Престојот во природа лекува
ОДГОВОРИТЕ НА ТОА КАКО РАСТЕНИЈАТА И ДРВЈАТА ФИЗИОЛОШКИ ВЛИЈААТ НА НАС СЕ МНОГУ ЕДНОСТАВНИ. ГУШКАЊЕТО ИЛИ ДОПИРАЊЕТО ДРВЈА НИ ГО ЗГОЛЕМУВА НИВОТО НА ОКСИТОЦИН, ХОРМОН ОДГОВОРЕН ЗА ЧУВСТВОТО НА МИР И ЕМОЦИОНАЛНАТА ПОВРЗАНОСТ. ВО ИСТО ВРЕМЕ ОСЛОБОДУВАМЕ СЕРОТОНИН И ДОПАМИН, ХОРМОНИ ШТО ПРАВАТ ДА СЕ ЧУВСТВУВАМЕ ПОСРЕЌНИ. ДОКАЖАНО Е ДЕКА ПРЕСТОЈОТ ВО ПРИРОДА ВЛИЈАЕ И НА НАШЕТО РАСПОЛОЖЕНИЕ. ИСКАЧУВАЊЕ НА ВРВ ИЛИ ОТКРИВАЊЕ НОВО ПОДРАЧЈЕ ПОМАГА И ВО ЗАСИЛУВАЊЕ НА САМОДОВЕРБАТА
Сигурно некогаш сте ја слушнале изреката: Најдобрите доктори се сонце, вода, чист воздух, активност и одмор. Многу е интересно што за болестите на 21 век предизвикани од модерниот начин на живот современата медицина се враќа кон старата практика и препорачува престој во природа. Ова го тестирав на себе и потврдувам дека дејствува.
Често патувам и времето со семејството го надоместуваме во природа. Дружбата во природа го поврзува семејството многу поинтензивно. Минатата година ми беше особено тешка на професионално поле. За најкомплексните проблеми често решенијата се многу едноставни, само треба да се вратиме кон основите, од таму од каде што потекнуваме, природата. Така си ветив дека секоја недела ќе посветам еден ден во празнење на акумулираната негативна енергија на планина. Терапијата беше едноставна: природа секој викенд, некогаш сама, некогаш со семејството, а некогаш и со друштво. Во тишината на природата почнав да ги слушам своите мисли. Во природата сè се случува циклично и поврзано, така е и во животот. По ноќ доаѓа ден, по дожд изгрева сонце, па дури и детето кога ќе падне велиме истреси се и стани. Се потсетував редовно дека тоа е само период што ќе помине и на тој начин ги полнев батериите за да ја почнам новата недела позитивно и со нова енергија. Комбинацијата од физичка активност и чист воздух е одлична терапија за телото и за духот. Престојот во природа овозможува да нема пречки во размислувањето и се отвораат нови хоризонти. Целата таа симфонија на пејзажи, звуци или, едноставно, тишината што те опкружува овозможува да се фокусираш комплетно и донесувањето решенија оди многу полесно.
Екотерапија е процесот преку кој ние се лекуваме преку дејството на природата. Отворениот простор помага да ја видиме поголемата „слика”, да не ја полниме душата со горчина, да ги прочистиме мислите и со леснотија да минуваме низ проблемите. Преку престој во природа, во тишина и во почиста околина го намалуваме стресот со сите последици што ги носи.
Дендротерапија е стручното име на терапијата што вклучува прошетки во природа, односно во шума – колку подалеку од цивилизацијата, толку подобро. Секое дрво зрачи со различна енергија. Така, на пример, дабот ја подигнува енергијата, борот ги прочистува дишните патишта, елката е антидепресив, а багремот орасположува, особено во периодот кога цвета. Без разлика дали верувате или не во способноста на дрвјата и на растенијата да ја пренесуваат својата енергија, сигурно ќе се согласите дека барем еден час поминат во природа ве ослободува од насобраниот стрес.
Одговорите на тоа како растенијата и дрвјата физиолошки влијаат на нас се многу едноставни. Гушкањето или допирањето дрвја ни го зголемува нивото на окситоцин, хормон одговорен за чувството на мир и на емоционалната поврзаност. Во исто време ослободуваме серотонин и допамин, хормони што прават да се чувствуваме посреќни. Докажано е дека престојот во природа влијае и на нашето расположение. Искачување на врв или откривање ново подрачје помага и во засилување на самодовербата.
Дрвјата, како и сите растенија, имаат способност да ги апсорбираат хранливите материи, водата од почвата и светлината и ги трансформираат во храна. Според тоистичката теорија дрвјата стојат најмирно меѓу сите растенија и поради тоа најдобро ја апсорбираат енергијата на земјата и универзалната сила од небото. Истото го прават и со енергијата што ја ослободуваме ние кога престојуваме во природа. Основната илустрација за јогин е човек како медитира под дрво и тоа не е случајно.
Поврзувањето со природата и престојот во неа носи многу здравствени бенефити. Преку планинарење, пешачење, велосипедизам, алпинизам и, општо, преку престој во природа ја зголемуваме физичката активност со што ја подобруваме нашата општа здравствена состојба. Одењето неколку часа на планина ги полни батериите како што не може да ги наполни кој било друг одмор.
Македонија е планинска земја и изобилува со природа, која е далеку од населените места и е ретко посетена, што е веќе вистинска реткост во Европа. Престојот во неа како терапија е дел од алтернативната медицина и во моментов е во подем. Последниве десет години забележувам огромен пораст на љубители на природата. Овие луѓе допрва ќе раскажуваат за позитивните ефекти и дополнително ќе ја актуализираат природата како најдобар доктор.
Решете се да излезете од дома и одете на прошетка во природа! Следниот пат кога ќе сакате да се прошетате низ шумата, не заборавајте да викате, да плачете, да се смеете и да чувствувате сѐ во исто време! Најважно од сѐ, не заборавајте да истражувате. Чувството на задоволство ќе ве направи зависни да се вратите и следниот викенд.
(Авторката е планинарка, шумарски инженер и директорка на CNVP, организација за поврзување на природни вредности и луѓе)