Генерација Z

Палачинки и пријателство: млад претприемач открива зошто луѓето сакаат да работат кај него

Кога ќе помислиш дека не може да најдеш нешто добро и иновативно, затоа што мислиш дека веќе ги знаеш сите трендови и дека не може веќе ништо да биде толку автентично, се појавува Гордан Mиленковски, кој стои зад популарната палачинкарница „Сакаш?“. Додека многу работни средини се сведуваат на рутина и притисок, постојат и (мали) претпријатија што го градат успехот преку луѓето, преку нивната енергија, слобода и вреднување
„Сакаш?“ не е само препознатлива по вкусните палачинки, туку и по пристапот што мотивира, инспирира и гради заедништво. Зад оваа идеја стои млад лидер, кој верува дека добрата работна култура не се гради со формули, туку со искреност, блискост и со желба сите да растат заедно

Фотографии: Ирина Крстевска

Ме стануваат една вечер другарките од кревет. Добивам прашање дали сакам да ги пробам најдобрите палачинки во Скопје. Секако, одговорот е ДА!
Се возиме до скопската населба Илинден за да ги пробам најдобрите палачинки. Меѓутоа, тоа не беа само најдобри палачинки. Добив гратис насмевки од вработените, интересен пристап со нарачки на екрани, брза испорака и следење на потребите на купувачот.
Сериозно? Нов бизнис? Млад човек и сето ова?
Мора да видам што има повеќе. Ги следам на социјалните мрежи и дознавам дека нивниот број на вработени расте, работниците се задоволни, па дури и заедно одат на одмор, на дестинации што секој би ги посакал. Која е тајната на „Сакаш?“

„Паблик“, преку Форумот на добри компании и преку социјалното менторство работи на унапредување на работната култура кај претпријатијата. За нас беше интересно што Гордан, како млад човек, многу рано ја увидел потребата од градење работна култура што инспирира и мотивира.

Вие сте млад, како и Вашата марка, но ретко кој не знае за „Сакаш?“. Дали маркетингот беше клучот или нешто друго Ве доведе до овде?

Искрено, маркетингот ни помогна многу, но не е клучот. Клучот се производот и луѓето. Ништо не може да се рекламира добро ако не вреди. Почнавме со идеја да правиме палачинки што навистина оставаат впечаток. Сè што пренесуваме е вистинито и искрено. Се снимавме, се смеевме, се објавувавме – и луѓето го почувствуваа тоа. Социјалните мрежи беа само алатка да се покаже тоа што веќе се случуваше во реалноста.

Во Вашата палачинкарница ми личи како секој ден да растете, а исто и лицата што работат со Вас. Што значи, според Вашето мислење, задоволен работник?

Задоволен работник според моето мислење, е и лицето на мојата марка. Работниците се тие што ги дочекуваат муштериите, што ја носат енергијата, што ја пренесуваат приказната. Ако тие не пренесуваат добра енергија, ни палачинката не е иста. Затоа се трудам да создадам средина во која луѓето се чувствуваат отпуштено, имаат поддршка и се вреднувани. Кога тимот е мотивиран и задоволен, сè што правиме изгледа поинаку – вистинито, поврзано и топло.

Како градите култура каде што луѓето сакаат да дојдат на работа?

Нашата идеологија е дека одењето на работа не треба да биде само обврска што ти троши време. Секако дека мора да се работи, но веруваме дека може и да се помине убаво на работа. Секој ден сме заедно по седум-осум часа и не сакаме тоа време да биде само „одработено“. Затоа градиме атмосфера каде што луѓето се чувствуваат пријатно, каде што има простор и за смеа, и за поддршка, и за пораст. Не гледаме на ова како на класично работно место, туку како на тим што заедно гради нешто што ни значи.

Дали тоа што сте генерациски блиски со вработените Ви помага полесно да комуницирате и да се надградувате?

Да, многу помага. Кога си од иста генерација, полесно се разбирате – и како луѓе, и како тим. Знаеш што им е важно, што им пречи, што ги мотивира. Не мора да објаснуваш предолго, доволно е една реченица или поглед. Тоа ни овозможува да комуницираме полесно, без непотребни компликации. А кога има добра комуникација, лесно се доаѓа и до идеи и до промени и до подобрување.

Кој е поважен, купувачот или потрошувачот? 

За мене, нема разлика – важно е секој што стапува во контакт со марката да се почувствува добро. Без разлика дали некој купува секој ден или дошол само еднаш од љубопитност, важно е искуството да му остане во сеќавање. Истото важи и за тие што не купуваат, но ја следат марката, зборуваат за нас, или нè препорачуваат. Не се фокусираме само на продажба, туку на врската што се гради. На крај, сите се дел од приказната „Сакаш?“.

Односот со муштериите, работната атмосфера, односот со снабдувачите – што е најважно да не се изгуби, дури и ако растете?

Најважно е да не се изгуби пристапот што го имаме и додека сме мали – искрен, директен и човечки. Без разлика колку ќе пораснеме, сакам секогаш да постои таа блискост: со тимот, со муштериите, со партнерите. Луѓето чувствуваат кога нешто е наместено и кога е вистинско. Ако продолжиме да ги негуваме односите и вредностите што нè донеле до тука, тогаш и растењето ќе има смисла.

Која е најпродаваната палачинка?

Кај нас тешко е да се каже која е најпродавана затоа што речиси сите муштерии сами си ја составуваат палачинката. Немаме „една формула“ што ја бараат сите – и баш тоа е убавото. Нè радува што луѓето се отпуштени, си комбинираат по свој вкус и си создаваат нешто што ним им одговара. На крај, целта ни е секој да си замине задоволен со тоа што самиот го избрал.

Што да очекуваме следно до тебе и од „Сакаш?“

Во моментов работиме на отворање нови дуќани, развиваме франшиза, која ќе ни овозможи да излеземе и надвор од Скопје, а со време и надвор од Македонија, и паралелно тестираме нови производи. Имаме јасна насока и визија и сè што следува ќе биде чекор по чекор – но секогаш со истата енергија по која луѓето нè препознаваат.

Која е твојата порака за читателите на „Лице в лице“?

Да веруваат во себе и да не чекаат „идеален момент“. Ништо не почнува совршено, ама ако си искрен, истраен и да ја сакаш работата – луѓето ќе го препознаат тоа. И уште нешто – да не се плашат да бидат свои, дури и ако е поинаку од тоа што сите го очекуваат. Таму некаде почнува нешто уникатно.

Напишете коментар