Самоорганизирана средина за учење
Административните обврски се дел од секоја работна позиција, но планирањата и подготовките треба да им помогнат на наставниците во реализација на наставата и тие се прават во согласност со националната програма, но и со условите во кои работат наставниците. Тоа што сега се случува е масовно препишување на подготовките, а многу ретко се проверува колку и како се реализираат тие подготовки
„Сакам да знам, зошто кучињата ги бркаат мачките?“, „Сакам да знам, зошто машките морски коњчиња имаат бебиња?“, „Сакам да знам, како се прави еден компјутер?“
Ова се само дел од прашањата на учениците од четврто одделение во Њујорк на кои не добиваат одговор, туку, уште подобро- тие се насочувани како да стигнат до нив. Со техниката „Самоорганизирана средина за учење“, едукаторот има улога на „сообраќаец“ и треба да внимава на нивното „топло-ладно“ движење до вистинскиот одговор. Овој метод на истражувачот Сугата Митра, добитникот на наградата на ТЕД за 2013 година, користи начин за охрабрување на децата да имаат автономија во својот процес на учење. Целта е учениците да размислуваат активно, да ги поврзуваат претходните знаења што ги здобиле на одредена тема, но и да бидат умни корисници на новите технологии и медиуми, како што е интернетот.
Креативност, критичко размислување и социјална комуникација се главните придобивки и вештини што се очекуваат да се развијат со овој начин на работа.
Едноставно, овој истражувач верува дека ваквиот стил на учење ќе создаде паметни и иновативни генерации, способни да се приспособат на светот околу нив.
– Ако знаењето станува старомодно, тогаш останува простор за нешто што е веројатно многу поважно, а тоа е создавање – нагласува Митра.
Погледнете го овој негов говор на Тед за да го разберете експериментот со кој дошол до идејата за самоорганизиран систем на учење:
Во нашата земја, и покрај тоа што за време на студиите идните наставници се среќаваат со методот на игра, и покрај тоа што многуте донатори во последниве години обуките ги темелат на активно ангажирање на учесниците во процесот на учење, и покрај тоа што БРО во концепцијата за основно образование има предвидено дека развојот на критичкото мислење, креативноста и на интелектуалната љубопитност се меѓу главните цели што треба да се постигнат во наставата во основното образование, сè уште најголем број од наставниците многу ретко користат стратегии за учење што ги мотивираат и целосно ги ангажираат учениците.