Блог

Кога домот не е безбедно место: Приказната на Ана и суровата реалност на семејното насилство

Излезот од семејното насилство често зависи од местото каде што живее жртвата – дали е тоа град со повеќе услуги и можности, или рурална средина каде работните места се ретки, а осудата на заедницата тешко се избегнува. Во вакви услови, приказната на Ана* открива колку е комплексна борбата за слобода, за ослободување од партнер кој врши физичко и психичко насилство.

– Мајка сум на две малолетни деца од 15 и 18 години, син и ќерка. Долго време бев во брак со сопруг кој беше насилен психички, но беше и манипулативен. Живеевме во тешки услови, но тоа како да не беше доволно. Тој пробуваше секој ден да ми го направи уште потежок… Дома имавме машина за перење алишта и тој во зима ме тераше да ги перам алиштата на рака, во дворот. Ме тераше и да ги мијам садовите на чешмата во дворот.

Кога домот не е безбедно место

Ана била свесна дека живее со насилник. Иако немала каде да оди, одлучила да го напушти. Ги собрала своите работи и заедно со децата го напуштила – и сопругот, но и домот. Се сместила кај нејзиниот брат, кој веќе живеел со неговото семејство. Била свесна дека тоа не е решение за долг период и веднаш почнала да бара работа.

– Пред да се запознаеме со Ана, таа веќе еднаш нашла работа. Ми кажа дека влегла во емотивна врска каде што ја нашла поддршката која неа ѝ била потребна. За кусо време сфатила дека влегла во врска со партнер сличен на претходниот – насилник – раскажува Магдалена Чадиноска – Кузманоски, социјална менторка на „Паблик“, која работеше со Ана.

Партнерот на Ана станува агресивен и има голема потреба да го контролира секој нејзин чекор. Ја следи и вознемирува дури и на работното место. Станува посесивен – оди да провери „што прави Ана на работното место“. Неговата посесивност и проблемите кои ѝ ги правел на работното место биле главната причина зошто Ана повторно останува без работа.

Социјалната менторка ни пренесе дека кога Ана се обратила кај неа, во моментот немала струја дома, ниту плата. Тука биле двете деца кои одат на училиште и им треба храна, книги, љубов и сигурност.

– Кога се сретнавме на првата средба, имав чувство како да не се гледаме прв пат. Веднаш беше многу отворена и искрена, сподели сè за што молчела долго време. Ќе ги паметам нејзините зборови: „Магдалена, ми треба само едно утро без грижи и страв, само едно. Уморна сум. Не можам повеќе – споделува менторката Чадиноска Кузманоски.

Променет живот со социјално менторство

Во процесот на менторирање, беше најдена нова работа за Ана. Меѓутоа насилникот, и овој пат ѝ го попречува патот. Оди на нејзиното работно место и ѝ го крши инвентарот. Ја тепа Ана додека е таа на работното место. Обезбедувањето се тргнало на страна, со изговор дека единствено нешто што може да направи е да го пријави случајот во полиција.

– Откако избегав, отидов во полициска станица. Таму повторно се сретнав со него. Беше во придружба на двајца полицајци. Тоа беше информативен разговор, за да го пријавам насилството. Јас сама, тој во придружба. После два часа го пуштија, зошто не можеле да го држат повеќе и не гледале ризик да се повтори насилството – ни раскажува Ана.

Според Ана, полицајците тврделе дека сега насилникот е исплашен и нема веќе така да прави. Тоа било сè до моментот додека таа не забележува дека се качуваат на ист автобус. Кога се обидела да излезе, тој веќе почнал да ја влече за коса низ градскиот автобус, каде што никој не се обидел да ѝ помогне.

Исказ на насилникот додека ја тепа Ана, во градскиот автобус.

– Тука почна уште една борба. Почна познатиот пинг понг помеѓу институциите за тоа кој треба да постапи и кој е понадлежен. Ние бевме упорни и на крај издејствувавме насилникот да добие мерка. Се надеваме дека ќе ја почитува – изјавува менторката Магдалена.

Со посветена работа на социјалната менторка и Ана, беше изедјствуавно насилникот да добие забрана за приближување, не еднаш туку два пати. Била поднесена кривична пријава и случајот моментално е на суд, согласно информациите дадени од менторката.
Ана сега работи и е самостојна.

*името на жртвата е познато на тимот на „Паблик“.

Ова е уште една од приказните кои ќе ги споделиме во текот на 16-те денови на активизам против родово-базирано насилство. Затоа што, #НемаОправдување, не за жртвите, туку за насилниците. Со овој пример посочуваме дека преку социјалното менторство на „Паблик“, жртвата на насилство го менува текот на својот живот и ја променува приказната.

Клик на фотографијата доколку сакате да прочитате уште едно сведоштво.

Напишете коментар