Доза вести, Лице в лице

Повик за млади уметници и креативци: Осмели се, инспирирај, промени – Политичкиoт интегритет низ очите на младите

Припаѓаш на генерацијата што не молчи?
Те нервираат оние што сè завршуваат со „врски“? Не си како нив?

Читај понатаму!

Замисли креативност и уметност што не служи само за лајкови. Ни треба уметност што вреска и која e kickass!
Уметност што предизвикува, што го р`чка системот таму каде што најмногу боли. Или, онаму каде што, навидум, „никој не го боли…“
Уметност што кажува: „Гледаме. И нема да престанеме да бараме одговорност.“ Ако веруваш дека твојата визуелна креација може да стане глас на младите, овој повик е токму за тебе.

ТЕМА НА ПОВИКОТ

Создади визуелно дело (илустрација, постер, дизајн, дигитален колаж, дигитална графика, или друг креативен дигитален медиум) во А3 формат, кое:

  • го прикажува влијанието на корупцијата врз нашето секојдневие;
  • ја разоткрива врската помеѓу политичката моќ и одговорноста;
  • мотивира граѓани, особено млади, жени и малцинства, да бараат транспарентност и отчетност;
  • ја претвора комплексната тема на политички интегритет во визуелна порака што секој може да ја разбере.

Сакаме дела кои се храбри, провокативни, инклузивни, оригинални.
Создади визуелно дело што „вреска“ против корупцијата, што ја демистифицира моќта, што покажува зошто (политичкиот) интегритет е кул, важен и неопходен и зошто ни се важни принципите на транспарентност и отчетност и како тоа ќе го подобри нашето секојдневие.

Направи дело што ќе ги натера луѓето да застанат и да размислат. Ова е покана да направиш нешто што остава трага.
Да искажеш нешто што ретко кој го „нацртал“ а сите треба да го чујат.

ЗОШТО ДА СЕ ПРИЈАВИШ?

Твоето дело има можност да стане дел од јавна групна изложба.
Ќе придонесеш твојот глас да стигне до пошироката јавност, и да инспирира медиуми, граѓани, институции.
Ќе бидеш дел од креативно движење што гради нова култура на интегритет, транспарентност и отпорност кон корупцијата.

Трите најдобро оценети дела ќе добијат награди:
🥇 Прво место: 200 €
🥈 Второ место: 100 €
🥉 Трето место: 50 €.

КРИТЕРИУМИ ЗА ИЗБОР

Овој повик е за младите!
Право на учество имаат сите полнолетни креативки/ци и уметнички/ци на возраст до 29 години. Комисијата на „Лице в лице“ и „Транспатенси Интернационал Македонија“ ќе ги оценува делата според:

  • креативност и оригиналност (30 поени)
  • комуникациска сила на пораката и релевантност кон темата (30 поени)
  • визуелен квалитет (20 поени)
  • инклузивен пристап (жени, младински перспективи, малцинства) (20 поени)

КАКО ДА СЕ ПРИЈАВИШ?

Прати ни мејл на [email protected], со назнака Повик за уметници во кој ќе го видиме:
Твоето дело во висока резолуција (најмалку 300 dpi, во формат 50 x 70 cm, во JPG/PNG или линк за преземање)
Краток опис (до 200 зборови) кој ќе ја опише твојата идеја, инспирација и пораката што ја пренесува
Твоите контакт информации (име, возраст, град, телефон и е-пошта)

Задолжително е во мејлот да ги има сите овие три елементи.

Рок за пријавување: 15.12.2025

Твојата уметност може да стане глас на цела генерација.
Покажи дека младите имаат што да кажат.
Осмели се. Инспирирај. Промени.

Овој повик е изработен во рамките на проектот „Лице в лице со интегритетот – Мобилизирање на граѓаните и медиумите за политички интегритет во Северна Македонија“, кој се спроведува со финансиска поддршка од Европската унија и е подгрант на „Integrity Watch in the Western Balkans and Turkey: Civil society combating corruption with political integrity data“. Содржината на овој повик е единствена одговорност на „Паблик“ и во ниеден случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Транспаренси Интернешнл – Македонија или на Европската унија.

Илустрации: Натали Китаноска

Напишете коментар