Наградуваме свесно и еколошко однесување
БИЗНИС-СЕКТОРОТ ЈА ИМА НАЈГОЛЕМАТА МОЌ ДА СОЗДАДЕ ПРОМЕНИ ВО СВОЕТО ОПКРУЖУВАЊЕ. ДОЈДЕНО Е ВИСТИНСКОТО ВРЕМЕ ЗАЕДНО ДА ПРИДОНЕСЕМЕ ЗА ЗАЧУВУВАЊЕ НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА. КАКО ТИМ ВЕРУВАМЕ ДЕКА САМО КАКО СПЛОТЕНА ЗАЕДНИЦА МОЖЕ ДА СЕ ПОСТИГНАТ РЕЗУЛТАТИ И ДЕКА ЕМПАТИЈАТА, МОТИВАЦИЈАТА И ПОДДРШКАТА ОД ЛУЃЕТО СЕ ГЛАВНИОТ ДВИГАТЕЛ НА СИТЕ ПРОМЕНИ
Веројатно досега сте ја слушнале фразата „Планетата е нашиот дом и немаме друг резервен“, која е дел од многу анализи и политички говори. И покрај ова познато мислење, се чини дека свеста за решавање на проблемите со животната средина е на незавидно ниво. Токму од овде почнува потребата за менување на нашите навики поврзани со грижата за животната средина. Кога се грижиме за природата, се грижиме за нашето здравје и за идните генерации. Тргнувајќи од личните навики на секој член од тимот на мобилната апликација „Челинџер“ (Challenger), решивме дека треба да направиме нешто што ќе ја вклучи целата заедница.
Создавањето на апликацијата е резултат на заедничката поттикнувачка точка, нешто што те инспирира или нервира, а тоа е аерозагадувањето. Овој проблем го прифативме како наш предизвик, со кој ќе ги активираме сите граѓани преку поттикнување на натпреварувачкиот дух, но во една поинаква насока.
Ја користиме технологијата за добро
Сакаме да им покажеме на сограѓаните дека нашите индивидуални активности може да донесат мали промени, а со тоа да ги мотивираме и неактивните граѓани да ни се придружат во предизвикот. Сме биле сведоци на многубројни разговори во кои луѓето сметаат дека нивните навики и дејства не можат да направат разлика, ниту, пак, каква било промена и затоа се откажуваат уште на самиот почеток, без да преземат акција. Ние сакаме да создадеме позитивно чувство меѓу луѓето дека заедно се посилни, дека кога сме здружени можеме да предизвикаме промени.
Во нашето општество владеат критиките, а недостига заедница што ќе биде место каде што луѓето ќе се поддржуваат и ќе имаат чувство на припадност. Токму вака ја замислуваме заедницата на „Челинџер“, која ја градиме внимателно. Сакаме да покажеме дека тие што секојдневно се борат да направат промена и ги намалуваат емисиите на јаглероден диоксид во воздухот, не се сами и дека постојат многу други луѓе со слични или исти навики. „Челинџер“ е само алатка што ќе ги поврзe луѓето и ќе го визуализира овој нивни заеднички импакт. Решивме да ја користиме технологијата за добро. Така и почнавме да работиме на создавање на првата македонска мобилна апликација, која ќе ги награди корисниците што пешачат и возат велосипед. Со неа, секој поминат километар, пеш или на велосипед, се брои и вреднува. Колку повеќе „зелени” километри, толку повеќе поени на „Челинџер“ со кои корисниците добиваат купони за попуст на услуги / производи кај нашите бизнис-партнери. Дополнително, „Челинџер“ поставува предизвици и со нивно успешно исполнување, корисниците добиваат директни награди. Мисијата ни е да создаваме општествено одговорна заедница, која создава позитивна промена преку развивање подобри индивидуални навики, а со самото тоа придонесува сите луѓе да живеат во одржливи и зелени заедници. Сето ова нема да се случи ако не почнеме да се однесуваме поинаку кон природата и кон работите што нѐ опкружуваат.
Најважно од сѐ е дека преку оваа алатка се обидуваме да се урне еден мит, да покажеме дека и на Балканот може некој да те награди за совесното и еколошко однесување. Ние ги предизвикуваме луѓето и компаниите да земат активно учество и да бидат дел од промената. Нашиот тим смета дека оваа мобилна апликација е главниот „предизвикувач“ на промените што треба да ги донесеме во нашиот град, држава, па и во регионот. Воедно, „Челинџер“ нѐ предизвикува и нѐ мотивира да се натпреваруваме со самите себе и да си поставуваме нови цели како активни граѓани.
Преку „Челинџер“ – до подобро место за живеење
Досега, иако сме во тест-фаза, каде што апликацијата ја користат 100 корисници, успеавме да привлечеме 15 локални претпријатија, кои се приклучија на нашата мисија. За само еден месец со 100 корисници, нашата тест- заедница на „Челинџер“ помина 4.000 зелени километри пеш и со велосипед, успеавме да заштедиме 1.040 килограми емисии на јаглероден диоксид, а доделивме повеќе од 50 награди и купони за попуст. Ако успеавме да го направиме ова со 100 луѓе за еден месец, замислете што можеме да направиме сите заедно во рок од една година. Колку поголема заедница од корисници и претпријатија изградиме, толку поголеми придобивки ќе има секој од нас.
Нашиот совет до претприемачите е да се поддржуваат и да си помагаат меѓусебно бидејќи заедно можеме да направиме чуда. Бизнис-секторот ја има најголемата моќ да создаде промени во своето опкружување. Дојдено е вистинското време заедно да придонесеме за зачувување на животната средина. Како тим веруваме дека само како сплотена заедница може да се постигнат резултати и дека емпатијата, мотивацијата и поддршката од луѓето се главниот двигател на сите промени.
Наш личен успех би било доколку „Челинџер“ биде барем дел од причината поради која Скопје ќе стане зелен град, со намален сообраќаен метеж, почист воздух, зголемен број велосипедисти и подобрена инфраструктура на улиците. Сакаме луѓето, барем во еден мал дел од своето секојдневие, да го гледаат животот како игра каде што работите можат да се подобрат, а тука е „Челинџер“ да им помогне во тоа. Приклучете се на предизвикот да го направиме нашето општество подобро место за живеење, за нас и за сите идни генерации. Кога преку игра, ненаметливо ги решаваме општествените проблеми, веруваме дека повеќе луѓе ќе сакаат да се приклучат и да бидат победници. Веруваме дека меѓу нас постојат суперекохерои, па затоа, време е да ги запознаеме и да научиме нешто од нив, додека заедно донесуваме промени во нашата локална заедница.
(Авторите се творци на апликацијата „Челинџер“)