Актив арт, Доза вести

Охридското Езеро како инспирација за дизајн: локални автори во меѓународниот проект „Lakescape“

Lakeskape Езеро Охрид

Со лансирањето на е-продавницата LENTO и објавувањето на нов дигитален е-каталог, овој месец се заокружува едногодишниот меѓународен културен проект „Lakescape“, посветен на односот меѓу креативните индустрии и зачувувањето на големите европски езера – Ванерн во Шведска, Балатон во Унгарија и Охридското Езеро.

Проектот ги поврза културата, дизајнот и екологијата преку серија крајезерски резиденции, развој на одржливи дизајнерски колекции и експериментални „пловни маркети“. Во иницијативата учествуваа организациите Трансверзал проект од Шведска, ИНКА од Северна Македонија и Про Прогресионе од Унгарија, заедно со 12 избрани креатори од различни дисциплини.

Креативни резиденции покрај европските езера

Во текот на изминатата година, резиденциите во Лидкопинг на езерото Ванерн, Барнаг во близина на Балатон и Струга на Охридското Езеро функционираа како привремени креативни лаборатории. Дизајнерите таму работеа директно со локални материјали, екосистеми и заедници, истражувајќи како природата и културниот контекст можат да влијаат врз одржливите дизајнерски практики.

Беа тестирани и првите европски пловни дизајн-маркети – настани што ја поврзуваат локалната публика со креаторите, а езерото го претставуваат како активен простор за културна и економска размена.

Пловен базар на Охридското Езеро: Креативна симбиоза на уметноста, занаетчиството и природата

Клик на фотографиите до профилот на уметничките

Визуелната уметничка и артизанка Јасмина Главинче, со дел од нејзината колекција „Пулпа“

Дизајн колекции со еколошка порака

Дванаесетте стипендисти-креатори развија уникатни дизајнерски колекции инспирирани од езерските пејзажи и ресурси. Меѓу нив се керамички садови инспирирани од еколошките траги врз Балатон, текстилен сет „Охридски сунѓер“, проектот „Охридски беби пастрмки – Нова надеж“, сребрен накит изработен со кожа од риба, предмети за дом од рециклирана хартија, алги и текстилни реси, парфем со мирис инспириран од езерото Ванерн.

Овие производи, освен нивната естетска и функционална вредност, носат пораки за ранливоста на слатководните екосистеми и потребата од одговорен однос кон природните ресурси.

Дизајнерката на накит, Марта Пејоска со колекцијата инспирирана од езерските риби

Дел од изработките на струшкото уметничко дуо „Оаза“.

LENTO – платформа за „споро“ и свесно купување

Под слоганот „Наштимај се на споро темпо“, од почетокот на март колекциите се достапни преку новата е-продавница LENTO. Платформата промовира концепт на „slow shopping“ – внимателен избор на производи создадени со одржливи материјали, мајсторска изработка и долготрајна вредност. Паралелно со продавницата е објавен и нов дигитален е-каталог кој ги претставува авторите, нивните колекции и процесите на создавање зад проектот LAKESCAPE.

Повеќе информации за проектот се достапни на официјалната страница на овој линк. Е-продавницата LENTO може да се посети на овој линк.

„Лице в лице“ ова лето го постети пловниот базар. Погледнете го видеото да се потсетиме:

Напишете коментар