Младински бунт за климата: Првата LCOY конференција во Скопје ќе им даде глас на младите од Македонија

Од 12-ти до 14-ти јуни, младите од цела држава ќе се соберат во Скопје за да го артикулираат својот став за климатската криза – и да го испратат директно до глобалните преговарачи на ОН. Рокот за пријави е до 5-ти јуни, пријавете се на овој линк.
Македонија оваа година првпат станува дел од глобалната мрежа на младински конференции за клима (LCOY – Local Conference of Youth), платформа што го подготвува гласот на младите за меѓународните климатски преговори на Обединетите нации. Од 12-ти до 14-ти јуни 2025, „Europe House“ Скопје ќе биде домаќин на Првата Младинска конференција за клима во земјава, клучен настан кој го отвора патот за младинска вклученост во климатската дипломатија.
Настанот има цел да го консолидира ставот на младите од Македонија по прашањата за климатската правда, одржливоста, транзицијата кон чиста енергија и локалните еколошки предизвици. Понатаму, тој став ќе биде претставен на глобалната климатска конференција COP.
Македонија конечно добива свој младински глас во глобалните климатски преговори! Потребата да се вклучиме во градењето на подобро утре е поитна од кога било. Веруваме дека младите се двигателите на секоја трансформација. Иако постојат повеќе механизми и начини за како да се слушне младинскиот глас во процесите кои го обликуваат нашето заедничко утре, истите многу малку се препознаваат. Со оваа идеja ja организираме оваа конференција што има за цел да обезбеди платформа за поинклузивен, демократски и граѓански ангажман на младите во донесувањето одлуките за социјално праведна и еколошки здрава иднина – велат организаторите од Колектив „ЗЕТ“.
На конференцијата ќе можат да учествуваат млади до 35 години од сите делови на земјата – активисти, студенти, млади професионалци, научници, претставници на маргинализирани заедници, како и сите оние кои сакаат да играат улога во дизајнирањето на поодржлива иднина.
Конференцијата ќе вклучи работилници, панел-дискусии, симулации на климатски преговори и мрежни сесии, водени од домашни и меѓународни експерти, еколошки организации и институции. На крајот од настанот, учесниците ќе усвојат Национален младински климатски документ, кој ќе биде дел од глобалната препорака на COY (Conference of Youth) што секоја година се доставува до ОН.
Организаторите обезбедуваат покривање на трошоците за превоз на учесници надвор од Скопје.
Рокот за пријавување е 5 јуни, а бројот на места е ограничен. Пријавувањето и повеќе податоци ќе најдете на овој линк.