Доза вести

Отворен повик за млади фотографи: „Сликите на вкусот“ ги обединува креативците од Балканот

информација за фото-конкурсот на Зрно

Проектот „Сликите на вкусот“ објави отворен повик за млади фотографи и уметници на возраст од 18 до 35 години од Македонија, Србија, Црна Гора и Албанија, со цел да се истражи културниот дијалог меѓу генерациите преку храната, како еден од најсилните симболи на Балканот.

Станува збор за регионална иницијатива која ги повикува учесниците да создадат автентични визуелни приказни, надминувајќи ја класичната естетика на фотографијата на храна. Фокусот е ставен на секојдневните ритуали и односи кои се градат околу трпезата – од подготовката на традиционални јадења, преку пазарувањето, до семејните собири и локалното производство на вино и ракија.

Локален партнер за реализација на проектот во Македонија е Фестивалот за алтернативна фотографија „Зрно“, кој ја координира програмата и ќе ги води сесиите со избраните македонски претставници. Преку оваа соработка, учесниците ќе имаат можност за интензивен креативен развој и регионално вмрежување.

Програмата ќе се реализира во текот на април и мај 2026 година и ќе опфати осум работилници во хибриден формат, комбинирајќи теренска работа, индивидуални менторски сесии и онлајн поддршка. Младите автори ќе работат под менторство на фотографите Сашо Алушевски од Македонија и Звездан Манчиќ од Србија, кои ќе ги водат низ процесот на развој на нивните идеи до финален уметнички продукт.

Финалните трудови, кои ќе вклучуваат фотографии и документарен филм, ќе бидат претставени на регионална изложба во Скадар, Албанија, во мај 2026 година. Таму, избраните учесници ќе имаат можност да ги изложат своите дела заедно со колеги од регионот и да станат дел од поширока уметничка сцена.

Проектот „Сликите на вкусот“ претставува значајна можност за младите фотографи од регионот да ги развијат своите вештини, да добијат менторска поддршка и да се претстават на меѓународна сцена, истражувајќи ја храната како културен и општествен феномен.

Напишете коментар