Генерација Z, Доза вести, ЗЕНици

Патот на храната – Млада македонска уметница победи на глобален ликовен конкурс

Седумнаесет-годишна ученичка од Скопје ја освои првата награда на глобалниот натпревар на Организацијата на Обединетите нации за храна и земјоделство (ФАО) во возрасна категорија од 16 до 19 години. Победничкиот цртеж е на Михаела Стојменовиќ, која, инспирирана од Светскиот ден на храната, ја прикажа важноста на работата на малите земјоделци кои се грижат нашите земјоделски системи да ни обезбедат разновидна храна.

Постерот на Михаела е комбинација од дванаесет сцени, во секоја од нив е опишана различна приказна за храната.
Овие приказни ги формираат клетките на саќето кое го симболизира системот за храна во кој пчелите играат фундаментална улога. Тие преку размножување на растенијата ја поткрепуваат обезбеденоста со храна, исхраната и животната средина.
Постерот го раскажува патот на храната од фармите до пазарите и на крајот, до нашите трпези – можеме да видиме сцени од земјоделци кои ораат нива, одгледуваат добиток, молзат крави и берат грозје. На цртежот има лозја, полиња со пченка и овоштарници со расцветани јаболкници, додека пчелите работат на пчеларникот.

„Таа се надева дека заедно со останатите натпреварувачи ширум светот ќе помогне во зголемување на јавната свест дека ако сите се стремиме кон подобро производство, подобра исхрана, подобра животна средина и подобар живот, можеме да оствариме Свет без глад каде никој нема да биде изоставен“, информираат од ФАО.

Посочуваат и дека Михаела претходно има победено на неколку ликовни натпревари. Натпреварот беше организиран по повод Светскиот ден на храната 2022 година, во возрасна категорија од 16 до 19 години.

Напишете коментар