Колку повеќе подадени раце, толку повеќе поврзани светови! Ваква порака од Градскиот парк во Скопје денеска се испрати со една несекојдневна поставка во која младо момче со попреченост и девојка без попреченост седеа изолирани, секој во својата импровизирана соба под отворено небо. Граѓаните можеа да „ѕирнат“ во нивните „домови“ преградени со ѕидови и да размислат за одговорите на многу важни прашања.
На пример, знаете ли какво му е секојдневието на соседот со попреченост кој живее во станот до вас? Си велите „здраво“ кога ќе се сретнете пред влезот, но, сте му биле ли некогаш на гости? Сте го поканиле ли вие во својот дом?
Мислите ли дека денот на сосетката која е популарна на социјалните мрежи е подеднакво возбудлив и совршен во живо како што изгледа дека е онлајн? Додека нејзината популарност светот ја мери во „лајкови“, никој не знае со која единица мерка би можел да се измери степенот на нејзината осаменост, бидејќи ова се случува меѓу четири ѕида, а не пред камерата на телефонот.
Ѕидовите како физички бариери можеби се непремостливи, но од што се составени оние невидливите кои ги делат „обичните“ од „необичните“ или „истите“ од „различните“? Како може тие да се урнат и што би се случило ако ги нема? Ова всушност беше герила акција со која се најавува четвртото издание на Фестивалот на инклузија „infusion“, кој на Скопје ќе му се случи од 11-ти до 15-ти jуни.
– Ако не може го урнеме цел ѕид одеднаш за да разбереме што му е потребно на другиот, може да одиме цигла по цигла, но постојано да се движиме кон бришење на сите видливи и невидливи граници кои нѐ одвојуваат едни од други – вели актерката Наташа Петровиќ, која во поставката глумеше девојка која на социјалните мрежи има илјадници „пријатели“, но во реалниот свет е сама.
И младиот Денис Димитров, како лице со попреченост, од другата страна на ѕидот, симболизираше човек во самотија кој копнее за љубов и поддршка.
Кој не сака да има другари? Со нив сѐ е поубаво и полесно! – вели Денис.
Ѕидот меѓу него и Наташа симболички се урна, за да се прикаже какви емоции предизвикува изолацијата, а какви мостови може да изгради и какви чувства може да поттикне поврзаноста. Од организацијата на фестивалот „inFusion“ порачуваат дека овој Фестивал на инклузија не е само за лицата со попреченост, туку цели да ги поврзе баш сите, бидејќи само вистински поврзани, вистински и би можеле да разбереме што му треба на другиот.
Ова, ќе го направи општеството посреќно и поудобно за сите – велат од тимот на „inFusion“.
Фотографии: Натали Китаноска и фестивал „inFusion“.
„Ако се земе предвид дека околу 80 проценти од дивите растенија и повеќе од 150 важни култури зависат од опрашувањето на инсекти, овие засолништа се од исклучителна важност. Оттаму изградбата...
Марко e млад човек. Нема богата работна биографија, ама имаше силна желба да си направи структура во денот. Да се чувствува исполнето, реализирано, задоволно. Да си поставува нови скалила и...