина, што дополнително беше поттик за неа да учи нови работи. За мене како ментор фасцинантно е тоа што никогаш за време на менторскиот процес таа не се пожали дека ѝ е напорно да оди на работа, редовно да посетува курс и да учи за магистерските студии. Низ нашите разговори многу често ги истакнувавме придобивките кои што ќе ги има во иднина доколку покаже идентична посветеност кон сите започнати процеси. Таа тоа го работи со одлично организирање на своето време и има одлични резултати – не штеди пофалби менторката за работна интеграција Туфекчиева.