Доза вести, Лице в лице

Не е нормално: Онлајн насилството не смее да биде дел од новинарската работа

Време на читање: 4 минути

Авторки: Натали Китаноска и Маја Раванска
Фотографии: Натали Китаноска и Freepik.com

Од онлајн закани до автоцензура, жените во медиумите се под постојан притисок. Онлајн заканите, коментарите полни омраза и обидите за замолчување станаа секојдневие за новинарките и за жените во медиумите. Солидарноста и институционалната поддршка треба многу да се унапредат.

„Уште се борам со погледите на улица.“
„Тешко поднесувам поради моето семејство.“
„Многу е трауматично. Бев под голем страес.“
„Професионално, ме наведуваше кон самоцензура.“

Ова се изјави на новинарки и жени во медиумите од Северна Македонија, кои во анкета на „Лице в лице“ одговараа за нивните исксуства при онлајн насилството како и нарушување на нивните дигитални права и слободи.

Онлајн насилството, нападите и дискредитацијата на новинарки, стана алатка за замолчување, цензура и психолошка тортура. Ова не се изолирани случаи од некој злонамерен коментар на „Фејсбук“. Ова е секојдневие на голем дел од новинарките и медиумските работнички во земјава. Она што започнува како „безобиден“ коментар или навреда на социјалните мрежи, многу често ескалира во сериозен напад врз интегритетот, достоинството и безбедноста на новинарките.

Фотографија: Freepik.com

Онлајн заканите – секојдневие што не смее да се нормализира

Истражување на организацијата ПИНА за состојбата во земјава од 2022 година, веќе алармираше дека над 80% од испитаните 130 новинарки биле жртви на дигитален напад, најчесто преку „Фејсбук“ (89.9%). Во 79.3% од случаите, напаѓачот бил анонимен. Податоци од Меѓународниот центар за новинари исто така од 2022 година, покажуваат дека 73% од новинарките пријавиле дека се соочуваат со онлајн насилство додека ја работат својата работа. Последиците се сериозни: стрес и анксиозност, самоцензура, страв.

Зад бројките стојат вистински жени. Новинарки кои, и покрај навредите, заканите и јавниот линч, не отстапуваат од професионалните вредности.

Во позадина стојат моќни луѓе, кои на овој начин се обиделе да ме замолчат, односно да ме цензурираат, сведочи една новинарка за „Лице в лице“, која побара да остане анонимна.


Mрежата „Еднаква“ повикува на пријавување, документирање и на солидарност

Марија Митевска, претседателка на Женската медиумска мрежа „Еднаква“, вели дека токму поради оваа реалност, мрежата постои како простор за поддршка, солидарност и заштита.

Факт е дека заканите, притисоците и уцените имаат сериозен психолошки ефект врз жените во медиумскиот простор. Тоа може да доведе до автоцензура, повлекување од професионалниот живот, страв за лична безбедност. Последиците може да бидат драматични – вели Митевска.

„Еднаква“ работи во рамки на ССНМ и нуди поддршка за сите членки. Но пред сè, ги охрабрува новинарките да не молчат.

За жал, онлајн заканите се сметаат за ’нормален дел’ од работата, сè додека не се случи нешто посериозно. Имавме случаи кога само еден коментар покрена лавина сексистички и навредливи напади врз новинарка. Од навидум безначајна објава, до состојба каде што таа не се чувствуваше безбедно ниту на работното место, ниту во секојдневието – предупредува Митевска.


Зошто не се пријавува? Стравот зборува погласно од законот

И покрај системската поддршка, институционалните механизми и можноста за судска заштита, многу новинарки не пријавуваат. Од страв, недоверба во институциите, или, затоа што веруваат дека „нема да се смени ништо“.

„Се советував со колешки, но не пријавив. Што ако направам уште поголем проблем? Најчесто само чекам да помине вревата“, вели една новинарка во анкетата на „Лице в лице“.

Сепак, има и исклучоци.

„Собрав храброст и пријавив во Обвинителство. Имаше кривична постапка и пресуда против човекот кој јавно ме линчуваше“, раскажува друга новинарка, охрабрувајќи ги и другите да не молчат.

Митевска апелира:

Онлајн заканите мора да се пријавуваат! Ние во „Еднаква“ редовно излегуваме со реакции, ССНМ обезбедува и правна заштита за сите свои членови, но и за челновите на „Еднаква“, и потоа постапување пред надлежните и решавање на проблемот. Потребно е и да ги документираме заканите, да бараме одговорност и да се бориме против нормализација на дигиталното насилство – вели таа.

Медиумската фела како заштитен ѕид

Поддршката треба да е сеопфатна. Според Митевска, клучен елемент е и солидарноста меѓу самите новинари и новинарки, но и разбирањето од јавноста дека напад врз новинарка е напад врз јавниот интерес:

Како фела, треба да застанеме зас некоја новинарка или медиумска работничка. Потребно е да сме солидарни, да го кренеме гласот дека не е прифатливо! Не е добро за медиумскиот сектор, но не е добро ниту за општеството. Медиумите се тие кои го бранат јавниот интерес на граѓаните. Тоа значи дека и самите граѓани се засегнати од оваа ситуација.

Illustration: Freepik

Содржината е креирана во рамки на проектот „Reporting Digital Rights and Freedoms“ кој се спроведува со финансиска поддршка на Европската унија.
Изнесената содржина е одговорност на „Паблик“ и на „Лице в лице“ и не мора да ги одразува ставовите на ЕУ.

Напишете коментар