Плакарот на отворено – сведоштво за животот меѓу четири ѕида
Замислете, да живеете живот со насилство, дискриминација и говор на омраза, само затоа што сте одбрале да бидете свои! Фразата „во вашите четири ѕида“ е парадигма на толеранцијата што нашето општество е спремно да ја даде.
Изминатиов викенд, улицата „Македонија“ во Скопје беше побогата за еден „плакар“ во кој што влегоа и излегоа голем број луѓе. Секој што помина, можеше да ја почувствува емоцијата која ја имаат оние што живеат „во плакарот“. Инсталацијата „Приказни од плакарот“, ја постави Здружението за едукативен развој „Еквалис“, беше мост помеѓу реалноста на ЛГБТИ+ заедницата и јавниот простор што честопати им е одземен.
„Плакарот кој беше поставен на улица „Македонија“, во физичка форма ја визуелизира фразата “in the closet“, што во превод значи „во плакарот“, а се однесува на сите оние што се идентификуваат како лезбејки, геј, бисексуални, трансродови и квир лица, а коишто не можат целосно или до крај да бидат свои, автентични и отворени за своите идентитети. Во нашето јазично подрачје, ваквиот концепт е уште познат и како живот во/помеѓу четири ѕида, којшто го означува живеењето на припадниците на ЛГБТИК+ заедницата како тајно, скриено, затворено, а тоа е честопати за нив не по свој избор“, велат организаторите.
Животот „во плакарот“ останува сурова реалност за многумина. Приказните од оваа инсталација сведочат за болката од отфрленоста и неприфаќањето од семејството и блиските. Истовремено, тие говорат и за надежта, пркосот и борбата за слобода и автентичност.
Оваа инсталација е потсетник дека животот во плакарот може да биде задушувачки и тежок, но и дека постојат заедници на поддршка кои помагаат во носењето на тој товар.
Вратата на „плакарот“ нека остане подотворена, за да се остави простор кога некој се чувствува исплашен, да има каде да се засолни. Воедно, кога ќе се чувствува охрабрен нека излезе надвор да земе слободно свеж воздух. Да ги извадиме вратите од плакарот, за да може секогаш да биде отворен!
*Доколку немавте прилика да го „искусите“ плакарот, гледајте ги фотографиите тука.