Замислете ја комбинацијата на традиционалниот филигран и топлината на филцаната волна – токму тоа го создава Сара Матовска од Струга, креаторката зад уникатниот бренд „Пинко Крафт“.
Го научила занаетот со филигран од својот дедо. Додала и комбинација со техника на филцање волна. На овој начин, младата Сара Матовска од Струга, успешно ја зачувува традицијата со нејзините рачни изработки. Нејзиниот бренд, „Пинко Крафт“ претставува уникатна спојка на традиција и иновација.
Како започна приказната за вашите изработки?
Приказната започнува уште од моето детство. Потекнувам од занаетчиско семејство. Мојот дедо, кој беше угледен занаетчија, ме воведе во светот на филигранот. Со волната започнав пред повеќе од една година, кога самостојно ја изучував техниката на филцање и постепено почнав да ја комбинирам со филигран.
Колку време ви е потребно за една изработка?
Сѐ зависи од комплицираноста. Некои изработки ги завршувам за неколку часа, додека за други ми се потребни неколку дена.
Што е „Пинко Крафт“?
„Пинко Крафт“ е бренд кој го осмислив и основав сама. Сите производи, од накитот до логото и пакувањето, се моја изработка. Идејата се роди откако го продадов мојот претходен бизнис и се посветив на нешто што ме исполнува.
Што би им порачале на младите кои сакаат да започнат свој бизнис?
Сакам да им порачам на младите да не се плашат да ја изразат својата креативност и да ги следат своите идеи. Сѐ е достижно и можно, ако се вложат доволно труд и љубов. Креативноста треба да биде водилка на младите.