Доза вести

„Синедејс“ нуди кино од птичја перпсектива

Време на читање: 3 минути
- банер -

Со слоганот „Од високо подобро се гледа“, од 7-ми до 14-ти јули ќе се одржи 21. издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“.

Фестивалот ќе прикаже над 50 филмови и ќе се одржи на крововите на ГТЦ и Домот на култура на градежните работници „Кочо Рацин“, како и во Музејот на современа уметност, авто киното на Водно, во паркот МКЦ, во Кинотека како и во киното „Милениум“.

-Околностите на изминатите три изданија на фестивалот нè принудија да го извадиме платното од неговата предвидлива позиција и да го истражиме градот. Годинава ќе видиме како изгледа кино од високо, кино на кров, како симболика на нашите големи и високи фестивалски амбиции. Изборот ни се крововите кои можат да соберат доволно публика за филмско прикажување и од каде ќе се ужива во панорамата на Скопје – изјави Маргарита Арсова, програмска уредничка на „Синедејс“.

„Синдедејс“ ќе го отвори премира на македонскиот долгометражен филм „Мими“ во режија и по сценарио на Даријан Пејовски.

Во краткиот опис за филмот пишува: Мими ги напушта своите родители, и болното минато од родното место, за да студира во Скопје. Ја запознава Сара – млада мајка со богат но насилен сопруг. Работејќи во киоскот на вујко ѝ, и како бебиситерка за Сара, Мими копнее по единственото што не може да го има – мајчинството.
Улогите ги толкуваат: Наталија Теодосиева, Тамара Ристоска, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Владимир Петровиќ, Стефан Спасов и други. Филмската екипа ја сочинуваат и: камерата е на Дејан Димески, сценографијата е на Игор Тошевски, Емилија И.Атанасовска е костимографка, Ива Куробаса – шминка и фризура, Александар Пејовски е автор на оригиналната музика, монтажата е на Владимир Павловски и дизајнот на звукот на Игор Поповски. Продуцент на филмот е Томи Салковски, а копродуценти се Дамир Терешак и Марко Јакимовиќ. Филмот е копродукција на „Скопје Филм Студио“ со „Maxima film“ од Хрватска и „Giggling goat production“ од Црна Гора. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, ХАВЦ – Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот центар на Црна Гора.


- банер -

На програмата на „Синедејс“ се и неколку нови филмови со македонски продуценти и автори.
Така, дел од авторската екипа на „Медена земја“, ќе има премиери на два документарни филмови – „Планета на овците“, во кој копродуцент е Атанас Георгиев, како и краткометражниот „Соло Мод“ на режисерката Тамара Котевска и кинематограферот Фејми Даут.

Повеќе за „Планета на овците“ на овој линк.

На 8-ми јули во Паркот во МКЦ, ќе се одржи македонската премиера на „Соло Мод“. Станува збор за независен краткометражен филм инспириран од COVID 19. Снимен e во 2020 година за време на рестриктивните мерки и строгиот карантин, со актерска екипа сочинета од едно вистинско четиричлено семејство и многу мала филмска екипа. Дејствието на филмот се одвива за време на пандемијата – еден загрижен сопруг и татко креира игра со цел да ги засили врските во семејството и да ги заштити своите најмили, но набрзо тоа се претвора во „игра за еден“.

Главните улоги ги толкуваат Александар Микиќ, Весна Микиќ, а за прв пат на филм се појавуваат Иво Микиќ, Ена Микиќ, Павлина Димеска и Гоце Димески.

Филмот го снимаше Тамара Котевска заедно со Фејми Даут, кој работеше и на колор корекција. Монтажата е на Мартин Иванов, дизајн на звук Дарко Спасовски, додека како продуценти се потпишуваат Тамара Котевска и Илија Тирицовски. Извршни продуценти се Пеце Талески, ОХО Продукција за Македонија и Ана Хашми, The Corner Shop за САД, а ко-продуцент на филмот е Зејнеп Атакан, Zeyno Film од Турција. „Соло Мод“ е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија.

Затворањето на фестивалот пак, е со филмот „Нема да си сама“ на Горан Столевски, кој имаше премиера на „Санденс“. Во главните улоги се нашата Сара Климоска и светски познатата актерка Номи Рапас.

Напишете коментар