Зачувување на природата и негување на природните капацитети на планетарно ниво е темата на новиот документарен филм „Планета на овците”, чиј копродуцент, Атанас Георгиев, беше еден од авторите на успешниот и наградуван „Медена земја“. Премиерата ќе се одржи оваа сабота, на 9-ти јули во 20.30 часот во Летно кино во Кинотека во Скопје, во рамки на фестивалот на европски филм „Синедејс“.
Филмот е во режија на германскиот документарист Марвин Енхолт, а е реализиран во копродукција меѓу германската продукциска куќа „Berlin producers“ и македонската продукција „Trice Films“.
„Раскажан низ хумор и топлина, овој документарец ја истражува нераскинливата 11 000 годишна врска меѓу човекот и овцата, која според оваа документарна нарација, е животно кое воопшто не треба да биде потценето, нити да се користи за подбив. Сниман низ различни краеви на светот, од Кина, преку Германија, Сардинија, Македонија, Етиопија, Шпанија и Шкотска, овој филм прави длабока анализа на битноста на постоењето на овцата и нејзината корелација со човекот, во секаква смисла: историска, социјална, економска, научно-истражувачка, митска, епска или архетипска. Би било ли човештвото таму кај што е денес, доколку не би биле овците?“, велат од продукцијата.
Копродукцијата е реализирана со поддршка на македонската Агенција за филм, а Trice Films е продукција зад која стојат наши значајни документарни филмови, кои имале сериозен импакт во светската документаристика, меѓу кои: „Медена земја“, „Avec L’Amour“, „Плати и жени”...
Влезниците за проекцијата се бесплатни.
„Синедејс“ ќе се одржи од 7-ми до 14-ти јули ќе се одржи, под слоганот „Од високо подобро се гледа“. Фестивалот ќе го отвори премира на македонскиот долгометражен филм „Мими“ во режија на Даријан Пејовски, а на програмата е и уште едно остварување од членови на авторската екипа на „Медена земја“. Режисерката Тамара Котевска и кинематограферот Фејми Даут, на „Синедејс“, на 8-ми јули ќе имаат македонска премиера и на краткометражниот филм „Соло Мод“.
Повеќе за „Синедејс“ на овој линк.