Најмногу мразиме по етничка основа и жени, медиумите ги засилуваат поделбите, а „Фејсбук“ е најголем извор на говор на омраза
Последниве 18 месеци, наглo е зголемен говорот на омраза, а најмногу мразиме врз основа на етничка припадност и кон жените, се наведува во мониторинг извештајот во рамките на регионалната Мрежа за известување за разновидност (RDN), кој е достапен на македонски јазик на овој линк.
Извештајот посочува дека најмногу омраза се шири преку „Фејсбук“, додека домашните портали со сензационалистички наслови ја хранат атмосферата на страв, нетолеранција и поделби.
Медиумите – огледало и засилувач на стравовите во општеството
Авторката на извештајот, Деспина Ковачевска, во воведот објаснува:
– Обично луѓето чувствуваат омраза кон она што не го разбираат или го сметаат за закана. Кога таквите стравови се повторуваат доволно често, тие стануваат дел од колективната свест и го обликуваат начинот на кој општеството гледа на „другиот“. Тука медиумите имаат клучна улога.
Таа потенцира дека медиумите не се само пренесувачи на информации туку и ги толкуваат и обликуваат таквите информации.
– Изборот на зборови, слики и наслови може да ги смири стравовите и да поттикне разбирање или, пак, да ја разгори нетрпеливоста. Во Северна Македонија, каде што политиката, етничката припадност и идентитетот се тесно поврзани, честопати медиумите служат и како огледало и како засилувач на општествените поделби. Оттука, мониторингот на медиумите не значи само следење на информациите. Тој подразбира и анализа на начинот на кој се обликуваат наративите, како се шират говорот на омраза и дезинформациите и како може да се влијае или да се изменат овие процеси за да се создадат контранаративи.

Освен етничката омраза и жените се под постојан напад
Според наодите на овој извештај, кој се однесува на периодот од 1.1.2024 до 30.06.2025, етничката различност била најчеста причина за говор на омраза.
– Особено е присутен наративот кој ги претставува Албанците како „главен проблем“ во општеството – се вели во воведот на Ковачевска.
Следна категорија со најмногу случаи е родово-базираниот говор на омраза, првенствено насочен кон жени. Наместо професионалните улоги, жените биле мета поради изглед, приватен живот и стереотипни претстави за „женско однесување“.
– Честопати семејното насилство отворено се оправдува во јавните коментари, придружено со наративи што ја ограничуваат жената на вршењето конзервативни улоги и наведуваат како „треба“ да се однесува една жена. Таквите наративи беа дополнително засилени од државни функционери и црковни лица, кои често ги поврзуваа со концептот на традиционално семејство, притоа дефинирајќи како треба да изгледа едно „вистинско“ семејство и какво однесување се очекува од жената во него – се вели во извештајот.

„Фејсбук“ и порталите рака под рака за најголем придонес во ширење омраза
Мониторингот покажува дека иако „Фејсбук“ е најголемиот генератор на омраза, порталите, преку сензационалистичко известување, дополнително ги поттикнуваат штетните наративи.
– Главен генератор на говор на омраза се приватни лица, најчесто преку објави и коментари на „Фејсбук“ и на интернет-портали. Иако овие портали ретко објавуваат директен говор на омраза, нивното сензационалистичко и неетичко известување честопати ги разгорува штетните наративи, поради што тие се рангирани како втор најчест генератор на ваква содржина. И покрај обврската да ги модерираат содржините, овие платформи генерално не преземаат соодветни мерки или свесно го игнорираат проблемот – се вели во извештајот.
Недоволна регулација, доцнење со DSA стандартите
Иако државата има правна рамка за санкционирање на говор на омраза, практичната примена е недоволна и недоследна.
– Особено е проблематично што Законот за дигитални услуги (DSA) сѐ уште не е имплементиран. Ова е критично, бидејќи најголемиот обем на омраза се јавува токму на „Фејсбук“, платформа со ограничена локална модерација. Имплементацијата на DSA е дел од процесот на приближување кон ЕУ, што го прави уште поургентно прашање – посочува извештајот.
Извештајот е во издание на организациите „Иновативни медиуми“ и Институт за различност во медиумите – Западен Балкан.
- Економската независност на жената не е прашање на индивидуален избор туку на структурни бариери
- Иштван Фаркаш, продавач на „Лицеулице“ во Нови Сад: „Солидарноста не е милостина“
- Дебатиравме дека нема ноќен живот во Скопје… па танцувавме како да сме го имале цел живот
- Македонските зелени иновации во подем: трутово млеко, тестенини од печурки и 3Д печатење од отпад – идеи што можат да ја променат економијата
- Не го добиваш тоа што го заслужуваш, го добиваш тоа што ќе го испреговараш