Постојниот економски модел не донесе посакувани резултати, време е за радикални промени!
КАПИТАЛИЗМОТ ШТО ГО ПОЗНАВАМЕ Е МРТOВ, ПОТРЕБЕН Е НОВ И ПООДГОВОРЕН СИСТЕМ. ОПСЕСИЈАТА СО ПОСТИГНУВАЊЕ МАКСИМАЛЕН ПРОФИТ ЗА СВОИТЕ АКЦИОНЕРИ ДОВЕДЕ ДО НЕВЕРОЈАТНА НЕЕДНАКВОСТ ВО ОПШТЕСТВОТО И ДО ГЛОБАЛНА КЛИМАТСКА КРИЗА“ - БЕШЕ ПОРАЧАНО НА ГОДИНЕШНИОТ, 50. ПО РЕД СВЕТСКИ ЕКОНОМСКИ ФОРУМ КАДЕ ШТО БЕШЕ ПРОМОВИРАН И НОВ МАНИФЕСТ СПОРЕД КОЈ ЦЕЛТА НА КОМПАНИИТЕ НЕ Е ДА ИМ СЛУЖИ САМО НА АКЦИОНЕРИТЕ, ТУКУ НА СИТЕ ЗАСЕГНАТИ СТРАНИ: ВРАБОТЕНИ, КЛИЕНТИ, СНАБДУВАЧИ, ЛОКАЛНИ ЗАЕДНИЦИ И ОПШТЕСТВОТО ВО ЦЕЛИНА
Во контекст на Агендата за одржлив развој 2030 година, неопходно е да го негуваме развојот на социјалните претпријатија како ефективна алатка во трансформирањето на светот и на економијата. Нив треба да ги гледаме како основа за локален развој, која ги регенерира и развива локалните области преку нови работни места, мобилизација на локалните ресурси и капацитети, управување на ризиците и реинвестирање на остварениот профит
Најмалку половина милијарда граѓани ќе бидат во сиромаштија по кризата настаната поради ковид-19, а економскиот прогрес ќе се врати три декади наназад, предвидуваат Обединетите нации. Ова дополнително ќе ја зголеми и нееднаквоста, но ќе предизвика и дополнително нарушување на човековите права доколку се задржиме на постојниот економски модел. Дури и во економски поразвиените земји, пакетите за намалување на ефектите од кризата нема да стигнат до социјално исклучените. И Меѓународната организација на трудот истовремено предупредува дека пандемијата претставува закана за најмалку 1,6 милијарда работници во неформалната економија, односно за речиси една половина од глобалната работна сила.
Што се случуваше пред пандемијата?
Заеднички создававме резултати, кои, во суштина, никој не ги сака. Светските милијардери заедно поседуваат поголемо богатство од 4,6 милијарди граѓани. Во текот на еден ден жените и девојчињата работат 12,5 милијарди часови неплатена работа. На дневна основа, пак, речиси 800 милиони луѓе гладуваат, а повеќе од две милијарди лица не ги добиваат потребните намирници.
Во исто време предизвикавме многубројни еколошки катастрофи, загуба на биоразновидноста, колапс на многубројни екосистеми, неможност да излеземе на крај со климатските промени. Секоја година во светот умираат по седум милиони лица поради загаден воздух. Светската здравствена организација пресметува дека меѓу 2030 година и 2050 година климатските промени ќе предизвикаат дополнителни 250.000 смртни случаи на годишно ниво од недоволно храна, маларија и од срцеви проблеми. Директните трошоци за здравствениот систем се пресметуваат во износ од две до четири милијарди долари на годишно ниво до 2030 година.
Повеќекратните глобални кризи и сè позабележливите социјални и еколошки последици од економскиот пораст и либерализацијата го зголемија интересот за алтернативно производство и потрошувачка шема, како и потрагата по нови начини за организирање на претприемачките активности.
Рецесијата и финансиската криза што го зафатија пазарот на Европската унија и пошироко во 2008 година ја истакнаа потребата за размислување за нови, различни модели за економски развој. Причината за кризата стручњаците ја идентификуваат во политиката, социјалните и економските процеси, како и во глобализацијата на националните модели на капитализмот и на социјалната заштита, управувањето на Европа и во интелектуални парадигми на општествените модели. Со цел да се надминат последиците од економската и социјална криза, во 2010 година Европската унија ја усвои стратегијата Европа 2020 година, која ја утврдува визијата за европска социјална пазарна економија за XXI век. Таа предлага три приоритети што меѓусебно се надополнуваат: паметен пораст што подразбира развој на економија што се заснова врз знаење и иновации, одржлив пораст – промовирање економија што поефикасно ги искористува ресурсите, што е позелена и поконкурентна и инклузивен пораст насочен кон негување економија со висока стапка на вработеност што обезбедува социјална и територијална кохезија.
Веќе на почетокот на 2011 година социјалните претпријатија станаа дел од агендата на Европската комисија, како нов модел во решавањето на европските предизвици. Во суштина, тие беа одговор на длабочината на економската криза од 2008 година и на намалената доверба во институциите. Во исто време, се разви нов бран општествени и институционални барања, како на пример отвореното писмо на академската заедница „Од зборови до акција: поддршка за кооперативите и за социјалните претпријатија за остварување инклузивна, одржлива и просперитетна Европа“ од 2010 година. Во отвореното писмо од Комисијата се бара ревидирање на постојниот економски модел и надминување на парадигмата дека профитниот сектор и јавните институции се единствените суштински актери и развој на плуралистички пристап што ги препознава различните актери што придонесуваат кон колективните општествени и економски цели.
Потенцијалот на социјалните претпријатија сѐ уште не е целосно искористен, меѓутоа брзиот пораст на разновидните општествени потреби и појавата на многубројни еколошки предизвици ја наложуваат потребата за нивни похрабар развој. Денес, Советот на Европа ги препознава социјалните претпријатија како клучен поттикнувач на економскиот и на општествениот развој на Европа. Социјалната економија се идентификува како европска успешна приказна, која добива сè позначајна и позабележителна улога во зголемувањето на вработувањето и на социјалната кохезија и како клучен актер во Агендата 2030 на Обединетите нации за одржлив развој. Социјалната економија во ЕУ обезбедува повеќе од 13,6 милиони платени работни места, вклучува повеќе од 82,8 милиони волонтери и 232 милиони членови.
Како понатаму?
Меѓународната заедница сè повеќе ја препознава потребата од преиспитување на пристапот што се применува во развојот. Традиционалниот бизнис-сектор го нема потребниот капацитет да ги превенира финансиските кризи, кризите со пристапот до храна, климатските промени, долгорочната сиромаштија и зголемувањето на нееднаквоста. Во контекст на Агендата за одржлив развој 2030 година, неопходно е да го негуваме развојот на социјалните претпријатија како ефективна алатка во трансформирањето на светот и на економијата. Нив треба да ги гледаме како основа за локален развој, кој ги регенерира и развива локалните области преку нови работни места, мобилизација на локалните ресурси и капацитети, управување на ризиците и реинвестирање на остварениот профит. Овие ентитети истовремено и ја прошируваат структурата на локалната економија и на пазарот на труд, притоа адресирајќи ги незадоволените потреби за различни добра и услуги.
Од аспект на развојната агенда, почетокот на 2020 година го одбележа Светскиот економски форум, 50. по ред, јубилеен. Оттаму стигна главната порака: „Капитализмот што го познаваме е мртoв, потребен е нов и поодговорен систем. Опсесијата со постигнувањето максимален профит за своите акционери доведе до неверојатна нееднаквост во општеството и до глобална климатска криза“. Ова беше симболичен чекор кон поодржлив свет и поправеден капитализам. Токму тогаш е промовиран и новиот Манифест 2020: Универзалната цел на компанијата во четвртата индустриска револуција. Според него, целта на компанијата е да соработува со сите засегнати страни во заедничкото и одржливо создавање вредност. А во создавањето таква вредност, компанијата не им служи само на акционерите, туку на сите засегнати страни: вработени, клиенти, снабдувачи, локални заедници и на општеството во целина.
Како одговор на новонастанатата криза предизвикана од ковид-19, Светскиот економски форум иницираше формирање Алијанса за помош на социјалните претпријатија за надминување на последиците. Таа обединува 40 членови на глобално ниво, водечки актери во секторот, кои во моментов обезбедуваат поддршка за повеќе од 15.000 социјални претпријатија, преку кои се обезбедува поддршка за повеќе од 1,5 милијарда лица од повеќе од 190 земји. Досега преку Алијансата е обезбедена поддршка од повеќе од 75 милиони долари за социјалните претпријатија.
Намалување на ефектите од тековната криза преку социјална економија
Според светската Меѓународна организација на трудот, во голем дел од земјите во ЕУ социјалните претпријатија веќе се широко препознаени во стратегиите за намалување на ефектите од тековната криза. Во согласност со ова, оваа организација, во резимето за јавна политика за бизнис ги препознава социјалните претпријатија како витална мрежа на бизнис за поддршка на ранливата и маргинализирана популација. На краток рок социјалните претпријатија можат да бидат инструмент во дистрибуцијата на итната поддршка до граѓаните, особено во области во кои јавните институции немаат развиен пристап.
Обединети нации, пак, уште во 2013 година ја основаа меѓусекторската работна група за социјална и за солидарна економија, чијашто цел е унапредување на забележливоста на претпријатијата на солидарната и на социјалната економија во рамките на глобалното знаење и создавањето политика, истовремено препознавајќи дека овие ентитети се со капацитет да го адресираат економскиот, социјалниот и еколошкиот пристап во одржливиот развој.
Со невидени влијанија врз сите аспекти од животот, ковид-19 ги откри маните на социјалните и на економските системи во земјите и меѓу земјите. Обединетите нации, ја препознаваат иновативноста на актерите и практиката на социјалната и солидарна економија, ефективно придонесувајќи во пополнување на недостатоците во социјалниот и во економскиот систем, вклучувајќи го и здравствениот, ублажувајќи ги негативните ефекти. Солидарноста и довербата во овие ентитети се очекува да бидат фундаментална основа за закрепнување и трансформација од кризата по ковид-19.
Свртеност кон локалното и намалени емисии на јаглероден диоксид
Оваа криза ни покажа дека можеме да бидеме скромни во индивидуалните потрошувачки навики. Емисиите на јаглероден диоксид беа забележливо намалени, а квалитетот на воздухот значително зголемен. Универзитетите соработуваа и разменуваа сетови податоци со една заедничка цел, да дознаеме повеќе за вирусот, да го спречиме неговото ширење и да бидат спасени колку што е можно повеќе човечки животи. Границите беа целосно затворени, а со тоа бевме поттикнати да се свртиме кон локалните ресурси.
Задругите – најотпорни на кризи
Искуствата од претходните кризи покажуваат дека ентитетите на социјалната економија, особено задругите, се поотпорни на кризи кога доживуваат пораст и во однос на членството и во обртот на финансиски средства. Емпириските податоци од едно истражување спроведено од Меѓународната организација на трудот потврдува дека тие имаат капацитет да надминат каква било криза, истовремено одржувајќи ја и егзистенцијата на заедниците во кои работат. Финансиските задруги обезбедуваат солидна финансиска одржливост, потрошувачките задруги имаат зголемен обрт, работничките задруги го зголемуваат своето членство итн. Овој тренд е потврден низ искуствата од повеќе кризи, како таа во Аргентина во 2001-2002 година, како и глобалната финансиска криза од 2008 година, должничката криза во Грција 2009-2017 година. Актерите на социјалната економија ја одиграле и една од клучните улоги во одговор на кризи во јавното здравје како пандемијата со СИДА во Виетнам, одговор на природните катастрофи во Јапонија и во Австралија, како и заздравувањето на општеството по конфликти во Шри Ланка и во Руанда.
Создадена првата Национална стратегија за социјалните претпријатија во земјава
Нефлексибилноста на пазарот на трудот, стапката на сиромаштија, социјалната исклученост, нерамномерниот регионален развој, миграциите на населението, предизвиците со заштитата на животната средина и одржливиот развој сè уште остануваат предизвик за македонското општество, што подразбира и потреба од нов пристап во создавањето на економската и на социјалната политика, кој во центарот на своето дејствување ќе го има поединецот како двигател на промените.
Во оваа насока, минатата година беше создадена првата националната тригодишна стратегија за развој на социјалните претпријатија во земјава, чијашто цел е развој на одржлив екосистем, кој ќе биде поттикнувачки и ќе им даде можност на социјалните претпријатија. Таа предвидува мерки и активности што се групирани во четири стратегиски приоритети како: создавање култура на социјално претприемаштво, развој на капацитетите на социјалните претпријатија и на актерите во екосистемот, развој на пазари и градење финансиски екосистем за овие ентитети.
СЕН ги поврзува македонските социјални претпријатија
Социјалните претпријатија во земјава се интегрирани во Национална мрежа на социјални претпријатија (СЕН), која претставува платформа за комуникација и за соработка, но и за застапување и за унапредување на јавниот имиџ на секторот. Членка е на европската мрежа ДИЕСИС и овозможува размена на добра практика и интерсекторско поврзување на национално и на европско ниво. Денес мрежата има 25 члена.
Искуствата од другите земји во Европската унија потврдуваат дека вмрежувањето и постоењето механизми на поддршка на социјалните претпријатија што се немонетарни се од големо значење за нивното влијание и развој.
(Текстот е објавен во 40. издание на „Лице в лице“, јуни, 2020 година)