Актуелно, Доза вести, Лице в лице

По две децении работа: Дневниот центар за згрижување деца од улица – остана на улица!

Време на читање: 4 минути

АЛАРМАНТНО: Дневниот центар за деца на улица пред затворање поради недостиг на финансиска поддршка

Затворањето на овој Дневен центар не е само губење на институција, туку ризик да се врати генерациски циклус на сиромаштија и маргинализација на децата кои имаат потреба од стручна поддршка и грижа, истакнуваат од Центарот во дописот испратен до премиерот Христијан Мицкоски.

Дневниот центар за деца на улица, кој веќе 19 години успешно работи на социјализација и заштита на најранливите деца, се соочува со сериозна закана по своето постоење поради административни пречки и недостиг на финансиска поддршка од Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Стручниот тим на Центарот, кој е лиценциран давател на социјални услуги, веќе трет месец работи без финансиска поддршка. Оттаму истакнуваат дека и покрај повеќекратните обраќања и писма до надлежните институции, не добиле одговор.

Центарот, кој досега помогнал на над 600 деца, спречил 255 малолетнички бракови и вработил 230 младинци, останува без финансиска поддршка заради задоцнето даночно уверение од  Управата за јавни приходи. Иако документот за даноци бил побаран во законски предвидениот рок, истиот бил издаден дури на 3 јануари 2025 година, поради што Министерството за социјална политика, демографија и млади ја отфрлило нивната апликација. Стручниот тим досега повеќе пати работел без надомест, само за да го одржи континуитетот на работа и да спречи децата да се вратат на улица.

– На 24.12. 2024 година Министерството распишаЈавен конкурс за доделување средства за социјални услуги. Се пријавивме и во предвидениот рок ја доставивме пропишаната документација, со исклучок на Уверението за платени даноци кое го издава Управата за јавни приходи (понатака: УЈП), а издавањето на истото го побаравме на  25. 12. 2024 година во рамките на рокот за аплицирање, за што го известивме Министерството. УЈП уверението ни го издаде  на 3.1.2025 година кога и го приложивме до Министерство. Значи, од објективни причини (друг орган го издава уверението) бараниот документ е доставен на истиот ден на кој е издаден. На 29.1. 2025 година од страна на Комисијата за обезбедување на средства за социјални услуги од општините и други даватели која функционира во рамките на Министерството сме известени дека нашата пријава не е воопшто земена во разгледување, бидејќи недостасува наведениот документ, објаснува координаторката и едукаторка, Ирена Велкоска.

Оваа услуга – Дневен престој на деца во ризик  – ја даваат две организации во Македонија, и истите се наоѓаат во Шуто Оризари а се лиценцирани даватели на социјална услуга од страна на Министерството.

– Министерството треба да го зголемува бројот на вакви центри, а не да затвора докажани институции кои директно влијаат врз превенцијата на сиромаштијата и социјалната исклученост на децата. Секое затворање на ваков центар значи враќање на децата на улица и поништување на години градена грижа и поддршка, додава Велкоска.

Загрижувачки е фактот дека со престанокот на работата на Центарот, децата повторно ризикуваат да останат на улица, лишени од суштинска социјална, психолошка и педагошка поддршка. Центарот не само што работи директно со децата, туку обезбедува и поддршка за нивните семејства, помагајќи им во стекнувањето работни вештини и социјална интеграција.
Затоа, од Центарот апелираат надлежните институции да ја преиспитаат одлуката и да најдат начин да биде задржан  континуитетот во работата, истакнувајќи дека интересот на децата треба да биде примарен.

Јасно е дека затворањето на оваа установа ќе има далекусежни негативни последици врз децата и нивните семејства кои години наназад добиваат неопходна поддршка токму од овој Центар.

– Затворањето на овој Дневен центар не е само губење на институција, туку ризик да се врати генерациски циклус на сиромаштија и маргинализација на децата кои имаат потреба од стручна поддршка и грижа, истакнуваат од центарот во дописот испратен до премиерот Христијан Мицкоски.

Во изминатите 19 години низ овој Центар помош и поддршка добиле 582 деца. Во овој период,  389 деца имаат завршено основно училиште, а во средното образование се запишале и го завршиле 30 ученици. Вработени се 230 младинци, а во претходните три години работно ангажирани се 53 родители.
– Во некои периоди од своето постоење, а со цел да го одржи континуитетот на работа со децата и во интерес на децата, стручниот тим и по неколку месеци работел без надомест со цел децата да не се вратат повторно на улица. Но, тука не се само децата кои редовно доаѓаат кај нас, туку помош и поддршка добиваат и семејствата – советувања, упатувања, храна и облека, здравствена заштита, лична документација, работна интеграција, итн.  Преку овие активности се подигаат родителските капацитетити и економски се зајакнува семејството – потенцира Велкоска која речиси две децении ги движи резултатите и промените кај оваа целна група.  

Анета Ристеска

Напишете коментар