Доза вести

Модата како глас за промена -пораки против булинг и ревија за одржлива иднина

Кога на модата гледаме повеќе од концептот на моден тренд, таа станува глас.
Центарот за интеграција и поддршка (ЦИП / SIEC), в недела, втори ноември, во 16.30 часот, во склоп на „Моден викенд Скопје“ (кој оваа година има носечка тема за модата како јазик на општествени, културни и еколошки промени) во „Дајмонд мол“ во Скопје организира два настани посветени на слободата, стилот и заедништвото.

Млади дизајнери, активисти и граѓани ќе се обединат околу идејата дека модата Е етична, креативна и инклузивна. Настаните го спојуваат стилот со социјалната свест: панел-дискусијата „Модна слобода – стоп за булингот!“ и модната ревија „U-DESIGN: Re:Design the Decades!“ Целта на вечерта е преку разговор и креативност да се отвори дијалог за тоа како модата може да биде средство за самодоверба, прифаќање и одржлив начин на живот.
-Сакаме да го свртиме вниманието на теми како што се етичкиот консумеризам, социјално претприемаштво, цирклуларна и зелена економија и да покажеме дека во Македонија, веќе неколку години се креира и органски расте заедница на истомисленици кои гледаат на модата единствено низ призмата на одржливоста. Нашиот настан промовира одржлива мода, облека од втора рака и креирање социјален импакт  – вели Гордана Родиќ Китановска, директорка на ЦИП.

Таа појаснува дека на ревијата користат редизајнирана мода како алатка за подигање свест кај пошироката заедница.
– Во консумеризмот ги загубивме позитивните практики на реупотреба, рециклирање, одговорност кои ги имале нашите баби и прабаби. Таа наша традиција на целиот регион, кога тие поправале и чувале работи, се загуби – вели Родиќ – Китановска.



Таа појаснува дека затоа имаат и два настани:
– На панелот, заедно со панелистите ќе разговараме отворено за тоа како модата може да исклучува, или да ослободува. За ревијата пак, имавме повик до граѓаните да се вклучат како дизајнери и како модели кои ќе креираат парчиња облека во винтиџ стил, користејќи стара облека. Идејата ни е да дадеме наш поттик за тн. „слоу“ мода, облека од втора рака, како и редизајн на парчиња со еко-предзнак. Наша огромна поддршка во ова, кое го работиме заедно со Македонската асоцијација за мода и „Модниот викенд“, е здруженијата „Гринер“ и „Меѓаши“, како и „Мировниот корпус“, училиштата „Нова“ и „Партеније Зографски“, како и бизнисите „ТиноСки“, „Ипротекс“ и „Елени мејкап“.

ЦИП е oрганизација која развива социјален бизнис кој ја промовира идејата за етичност и солидарност, за заштита на околината, но и за чување и негување на човечноста во секој/а од нас.

На овој линк прочитајте повеќе за нивната работа.

Напишете коментар