Поправките намалуваат отпад и се добри за џебот! / Интервју со Ирина Јаневска од „АРНО“, основачка на „Ништо ново“

Поправките се и споделување знаење, споделување простор, алати, ама и дружба. Нам тоа ни е водечката мисла, дека ова е простор за сите, и нови и постари генерации, и некој што не фатил игла или зашрафил нешто, и некој подготвен од чаша да направи ламба, вели за концептот на „Ништо ново“ Ирина Јаневска, иницијаторката на новоотворениот центар
Анета Ристеска
Ирина Јаневска и тимот на АРНО ја претворија визијата во реалност отворајќи го првиот центар за поправки во Скопје, „Ништо ново“. Ова не е само простор каде што граѓаните можат да ги поправаат своите предмети, туку е и симбол на една подлабока филозофија – да се намали отпадот, да се практикува циркуларна економија и да станеме свесни за потрошувачките навики. Поттикната од сеќавањата на нејзиниот татко, инженер, кој од стари предмети создавал нови, Јаневска ја пренесе оваа вештина во мисија, која има цел да го промени начинот на кој размислуваме за сопственоста и употребата на предметите.
„Ништо ново“ е повеќе од име. Тоа е движење што ја предизвикува прекумерната потрошувачка и ги охрабрува луѓето да ги ценат поправките како начин на живот. Во ова интервју со Ирина Јаневска, претседателката на АРНО, ја истражуваме инспиративната приказна зад центарот, предизвиците со кои се соочија и визијата за иднината на одржливоста во регионот.
Центарот „Ништо ново“ е посветен на вашиот татко, инженер, кој поправал стари предмети. Како неговата филозофија влијаеше на вашата визија за АРНО и за овој центар и кои се најважните лекции што ги пренесувате на новата генерација преку оваа иницијатива?
Не знам дали татко ми додека беше жив размислуваше повеќе за животната средина или за штедење (малку ќе се пошегувам сега, дома често викавме дека „тетoвската жичка си работи“, сè мора да се штеди). Тој беше инженер и неговата главна преокупација беше прво да сфати како работат нештата, а потоа, ако не работат, да се обиде да ги поправи. Знаеше и да пренаменува работи – имавме правосмукалка, која имаше проѕирен дел, и кога се расипа до степен да е непоправлива, не знам што го инспирираше, но тој проѕирниот дел го направи саксија, во која имаше некоја билка. Мене ми изгледаше толку бизарно, што му се чудев и се смеев, ама тој беше горд и по некое време и ние се навикнавме на неговите изуми. Немав класичен татко, ако на другите деца им купуваа креветчиња на кат, мојот татко од метални цевки од нешто што работел на терен, сам направи кревети на кат. Од скоро станав свесна колку сум поинаку растена. Особено откога го нема, кога гледам три часа упатство како да поправам нешто сама, или да чекам мајстор две недели.
Лекцијата за штедење и екологија не ја повторувам, јасно ни е на сите. Поправките го намалуваат отпадот и се добри за џебот. Но, креативноста е интересна. Инженерскиот ум е креативен ум. И ако некој има потенцијал за таков начин на размислување, треба да се охрабри за тоа. Поправките се креативност.
Искрено, морам да си кажам дека има и друга страна во приказната – татко ми на балкон од 20 квадрати на четврти кат во станбена зграда, собираше сè и сешто за „да се најде/да се поправи/ќе затреба“…Го отворивме „Ништо ново“ за сите со хоби за поправки да доаѓаат и да го користат како свој простор. Да беше со нас Јанко (татко ми), мислам дека немаше да се помрдне од центарот и дома ќе го ослободевме балконот. Поправките се и споделување знаење, споделување простор, алати, ама и дружба. Нам тоа ни е водечката мисла, дека ова е простор за сите, и нови и постари генерации, и некој што не фатил игла, или зашрафил нешто, и некој подготвен од чаша да направи ламба.
Во време кога прекумерната потрошувачка е во пораст, а производите се дизајнирани да траат пократко, како „Ништо ново“ излегува на крај со предизвикот да ја промени свеста на луѓето и да ги мотивира да инвестираат време и труд во поправки?
Во октомври 2024 година, иако „Ништо ново“ сè уште не беше официјално отворен, се придруживме на светската кампања по повод Светскиот ден на поправки. Кампањата беше под слоганот „Поправки за сите“, но дојде со неколку силни пораки. Една од нив гласеше: „Најдобриот тостер е тој што веќе го имаш“. Поракава толку силно се поврза со нас што ја избравме како водечка во целата комуникација.
Со „Ништо ново“ сме уште на почеток. Не сакаме да бидеме ни премногу радикални, ни премногу меки — го бараме нашиот глас. Засега, гласно и јасно кажуваме дека поправките се форма на превенција од отпад. Дека тостер од 1 000 денари не е „евтин“, особено ако стариот може да се поправи. Затоа што тој нов тостер чини многу повеќе од парите: зад него стои евтина работна сила, ископани нови ресурси, експлоатирана планета… А никој не ја пресметува цената што доаѓа подоцна — кога тостерот ќе заврши како отпад. Колку чини здравјето?
Исто така, внимаваме кои економски теории ги пренесуваме. Учиме и ја споделуваме т.н. „Крофна економија“ (ние ја нарекуваме „Ѓеврек економија“). Според оваа рамка, треба да се внимава со рециклирањето – бидејќи и тоа троши ресурси и пари. Треба да се внимава на границите на планетата, но и на инклузивноста. Поправките, изнајмувањето, споделувањето – се многу поблиску до одржливост од идејата за купување ново.
Центарот е дел од пошироко регионално движење за циркуларна економија. Кои се најголемите разлики и сличности во пристапот кон одржливоста во земјите од Западен Балкан и кои се клучните предизвици за негово пошироко прифаќање?
Не се повикувам на истражување, зборувам од лично искуство и чувство – мислам дека земјите од Западен Балкан повеќе или помалку се движат со слично темпо кога станува збор за циркуларната економија. Во ЕУ е сосема поинаку: таму има напредна практика, особено во приватниот сектор, и самата дискусија за циркуларноста е позиционирана „горе“ – во корпоративниот свет и регулативите. Кај нас, на Балканот, повеќе се чувствува „од долу нагоре“.
Тоа што (нам во АРНО) особено нè инспирира се малите, локални приказни. Преку нашиот натпревар „Зелени идеи“, запознавме многу сјајни примери. На пример, во Крагуевац постои социјално претпријатие што вработува лица со попреченост и од хартијата од пакувањата од цигари создава нова – рачно изработена хартија. Во Босна и Херцеговина, преку истражување за еден наш тековен проект, дознавме за Maja Халиловиќ, која се занимава со иновативни органски материјали, како што е SCOBY – симбиотска култура од бактерии и квасец. Од неа се добива уникатен биоматеријал, сличен на кожа, што може да се користи за облека, мебел итн. Овие иницијативи покажуваат дека циркуларноста на нашиот простор има лик, има име и презиме – често тоа е тим млади луѓе, жена, локален мајстор, заедница што со малку ресурси прави многу, сега и здруженијата се во таков обид (имаме тековна Академија за циркуларна економија за граѓански организации). Предизвик е да се добие системска поддршка, да се препознае вредноста на овие решенија и да се функционира во море на регулативи (кои треба да се оперативни во нашата реалност).
Конкретно за центарот, предизвик за неговото функционирање се навиките – треба да ги мотивираме граѓаните прво да се обидат да поправат нешто пред да го фрлат. Тоа не значи само да го донесат на сервис. Ние не сме класичен сервис каде што оставате предмет и по една недела го подигнувате поправен. „Ништо ново“ е место за учење вештини. Предизвикот е и тоа што сме мали – и по квадратура, и по капацитет. Немаме мајстори што се постојано тука, туку работиме со тематски работилници.

Несомнено, знаеме дека постојат и тешкотии со производителите, кои не го поедноставуваат поправањето на нивните производи, ниту ги намалуваат високите трошоци за поправки. Како планира АРНО да се залага за промени во политиката и да ја подигне свеста за „правото на поправка“ кај потрошувачите и креаторите на политика?
Од април 2025 година станавме членка на европската мрежа RREUSE, и преку неа учиме многу за актуелната политика поврзана со поправките и циркуларната економија. Искрено, фрустрирачки е кога ќе споредиме: во некои европски држави поправките се субвенционирани – на пример, кога посетив еден сличен центар за поправки во Виена, ми рекоа дека државата покрива дури 50 проценти од трошоците за поправка. А кај нас? Кај нас уште ни се чудат – мислат дека ова со поправките е некаква форма на активизам или хоби. А, всушност, ова е сериозна тема и глобален проблем.
Планот за АРНО и „Ништо ново“ е да се приклучиме на светските кампањи поврзани со правото на поправка затоа што тоа е движење што расте и се бори на повеќе фронтови: за дигитални пасоши на производите, кои ќе содржат и информации за поправки, за фер дизајн на уредите (каде што батериите, компонентите, не се намерно запечатени или тешко достапни), за производи што не се расипуваат веднаш по истекот на гаранцијата.
АРНО не е голема организација – мали сме, но подготвени сме сите тие пораки, искуства и добра практика од светот да ги донесеме тука и да ги приспособиме на наш контекст. Наша цел е да го подигнеме нивото на свест кај граѓаните, но и кај креаторите на политика, за да се разбере дека правото на поправка е и еколошко и економско и општествено прашање.
Гледајќи во иднината, каква е вашата визија за „Ништо ново“ и неговото влијание врз заедницата и пошироко? Дали планирате да го проширите концептот и кои се вашите најголеми надежи за иднината на одржливоста во Македонија?
Во моментов, нашата главна цел е да изградиме заедница – не само преку поправки и учење вештини, туку и преку споделување вредности. Во „Ништо ново“ имаме мало концептуално продавниче каде што ги изложуваме екопроизводите на македонски зелени и социјални претпријатија. Сакаме тоа продавниче да расте.
Имаме и станица за надополнување – место каде што граѓаните ќе можат да точат средства за домаќинство, како што се детергенти, без пластична амбалажа, поевтино и од локален производител. Сакаме за ова да најдеме покровител, кој ќе застане зад идејата.
Покрај тоа, „Ништо ново“ нуди и алати и машини за изнајмување – работи што ретко се користат, па зошто да се купуваат или да се моли соседот? Кај нас ќе може да се изнајми хефталка, парна пегла, косачка… преку членство, со симболична цена. Бараме спонзор, идеално од осигурителна компанија, бидејќи многумина не веруваат дека алатите ќе се враќаат – а ние сакаме да ја изградиме таа доверба.
Нашиот сон е да растеме – и во квадратура, и во капацитет. Да имаме простор каде што луѓето ќе можат да донесат и остават стар мебел и апарати, да постои зона за поправка, изложбен простор, продавничка, кафуле, ботаничка градина и место за работилници со сите зелени претпријатија што сме ги поддржале. Гледаме како во регионот стари фабрики и напуштени објекти стануваат оази на циркуларна економија и екозаедници – и ние сакаме да бидеме дел од таа мапа.
